Ландо Норис победи на Големата Награда на Мајами, забележувајќи ја првата победа во Формула 1. Ова е прва победа на Мекларен по Монца '21.
На второто скалило на подиумот се искачи Макс Ферстапен, трет заврши Чарлс Леклер.
Десеттото место на Естебан Окон му го донесе на Алпин првиот бод во сезоната.
За две недели борбата ќе продолжи со трката во Имола.
Шестата трка од 2024 сезоната, Големата Награда на Мајами, обично не е највозбудлива во календарот, но спринт форматот ја направи непредвидлива.
Времето беше жешко, а асфалтот се загреваше до максимумот од 50 степени, па пред трката нити во Пирели не можеа да предвидат кој редослед на смеши е најдобриот во на хартија најбрзата стратегија од едно застанување во бокс.
Макс Ферстапен имаше добар старт и одлично го одбрани водството по првиот свиок. Чарлс Леклер беше претекнат од Карлос Саинц Јр., но Серџо Перез направи за малку "самоубиствен" маневар во првиот свиок и токму Оскар Пјастри ја искористи оваа ситуација и се пласираше на третото место, пред Саинц Јр., Перез и Норис.
Поназад, Џорџ Расел падна на десетата позиција, а Фернандо Алонсо се искачи на тринаесеттата позиција.
Во вториот круг, Ферстапен веќе имаше повеќе од секунда предност пред Леклер, па Моначанецот не беше во можност да го користи ДРС-системот во ниту еден момент.
Оскар Пјастри заостануваше помалку од една секунда зад Моначанецот и дури го постави најбрзото време во вториот круг, што го навести одличното тркачко темпо за Мекларен на почетокот на трката.
Австралиецот беше "залепен" зад Ферарито, и се искачи на второто место во четвртиот круг. Оскар Пјастри беше нешто повеќе од две секунди зад Макс Ферстапен, разлика која можеше да ја одржува.
Сега улогите се сменија, па Чарлс Леклер беше во непосредна близина на болидот на Мекларен, можеше да го користи ДРС-системот, но без шанси за обид за претекнување.
Зад него, Карлос Саинц Јр. по тимското радио велеше дека има повеќе темпо, но во Ферари решија да нема тимски наредби.
Серџо Перез беше на петтото место, со Норис на шестото и Хулкенберг на седмото. Болидот на Хас беше нападнат од Луис Хамилтон. Дури во десеттиот круг британецот успеа да го претекне Нико Хулкенберг.
Макс Ферстапен не можеше да направи поголема разлика од нешто над три секунди. Два круга подоцна, на крај од 12-от круг, тројца возачи, Строл, Сарџент и Ботас, го започнаа влегувањето во бокс по нови гуми, 2-3 круга порано од предвидувањата на Пирели.
Во тие моменти Ферстапен ја надмина бариерата од три секунди во однос на Оскар Пјастри, а возачите на Ферари беа веднаш зад Австралиецот. Покрај тоа, Серџо Перез почна да губи од предноста во однос на Ландо Норис кој доаѓаше со големо темпо.
Трката влегуваше во клучен момент, со планираните застанувања по нови гуми, а разликата помеѓу водечките беше минимална.
Серџо Перез, соочен со заканата од Ландо Норис, реши да менува гуми во 18-от круг. Ландо Норис претпочиташе да остане на патеката и веднаш постави многу високо темпо, со вклучени неколку брзи кругови.
Чарлс Леклер замина во бокс во 20-от круг, но Карлос Саинц Јр., Оскар Пјастри и Макс Ферстапен претпочитаа да продолжат со првиот сет на жолти гуми.
Макс Ферстапен имаше потешкотии да го контролира својот РБ20 на оваа трка, па направи мала грешка во 15-от свиок, прегазувајќи го столбчето покрај патеката, кој заврши на средината од патеката.
Тоа беше отстрането со воведување на виртуелно безбедносно возило, период кога неколку возачи, Естебан Окон, Фернандо Алонсо и Кевин Магнусен, се решија да се упатат во бокс.
