Макс Ферстапен ја трансформираше Пол позицијата во нова победа на трката за Големата Награда на Емилија Ромања, со тоа започнувајќи ја европската турнеја со својата петта победа во седум трки.
Холанѓанецот ја имаше под контрола трката, се додека, на околу 15 круга до крајот, Ландо Норис почна да го намалува водството кое достигна повеќе од 6 секунди. На крајот, сепак, Ферстапен прв мина низ целта.
На подиумот ги придружуваше Чарлс Леклер, кој со надградениот болид на Ферари не можеше да се замеша во борба за Победата.
Еден од најголемите губитници на денот беше Карлос Саинц Јр., кој стартуваше четврти и заврши петти, откако Ферари реагираше доцна на влегувањето во бокс на Оскар Пјастри во вториот Мекларен.
Австралиецот, на почетокот од трката, беше 20-тина круга во ДРС зоната зад Ферарито на Шпанецот, но на патека каде што претекнувањето беше тешко остварливо, менувањето гуми беше неговата најдобра можност за претекнување.
Стартниот редослед имше промени во однос на постигнатите резултати на крајот на квалификациската сесија. Оскар Пјастри, кој се квалификуваше како втор, заостанувајќи само 74 илјадитинки зад Пол позицијата на Макс Ферстапен, беше казнет со три позиции за попречување на Кевин Магнусен во текот на Q1.
Фернандо Алонсо стартуваше од пит-линијата во она што се претвори во катастрофален викенд за него, по излетувањето на саботниот тренинг.
На стратешко ниво немаше некој избор, единствена опција беше едно застанување во бокс. Пирели препорача да се стартува со жолти гуми и тое да се заменат со бели помеѓу 21 и 27-от круг.
Ризикот од безбедносно возило беше голем, бидејќи тоа беше присутно на секоја од трите трки на кои Имола беше домаќин од нејзиното враќање во календарот во 2020 година.
Макс Ферстапен и останатите возачи во Топ 10 се одлучија за старт на жолти гуми, во согласност со прогнозите на Пирели. Алтернативна стратегија имаше Серџо Перез, кој по лоѓиот настап во квалификациите, ја обезбеди 11-тата стартна позиција, исто како и Џоу Гуанју, П17, и Логан Сарџент на П19.
Црвените гуми, во очекување на брзо излегување на БВ, беа избор на Пјер Гасли, П15, и Фернандо Алонсо со старт од пит-линијата.
Стартот беше чист, без нити еден инцидент, за разлика од Ф2 и Ф3 шампионатите. Макс Ферстапен ја одбрани пол позицијата по првите два свиоци, иако Ландо Норис исто така добро стартуваше од второто место.
Чарлс Леклер ја задржа третата позиција, а Карлос Саинц Јр. исто така се задржа на четвртата, со казнетиот Оскар Пјастри веднаш зад него на петтото место.
Поназад, Луис Хамилтон освои едно место и се искачи на седмата позиција. Нико Хулкенберг одлично стартуваше и од десеттото стигна до осмото место. Серџо Перез, П11, го престигна Даниел Рикиардо за десеттото место и со тоа влезе во бодовите.
Откако заврши првиот круг, трката влезе во стабилна фаза, без поголеми случувања на патеката.
Разликата меѓу лидерот Ферстапен и второпласираниот Норис остана во рамките на една секунда до петтиот круг, кога Холанѓанецот направи мала промена на темпото и ја зголеми предноста на 1.8 секунди.
Леклер беше околу три секунди зад Ферстапен, а Саинц Јр. беше во ДРС опсегот зад својот тимски колега и не можеше да се ослободи од Мекларенот зад себе.
Шпанецот го загуби ДРС-системот во 7-от круг, што го направи ранлив на нападите на Пјастри, кој притискаше врз Ферарито со сите сили.
Во 8-от круг, Фернандо Алонсо се упати по нови гуми, што ги мотивираше возачите на дното на поредокот да реагираат. Еден од тие возачи беше Алекс Албон, кој беше четиринаесетти по стартот.
Тајланѓанецот застана во 9-от круг, но механичарите на Вилијамс погрешија и го вратија на патеката со неправилно прицврстени гуми. Албон извозе круг со мала брзина и повторно се упати во својот бокс, но дотогаш веќе падна на последната позиција во пласманот.
Напред, Макс Ферстапен го зголемуваше темпото како што жолтите пневматици акумулираа километри и на тој начин, до 15-от круг, неговата предност пред Норис се искачи на 4.7 секунди. Леклер беше уште подалеку со 6.1 секунди заостанување.
Саинц Јр. падна на околу три секунди од својот тимски колега и заостануваше 9.2 зад лидерот, со Пјастри се уште во неговиот ДРС опсег, но Австралиецот не можеше да се закани со претекнување.
Серџо Перез се искачи на осмото место по влегувањето во бокс на Цунода и Хулкенберг. Мексиканецот напредуваше кон возачите на Мерцедес АМГ кои беа на 10-тина секунди пред него.
