Макс Ферстапен беше најбрз на квалификациите во Мајами, забележувајќи ја својата шеста Пол позиција сезонава, седма по ред и 38-ма во кариерата.
На неделната трка тој ќе го дели првиот ред со Чарлс Леклер. Од вториот ќе стартуваат Карлос Саинц Јр. и Серџо Перез, а од третиот двајцата возачи на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри.
Холанѓанецот, по триумфот на Спринтот, ја одржува својата доминација на оваа американска патека, победувајќи го Моначанецот за околу десетинка од секундата.
Карлос Саинц Јр. беше трет најбз во оваа прилика, во квалификации многу поразлична од вчера, но со слична завршница.
Мекларените сè уште не можат да го најдат вистинскиот баланс на нивниот ажуриран MCL38 во еден круг. Ландо Норис беше петти, зад Серџо Перез и пред Оскар Пјастри, но болидот се чини дека има поголем потенцијал од постигнатите резултати.
Следуваат возачите на Мерцедес АМГ, повторно Џорџ Расел пред Луис Хамилтон, а во последните обиди немаа нови сетови на црвени гуми, па како подобро решение ја видоа употребата на нов сет на жолти пневматици.
Астон Мартин помина лошо, и двајцата нивни возачи не можеа да ја поминат Q2 сесијата, а Фернандо Алонсо беше "непрепознатлив". Шпанецот за малку ќе отпаднеше во Q1, беше П15, четири позиции зад Ленс Строл. Тешка патека за нив.
Нивното место во топ 10 пласманот го имаа Хулкенберг кој заврши деветти, а Цунода десетти.
Спринт форматот го имаме втор последователен викенд, па квалификациите во Мајами се четврта сесија на стадионот Хард Рок.
Макс Ферстапен самоуверено ги доби спринт квалификациите и спринтот, односот на силите беше јасен.
Даниел Рикиардо на минатата трка во Кина, доби казна со губење на три старни позиции. Пирели ги донесе C2, C3 и C4 смешите во улогите на бели, жолти и црвени пневматици.
Возачите се жалеа на недостаток на грип, и мали промени во условите на патеката оставаа несигурност во нивните настапи. Гумите брзо се прегреваа. Ако се претера со нивната подготовка, тие ја губеа ефикасноста.
Единствената тренинг сесија на располагање беше причина за несигурноста на возачите и тимовите за вистинските поставки на болидите и пред се однесувањето на Пирели пневматиците. Тоа доведе до блиски времиња и несигурност, освен можеби кај Макс Ферстапен и неговиот РБ20.
Во Q1 сесијата сите ги користеа црвените гуми. Џоу на излегување од својата гаража излезе директно пред болидот на Рикиардо, кој мораше да застане за да го пушти возачот на Заубер да помине.
Сарџент го запре брзиот круг и се врати во својата гаража. Ферстапен и Ботас го пропуштија првиот обид. Рикиардо го допре ѕидот со задното десно тркало, за среќа без последици по болидот. Сообраќајот им попречи на многумина на оваа тесна патека.
Ферстапен го имаше најбрзото време, а од понатамошниот тек на квалификациите отпаднаа Ботас, Сарџент, Рикиардо, Магнусен и Џоу.
Во Q2 сесијата, Чарлс Леклер го подобри најбрзото забележано време во досегашниот тек од викендот. За момент се појавија двојни жолти знамиња, кога Албон застана во 17-от свиок, но Тајлаѓанецот можеше да продолжи да се движи.
Во вториот обид Норис се возеше на жолти, а останатите на црвени. Со секој изминат дел од патеката тој заостануваше се повеќе, но сепак успеа да се избори за топ 10 пласман.
Најбрзото време остана за Леклер. Строл, Гасли, Окон, Албон и Алонсо не се пласираа во најбрзите 10 возачи денес, за финална пресметка за Пол позицијата.
Во Q3, Норис повторно се обиде со жолтите гуми, бидејќи се чувствуваше подобро на оваа смеша, но не можеше да ја нападне Пол позицијата.
Останатите избраа црвени гуми. Во првиот обид, Ферстапен го забележа најбрзото време овој викенд.
Во вторите обиди, Хамилтон и Расел возеа на жолти пневматици, бидејќи немаа нов сет на црвени. Ферстапен не можеше да се подобри, па неговиот претходен резултат беше доволен за Пол позицијата.
СЕДМА ПОСЛЕДОВАТЕЛНА ПОЛ ПОЗИЦИЈА ЗА МАКС ФЕРСТАПЕН, ФЕРАРИ ПОДГОТВЕН ЗА БИТКА
5/04/2024 09:39:00 PM
0
Share to other apps