Следува Големата Награда на Унгарија, претпоследната трка од првиот дел од 2024 сезоната. Се вози на Хунгароринг, патека домаќин од далечната 1986 година и опстојува веќе 38 години, a местото во календарот и е обезбедено до 2032 година.
План за поголема реконструкција на патеката и придружните објекти започна оваа година, се со цел драстично поскапување на влезниците. Значи крај на ерата на ефтини билети, што не е добра вест за македонските Ф1 фанови, кои најмногу ја посетуваа оваа патека.
Таа се рангира на третото место на листата на патеки кои биле домаќини на најмногу последователни Ф1 трки, а пред неа се само Монако и Монца.
Патеката е една од најтешките кога е во прашање ладењето на сопирачките, делумно заради недостаток на правци, и честопати се влошува кога болидите се заглавени во сообраќајот.
Хунгаророинг има единаесет точки на сопирање, од кои три се класифицирани како тешки за сопирачките, една е со средна тежина и преостанатите седум се лесни.
Хунгароринг е патека на која многу од Ф1 возачите ја забележале својата Прва Ф1 Победа, Фернандо Алонсо во 2003 година, Џенсон Батон во 2006 година, Естебан Окон во 2021 година. Дејмон Хил, исто така, ја забележа својата Прва Ф1 Победа во Унгарија, во болидот на Вилијамс, далечната 1993 година. Тој беше првиот син на светски шампион кој Победил на Ф1 трка.
Патеката е физички напорна за возачите, кои често ја споредуваат со Сингапур (физички најнапорната патека во календарот), поради големиот број на свиоци, високите температури, и релативно малото воздушно струење низ болидот.
Трката за Големата Награда на Унгарија се состои од 70 круга и според Пирели теоретски најбрзата стратегија е со две застанувања во бокс.
Многу ќе зависи од температурата на асфалтот, а за денес се најавени уште поголеми температури. Изборот на две застанувања во бокс е со избор на жолти или црвени гуми за почетен стинт, потоа следува сигурен стинт на белите гуми, и завршен стинт на бели, односно жолти, за тимовите кои се сигурни во помеката смеша на Пирели.
Меѓутоа, со неможноста за лесно претекнување на Хунгароринг, позицијата на патеката е клучна, па така тимовите мораат да бидат флексибилни и решителни да ги искористат понудените можности, на пример влегување на безбедносното возило.
Марио Изола, Пирели: "Уште еднаш, овде, на Хунгароринг, бевме сведоци на спектакуларни квалификации, при што првите тројца возачи беа разделени во само 46 илјадити делови од секундата, а имаше и неколку пресврти."
"Сето тоа укажува на тоа дека трката ќе биде многу блиска, и на врвот и во битката за преостанатите поени. Вреди да се напомене дека, во текот на една година, перформансите на болидите значително се зголемија, имајќи предвид дека времето на пол позицијата е скоро една и пол секунда побрзо од минатата година на една од најкратките патеки во календарот."
"Во однос на стратегијата, ова е трка во која два пит-стопа е јасен фаворит. На хартија, најбрзата опција е да започнете на жолтите гуми, пред да се префрлите на белите. Јасно е дека бројот на достапни сетови од овие две смеши ќе ги одреди одлуките на тимовите."
"На таа тема, има три тима, Ред Бул, Мекларен и Ферари, чии возачи имаат на располагање само еден комплет нов сет на бели и два нови сета на жолти пневматици, додека еден, Астон Мартин, има еден комплет нови жолти и еден сет бели."
"Сите останати тимови имаат најмалку два сета на бели и еден сет жолти."
"Друг многу важен фактор што треба да се земе предвид ќе биде враќањето на потоплите вреенски услови, при што се очекува патеката да ја надмине ознаката од 50 °C со значителна разлика."
Во претходните денови, покрај жешкото време имавме и дожд на Хунгароринг.
До 15:00 часот кога е закажан стартот на трката, воздухот ќе се загрее до 30 степени, можни е мала облачност и слаб западен ветер. Веројатноста за врнежи за време на трката не надминува 10%.
На почетокот на сезоната доминацијата на Макс Ферстапен беше непобитна. Тој победи на четири од првите шест трки, а на три од следните шест. Резултатски речиси ништо не е сменето, но се води вистинска борба за победа, а поранешната доминација веќе ја нема.
При неодамнешната серија од три последователни трки Мекларен, донекаде и Мерцедес АМГ се бореа рамноправно со Ред Бул. Мерцедес АМГ, кој долго време немаше победа, победи на две трки по ред. Се чини дека Мекларен го има најдобриот болид, но слабо го користи!
Ферари беше принуден да се откаже од новите елементи, бидејќи модифицираните болиди многу потскокнуваа на патеката, но планираат брзо да ги надминат проблемите, бидејќи веќе се направени сите потребни тестови.
Згора на тоа, ако ривалите имаа по двајца силни возачи, тогаш само Ферстапен се бори за Ред Бул. Перез целосно ја загуби формата. Се зборуваше дека може да биде заменет за време на летната пауза, дали ќе дојде до тоа од него зависи, а вчерашното излетување во квалификациите не му помогна на тоа поле.
Втората полусезона ветува дека ќе биде интересна, а битката за победите секако ќе ни пружи многу пријатни моменти.
Оние кои имаат можност можат да изберат, а Хунгароринг жешкиот од сонцето не изгледа како најдобар избор. Нема да им биде лесно на возачите и на автомобилите.
По квалификациите за Големата Награда на Унгарија, тимот на Алпин се реши да ги замени акумулаторите и контролната електроника во болидот на Пјер Гасли.
Со тоа Французинот ќе мора да стартува од пит-линијата. Во квалификациите Гасли ја имаше последната позиција, па казната практично нема да има ефект.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА УНГАРСКОТО ГРАН ПРИ
7/21/2024 11:17:00 AM
0
Share to other apps