Од 24-те патеки во Формула 1 календарот, Монте Карло е најтешката за престигнување од сите. Со сегашните Формула 1 болиди, речиси е невозможно да се престигне ривал на патеката, особено ако тие немаат никакви проблеми.
Затоа, квалификациите, стартот и стратегијата се од витално значење. За да постигнете добар резултат во квалификациите, клучно е да имате три добри тренинг сесии, со многу возење, со секој круг поблиску до заштитните бариери.
Пирели ги донесе трите најмеки смеши, C3, C4 и C5 во улогата на бели, жолти и црвени пневматици.
На почетокот на тренингот повеќето возачи се решија за белите гуми, освен Пјастри и Ферстапен, кои избраа жолти.
Традиционално, сообраќајот е проблем за сите. Хамилтон и Саинц Јр. ја пресекоа шиканата на излезот од тунелот без никакви последици по болидот.
На барање на инженерот, Гасли се врати во својата гаража, бидејќи телеметријата забележала неправилна работа на Рено ПЕ. Французинот изгуби многу драгоцено време поради проблеми со турбината.
Пјастри ја допре бариерата покрај 15-от свиок, но болидот не беше оштетен.
Во 47-та минута се појавија црвени знамиња. Џоу Гуанју удри во заштитната бариера на излез од првиот свиок, ја покри патеката со карбонски остатоци, па сесијата мораше да биде прекината.
Чарлс Леклер помина низ остатоците, оштетувајќи го подот на неговиот СФ-24. По кратка пауза, возачите се вратија на патеката.
По црвеното знаме и согледувајќи го ризикот за попладневен дожд, тимовите решија да ги наполнат болидите со гориво за да можат нивните возачи да извозат кратка десетминутна симулација на трка.
Затоа, редоследот на табелата не се промени со самиот финиш на сесијата. Луис Хамилтон остана на врвот, со Пјастри на второто место, пред Џорџ Расел и Ландо Норис.
Чарлс Леклер беше петти најбрз на жолтите пневматици, веднаш пред двата возачи на Астон Мартин, со Алонсо шести и Ленс Строл седми.
Следуваат возачите на РБ, со Цунода на осмо и Даниел Рикиардо на деветтото место. Карлос Саинц Јр. го комплетираше поредокот на најбрзите 10 возачи во кој немаше место за ниту еден од двата болиди на Ред Бул. Тие и Ферари не ги употребија најмеките гуми.
Останува да видиме дали дождот ќе се појави на вториот тренинг, закажан за 17:00 часот по македонско време, или пак возачите ќе можат повторно да возат во нормални услови.
ПРИЈАВЕНИ НОВИТЕТИ ОД Ф1 ТИМОВИТЕ