Холанѓанецот, по завршување на режимот на ВБВ, реши да менува гуми на крај од 24-от круг. Набргу потоа, Расел застана во 25-от круг, Хамилтон во 27-от круг, Пјастри и Саинц Јр. во 28-от, но веќе во следниот круг на патеката излезе безбедносното возило како последица на судирот помеѓу Магнусен и Сарџент.
Најголем корисник беше Ландо Норис, кој го направи својот пит-стоп во 30-от круг под режим на БВ, по што на патеката излезе како лидер на трката и со нови гуми.
Трката влезе во нова реалност. Норис беше во водство на нови бели гуми, но зад себе го имаше "семоќниот" Ферстапен, а белите гуми на Пирели речиси и да немаа деградација на оваа патека. Леклер беше трет, но Пјастри, Саинц Јр. и Перез исто така беа на посвежи гуми.
Трката беше рестартирана дојде во 33-от круг и Макс Ферстапен беше многу агресивен на старно-целниот правец, но Ландо Норис одлично се бранеше.
Разликата во гумите беше реална, бидејќи британецот од Мекларен доби повеќе од една секунда во тој круг и Холанѓанецот не можеше да го отвори ДРС-системот.
Макс, всушност, го имаше Леклер многу блиску зад себе. Малку поназад, Карлос Саинц Јр. и Оскар Пјастри имаа своја битка.
По неколку круга беше јасно дека Ландо Норис има темпо да ги победи останатите. Британецот ја зголеми разликата на две секунди пред Макс кога трката се приближуваше до 38-от круг од нејзиниот тек. Остануваа уште 20 круга, но РБ20 и Макс беа немоќни во однос на брзината на Мекларенот.
Во исто време, Чарлс Леклер заостануваше повеќе од една секунда зад Ферстапен, а Карлос Саинц Јр. и Серџо Перез се обидуваа да најдат начин да го минат Оскар Пјастри.
Австралиецот и Шпанецот имаа неколку битки, но, дури во 39-от круг, Карлос успеа да го претекне Оскар со касно сопирање на влез во 17-от свиок. Имаше контакт меѓу нив и Пјастри претрпе оштетување на предното крило, поради што загуби неколку места и мораше да замине во бокс по нов нос на болидот.
Во меѓувреме, неговиот тимски колега одеше на победа и веќе имаше повеќе од три секунди во однос на Ферстапен. Во последните кругови темпото на Ландо беше незапирливо.
Малку по малку неговата предност само се зголемуваше и достигна повеќе од седум секунди. На крајот, Британецот комфорно ја мина целната линија на првото место и конечно, во својата шеста сезона како Формула 1 возач, во 110-тата трка ја оствари првата победа.
Во последните кругови немаше промени на местата во предниот дел од поредокот, па Макс Ферстапен и Чарлс Леклер го придружуваа Ландо на подиумот.
Карлос Саинц Јр. заврши како четврти, пред Серџо Перез и Луис Хамилтон кој успеваше да држи чекор со Мексиканецот.
Јуки Цунода изненади со финиш на седмото место, пред Џорџ Расел и Фернандо Алонсо на деветтото место. Естебан Окон беше десетти и го забележа првиот поен за тимот на Алпин.
Имајќи ги предвид околностите на инцидентот за време на трката, кога Карлос Саинц Јр. го допре болидот на Оскар Пјастри, како резултат на што беше оштетено предното крило на Мекларен, стјуардите на Големата Награда на Мајами за виновник го најдоа шпанскиот возач.
Саинц Јр. доби казна од пет секунди и еден казнен поен во својата супер лиценца, со што падна од четвртото на петтото место во редоследот. Серџо Перез се искачи на четвртото место.
ЛАНДО НОРИС КОНЕЧНО ДО ПРВАТА Ф1 ПОБЕДА
5/05/2024 09:32:00 PM
0
Share to other apps