По четврти пат во историјата на Формула 1 ќе се одржат три трки во една земја. Ова се случи двапати во САД, а во 2020 година се одржаа три настани во Италија, во Монца, Муџело и Имола.
Откако ја купи Формула 1, Либерти Медиа речиси веднаш почна да зборува за зголемување на бројот на трки кои ќе се одвиваат на американско тло.
Во 2016 година, извршниот директор Грег Мафеј ги наведе приоритетите, монетизација на дигитални преноси, проширување на календарот и долгорочни договори за домаќин на трки во Мајами и Лас Вегас. Ветено, исполнето.
Мајами е најголемата метрополитенска област во југоисточниот дел на САД и еден од најважните финансиски центри.
Најпрво беше планирано да се одржи трка низ улиците на Мајами, но градските власти не сакаа да помогнат во организација и финансиска подршка. Одлуката за реализација на проектот беше неколку пати одложувана.
Во есента 2019 година, во областа каде што се наоѓа стадионот Хард Рок, се појави нов проект за изградба на патека, независен од градските власти. Сопственикот на стадионот Стивен Рос беше подготвен да ја финансира изградбата и трошоците за одржување на трката.
Но, организаторите веднаш беа тужени, од најразлични организации и граѓани. Во Америка адвокатите заработуваат најмногу во целиот свет! Конфигурацијата на патеката мораше да се промени, ограничена само на територијата на стадионот. Таа повеќе не излегуваше во градот, а времето за одржување на трките беше забрането да се поклопува со локалните настани.
На 18 април 2021 година, Големата Награда на Мајами беше официјално вклучена во календарот за 2022 година.
Договорот е потпишан за период од десет години. Мајами интернационалниот автодром е слична патека со таа на Алберт Парк во Мелбурн. Патеката во Мајами е објект од привремен карактер, а нејзината изградбата започна во летото 2021 година.
Трката околу Хард Рок стадионот кратко време беше омилена на Либерти Медиа, но останува интересна на свој начин. Планирана како замена за Монте Карло, полесно и поблиску е да се поканат американски партнери и спонзори во Мајами.
Дури и пристаништето е како во Монако, иако бојадисано. Но, минатата есен, трката во Лас Вегас стана омилена на Либерти Медиа. И може да има само еден фаворит.
Должината на патеката е 5.41 километар, кругот вклучува 19 свиоци (12 леви и 7 десни), три правци и три ДРС зони. Максималната брзина е над 340 км/ч. Проектот вклучува три места каде што е можно претекнување, и тоа на влез во 1-от, 11-от и 17-от свиок. Нешто што во пракса се покажа помалку остварливо.
Помеѓу свиоците 13 и 17 има елевациски промени, каде патеката се спушта и се издигнува додека минува неколку слепи вртења, замислени од дизајнерите на патеката како "генератори на грешки".
Важно е да се обезбеди ефикасно забрзување во делниците каде бавните свиоци се претвораат во долги правци. Патеката е замислена да ја фаворизира максималната брзина, бара мало ниво на потисна сила и голема моќност на погонската единица. Спак, гумите на Пирели може да играа улога во овие поставки.
Оптоварувањето на сопирачките е просечно, три зони на сериозно сопирање кои се поврзани со сегменти со средна брзина, каде што сопирачките имаат време да се изладат.
Со Големата Награда на Мајами завршува серија од шест "гостински" трки, за две недели Формула 1 ќе се врати во Европа, каде што распоредот ќе стане уште погуст и напорен.
Освен паузата за Канада, многу трки ќе се одржуваат веднаш една по друга.
Судбината на овогодинешните титули е веќе однапред одредена, но со секоја измината недела кадровските прашања стануваат се поинтересни. И ако пред почетокот на оваа сезона воопшто немаше промени, сега тие се случуваат речиси секојдневно.
Годината започна со објавата на Хамилтон за претстојната преселба во Ферари. Карлос Саинц Јр. стана слободен возач на трансфер пазарот, Нико Хулкенберг потпиша договор со Заубер, се зборува дека оваа трка во Мајами може да биде последна за Логан Сарџент во Вилијамс.
Потоа следуваше соопштение дека Адријан Њуи ќе го напушти Ред Бул. Ваквите големи реконструкции даваат надеж за потенцијална промена на односот на силите, ако не за следната, тогаш за новата промена на правилата во 2026 година.
Како што беше случај минатата година, најбрзата стратегија на трката е со едно застанување во бокс, почнувајќи со жолти и премин на белите гуми помеѓу круговите 15 и 21. Спротивната опција со старт на бели, предвидува нивна замена со жолти помеѓу 35 и 41 круг.
Третата верзија е старт на црвени пневматици и префрлување на белите помеѓу 11 и 17-от круг. Алтернатива е старт на белите и завршен стинт на црвените гуми, во траење од 13-19 круга.
Тимовите ќе треба да ја разгледаат големата веројатност за излегување на безбедносно возило, доколку дојде со некој инцидент на патеката и правилно реагирање на истиот.
Марио Изола, Пирели: "Досега, овој викенд обезбеди многу теми за размислување кога станува збор за однесувањето на гумите. Гледајќи ги предвидувањата и симулациите што се однесуваа на овој настан, врз основа на податоците на Пирели во комбинација со оние што ги обезбедија тимовите, досега требаше да имаме јасни индикации за најдобрата стратегија."
"Но, тоа не е случај. Треба да разбереме зошто разликата во перформансите помеѓу жолтите и црвените гуми беше толку мала и зошто времињата на квалификациите беа побавни од минатата година за околу четири десетинки и со уште позначајна разлика од речиси една секунда во споредба со нашата симулација."
"Асфалтот на патеката, од податоците собрани во средата и четвртокот има значително различни нивоа на абразивност во споредба со 2023 година."
"Сепак, што се однесува до пит-стоповите, постои мало сомневање дека едно застанување е јасно најбрзата опција. Но, сосема друго прашање е кога станува збор за смешите и редоследот по кој тие ќе се користат."
"Додека на возачите им беше потешко да го прочитаат однесувањето на црвените гуми во еден брз круг, на Спринтот се покажа дека не може да се исклучат за трката. Белите, дефинитивно ќе бидат целосен фаворит, но нивната комбинација со жолти или црвени се остварливи на хартија."
Трката ќе започне во 16:00 часот по локално време, 22:00 по македонско. Временската прогноза најавува околу 26 степени и налети на ветер на кој новите болиди се многу сензитивни. Веројатноста за врнежи е минимална.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА МАЈАМИ ГРАН ПРИ
5/05/2024 05:43:00 PM
0
Share to other apps