Но, РБ20 не се прикажа во добро светло на оваа патека, па Перез имаше излетување надвор од патеката со екскурзија низ чакалот покрај 17-от свиок. Тој се врати на патеката, се уште на 8-то место, но разликата што се обидуваше да ја надомести беше ресетирана, со потенцијално оштетување на подот, а сигурно и белите пневматици не беа во најдобра состојба.
Макс Ферстапен беше сигурен на жолтите гуми и продолжи да го зголемува своето водство, додека трката се приближуваше до фазата на влегување во бокс на водечките. До 20-от круг, неговата разлика во однос на Норис се искачи на околу 6 секунди, а Леклер заостануваше 7.7. Зад нив, Саинц Јр. веќе беше на 11.5 секунди со Пјастри на свјот грб.
Набргу потоа фаворитите почнаа да влегуваат во бокс по нови гуми. Првиот што го стори тоа беше Ландо Норис, кој во 22-от круг, влезе во бокс како второпласиран и се врати на патеката веднаш зад Серџо Перез.
Присуството на Ред Булот пред себе го чинеше одредено време, но сепак брзо се ослободи од бавниот мексиканец.
Во следниот круг, во бокс влезе и Оскар Пјастри, кој беше заглавен зад Ферарито на Карлос Саинц Јр.. Следуваше грешна процена на стратегистите на Ферари, кои на изненадување на сите, не реагираа на пит-стопот на Мекларен, туку го оставија Саинц Јр. на патеката до 27-от круг.
Ова му ја даде четвртата позиција на Пјастри. Карлос Саинц Јр. се врати на патеката на шестото место, но со Серџо Перез пред себе, кој се уште не беше влезен во бокс.
Ако во Ферари често се случуваат вакви грешни процени, тоа во тимот на Ред Бул е речиси невозможно.
Лидерот во трката, Макс Ферстапен влезе по нови гуми во 24-от круг и се врати на П4, но со три болиди пред себе Леклер, Саинц Јр., Хамилтон, кои во тоа време се уште ги немаа сменето гумите.
Леклер на крајот го направи тоа во 25-от, додека Хамилтон во 27-от круг, како и Саинц Јр..
По пит-стоповите, Пјастри и Саинц Јр. беа единствените возачи кои разменија позиции. Останатите останаа на истите позиции како пред боксевите, со Ферстапен во водство и предност од 6.2 секунди пред Норис и 9.6 пред Леклер во период кога трката стигна до 30-от круг.
Серџо Перез продолжи до 38-от круг во очекување на безбедносното возило, но тој немаше таква среќа. Во бокс замина од осмо место и се врати на патеката десетти, зад Цунода и Хулкенберг кои се чинеше дека се осудени на второ менување гуми бидејќи го направија првото прерано.
Чеко го мина Хулкенберг во 40-от круг, а подоцна и Јуки Цунода за кам-бек на 8-то место.
Во тие моменти од трката победата на Макс Ферстапен изгледаше како сигурна работа.
Зад него Чарлс Леклер успеа да ја намали предноста на Ландо Норис и на почетокот од 42-от круг успеа да влезе во неговиот ДРС опсег. Мекларен на радио му кажа дека Леклер притиска, а Ландо призна дека Ферари беше најбрзиот болид во тоа време.
Шансите на Леклер за второто место исчезнаа по грешката во 14-от свиок и излетувањето од патеката, по што веќе не беше во можност да го стигне Мекларенот.
Од друга стана, на потег беше Ландо Норис, кој како да доби крилја и започна да лета на патеката, додека Макс Ферстапен започна нагло да ја губи предноста од околу 5.5 секунди пред Норис и 8.3 пред Леклер. Пјастри и Саинц Јр., четврти и петти, беа во ничија земја, со 3.7 секунди меѓу нив.
Во 52-от круг, Џорџ Расел направи второ застанување во бокс што му го донесе шестото место на неговиот тимски колега, Луис Хамилтон. Возачите на Мерцедес АМГ, во тие моменти беа шести и седми, па се одлучија да го повикаат Џорџ затоа што на овој начин можеа да му монтираат жолти гуми, кои ќе му овозможија да атакува на поенот на најбрзиотѕ круг на трката.
Во 55-от круг, на осум до крајот, разликата меѓу Макс Ферстапен и Ландо Норис падна под две секунди. Ландо силно го притисна Макс, а адреналинот на нас фаовите се искачи на посакуваното ниво за една Формула 1 трка.
Во игра беше битка за првото место, кое неколку круга пред тоа изгледаше безбедно во рацете на Ферстапен. Сепак, шампионот ги покажа своите квалитети, не доволи да биде под напад и знаеше како да го задржи Мекларенот зад себе и со "уништени" гуми.
На крај, Холанѓанецот ја мина целната линија на првото место, забележувајќи ја петтата победа сезонава, негова 59-та во кариерата. Веќе следната недела не очекува нова битка за време на Големата Награда на Монако, која се вози низ улиците на Монте Карло.
МАКС ВО ШАМПИОНСКИ СТИЛ ДО ПОБЕДАТА ВО ИМОЛА
5/19/2024 02:35:00 PM
0
Share to other apps