Оскар Пјастри го имаше најбрзото време на последната тренинг сесија за Големата Награда на Емилија Ромања, која практично заврши 5 минути предвреме поради излетувањето на Серџо Перез.
Инцидентот на Мексиканецот доведе до развејување на црвените знамиња и спречи многу фаворити да го завршат брзиот круг со црвените гуми.
Единствен кој успеа да се подобри беше Ландо Норис во вториот болид на Мекларен, со што се издвоија како фавориот за пол позицијата.
Карлос Саинц Јр. беше трет, а Чарлс Леклер веднаш зад него со четвртото најбрзо време. Ред Бул, иако го среди до одреден степен однесувањето на РБ20, сепак изледа немоќно на патеката.
Девет од десет тимови донесоа нови елементи за своите болиди на првата европска трка од сезоната, викенд кога можеа "на раат" да работат со нив на тренинг сесиите.
Најобемните надградби ги имаа тимот на Ферари и Астон Мартин, а Чарлс Леклер самоуверено беше во водство во петокот.
Трибините беа преполни со навивачи во црвено, кои беа задоволни од ваквиот однос на силите.
Не успеаја сите да ги разберат новите надградби, вклучително и лидерот во шампионатот Макс Ферстапен, а на саботниот тренинг работата продолжи, со акцент на квалификациите.
Во првата серија на кругови, Ферари веднаш ги избра црвените гуми, па Леклер го имаше најбрзото време со 1:16.281, но Ферстапен заостануваше само десетинка на жолтите. Потоа Саинц Јр. возеше уште побрзо, 1:16.067.
Со 35 минути до крајот на сесијата, Фернандо Алонсо удри со својот болид во заштитните бариери, со полна брзина, во последниот свиок. Шпанецот се извини на тимот, сам го остави оштетениот болид и отиде на преглед во медицинскиот центар.
Сесијата беше прекината, а механичарите на Астон Мартин ќе мора да работат напорно за да го вратат болидот на квалификациско ниво. Ударот беше сериозен.
На шест минути пред крајот на сесијата, Оскар Пјастри го надмина времето на Саинц со импресивна половина секунда предност, а Серџо Перез излета во шиканата 14-15, исто така завршувајќи во бариерите и чакалот покрај патеката. Штетата беше значително помала во однос на болидот на Астон Мартин.
Повторно се развиорија црвените знамиња, и кога сите помисливме дека тоа ќе биде крај на сесијата, со две минути до истекот на времето стјуардите дадоа зелено светло, при што кој се снајде се снајде, кој остана заглавен не можеше да направи добар круг во гужвата на патеката.
Односот на силите се покажа интересен, да видиме како се ќе одвиваат квалификациите кои се закажани за 16:00 часот по македонско време.
МЕКЛАРЕН ФАВОРИТ ЗА ПОЛ ПОЗИЦИЈА?!?
5/18/2024 01:59:00 PM
0
Share to other apps