Следуваат трки во Имола и Монако, потоа серија од три трки по ред во Барселона, Шпилберг и Силверстоун, потоа трки во Унгарија и Белгија и, по пауза, едноподруго Зандворт и Монца.
Распоредот е густ, со пауза за Олимпијадата во Париз.
Минатата година, Големата Награда на Емилија Ромања не се одржа поради поплави, кога по долга суша, регионот доби шест месеци врнежи од дожд во еден викенд. Одделот за цивилна заштита прогласи црвен аларм. На персоналот му беше наредено да го напушти падокот и трката беше откажана.
Патеката речиси и да не беше оштетена, но штетите во регионот беа големи, луѓе загинаа, па Имола не можеше да ги угости навивачите во таква ситуација. Либерти медија не ја замени трката поради сложената логистика.
Значителен дел од викендот во Имола е посветен на триесетгодишнината од смртта на Роланд Раценбергер и Аиртон Сена. Пред 30 години, по Имола, Формула 1 беше предложено да се забрани.
Насловите беа откажете го шампионатот и повеќе не го одржувајте. Кога главниот лик умира пред сите, тоа не е спорт, но темата набрзо беше затворена, а Адријан Њуи беше отстранет од листата на обвинети.
Кој би помислил дека триесет години подоцна повторно ќе стане главна вест во медиумите. По долги години во тимот на Ред Бул, најпознатиот Ф1 дизајнер, се реши да промени средина, а тоа најверојатно ќе биде тимот на Ферари. Но, засега тоа се само гласини.
Патеката е мешавина од минато и сегашност, свиоци кои се поминуваат со голема брзина, заштитени со бетонски бариери, безбедносни зони со чакал кои не дозволуваат ни најмала грешка, современи гаражи, боксеви и падок објекти изградени кон крајот на 2000-тите. На кратко, тоа е место кое ја наградува посветеноста.
Имола е типична патека од типот "забрзај-сопирај". Две третини од кругот се возат со полн гас, така што моќниот мотор, одличните сопирачки и ефикасното управување со гумите на ладно време се трите главни состојки за успех во Имола.
Конфигурацијата се состои од средни и брзи свиоци пресечени со шикани, а потребата да се нападнат високите рабници ги принудува тимовите да направат компромис помеѓу мекоста на амортизицијата и нејзината стабилност при голема брзина.
Аеродинамиката е наместена за средно ниво на потисна сила. Насоката на движење е спротивно од стрелките на часовникот, како во Џеда, Баку, Остин, Интерлагос, Сингапур и Абу Даби.
Патеката е релативно тесна, што го отежнува претекнувањето и ги принудува тимовите да се фокусираат на стратегијата.
Пит-линијата во Имола е најдолгата од која било патека во Формула 1 во календарот, и движењето по неа со максимално дозволената брзина од 80 км/ч трае речиси 25 секунди.
Патеката има многу нерамнини, што го влошува проблемот со потскокнувањето на болидите од новата генерација.
На правците, сопирачките немаат доволно време за ладење, па тимовите мора да го подесат системот за нивно ладење на максимум за да избегнат проблеми во трката. Ако тоа не е случај последиците можат да бидат катастрофални, како што ни демонстрираа од тимот на Вилијамс.
Од ФИА повторно се решија само за една ДРС зона на патеката во Имола. Точката на мерење на интервалот помеѓу болидите е поместен на 385 метри пред 17-от свиок, додека точката на активирање на задното крило е 60 метри пред 19-от свиок. Во однос на минатата година, на патеката немаше значителни промени.
Во четвртокот врнеше дожд, во петок и сабота возачите имаа сува патека, а за денес е најавена минимална можност за врнежи.
Трката ќе стартува во 15:00 часот, а дотогаш воздухот ќе се загрее до 25 степени со облачно небо и северозападен ветер.
Емилија Ромања е домашен настан за Пирели. Оваа година компанијата донесе еден чекор помеки смеши за оваа патека.
Сепак, ако патеката остане сува, од стратегиска гледна точка нема некој избор, трка со едно застанување во бокс е единствената опција, бидејќи не е особено лесно да се претекнува на Имола и има голема загуба на време од 28 секунди, што е најголема во сезоната.
Така, давање приоритет на позицијата на патеката најверојатно ќе биде главен хајлајтс при донесување на вистинската стратегија. Најбезбеден начин е да започне на жолтите гуми.
Овој избор овозможува најмногу опции бидејќи има широк пит-стоп прозорец, што дава можност возачот да се префрли на белите пневматици во вистинскиот момент.
Оние возачи кои сакаат пофокусирана стратегија би можеле да изберат да започнат со белите гуми, а потоа да се префрлат на жолтите, т.е. црвените, но втората опција е помалку флексибилна.
Како и обично, времето, а со тоа и реалните стапки на абење и деградација, ќе биде одлучувачки фактор при изборот на вистинскиот редослед на смеши.
Марио Изола, Пирели: "Квалификациите беа многу блиски, со изедначени времиња и уште еднаш Макс Ферстапен излезе како победник. Со оглед на многу малите разлики во перформансите помеѓу Ред Бул, Мекларен и Ферари, можеме да очекуваме подеднакво блиска битка на трката."
"Што се однесува до стратегијата, едно застанување е речиси задолжително, бидејќи времето потребно во боксот за промена на гумите е едно од најдолгите во сезоната со околу 28 секунди, а исто така и затоа што претекнувањето е многу тешко, особено затоа што има само една ДРС зона."
"Дополнителен фактор е можноста трката да биде преккината, како што видовме на трките од Ф2 и Ф3, а зголемувањето на местата со чакал неизбежно значи дека има поголеми шанси болидите да се заглават по излетување од патеката."
"За оваа година ги донесовме нашите најмеки смеши и C5 потврди дека работи добро во текот на еден брз круг, без потреба од посебно внимание во смисла на подготовка. Се чини дека C3 и C4 се конкурентни на долг рок и, прилично предвидливо, тие ќе бидат најпопуларните избори за трката, при што C5 на крајот ќе биде опција за завршните фази, особено ако има безбедносно возило."
"Оние кои ќе се надеваат на такво нешто, би можеле да се одлучат за старт на белите гуми, за да го продолжат првиот стинт, колку што е можно повеќе, пред да се префрлат на жолти или можеби дури и на црвени гуми."
Патеката Енцо и Дино Ферари во Имола ќе биде домаќин на Ф1 трка по 31-ви пат. Во 1980 година тоа беше Италијанското ГП, потоа 26 години на патеката се одвиваше ГН на Сан Марино, а потоа, по долга пауза, Големата Награда на Емилија Ромања.
Во 2020 година, Формула 1 едноставно немаше избор, и Имола се врати по 14-годишна пауза. Трката беше уникатна, со само еден тренинг во сабота, инаку тимовите немаше да имаат време да ги донесат болидите и опремата од Португалија.
Михаел Шумахер има најмногу победи во Имола, 7, меѓу тимовите, Вилијамс и Ферари по 8.
Во Формула 1 ретко се случило клиентите да се претстават подобро од фабричкиот тим, но токму тоа се случува со Мерцедес АМГ. Колку повисоко се кревате, толку е поболно кога паѓате. Се прашуваме како ќе заврши сето тоа во тимот на Ред Бул.
Никој не веруваше дека по неуспешниот старт на минатата сезона, Мекларен ќе успее да оживее, а проблемите на противниците очигледно им одат во прилог.
Стјуардите на Големата Награда на Емилија Ромања го казнија Оскар Пјастри со губење на три позиции на стартот од денешната трка поради блокирање на Кевин Магнусен во квалификациите.
Австралиецот затоа ќе стартува петти. Неговиот тимски колега, Ландо Норис, се пресели на првиот стартен ред, а по една позиција напредуваа и возачите на Ферари, Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр..
Пред почетокот на трката инженерите на Фернандо Алонсо решија да ја променат конфигурацијата на амортизацијата на неговиот болид, па тој ќе мора да стартува од пит-линијата.