Вообичаено, трката за Големата Награда на Белгија го отвораше вториот дел од сезоната, но оваа година го комплетира првиот, а се тоа поради дождот, но тој повторно не потсети дека е заштитен знак на СПА-Франкоршамп.
Од понеделник, тимските шефови и возачите започнуваат со летниот одмор, а тимскиот персонал ќе одмара откако ќе ги врати болидите во своите бази. Сите тие ќе имаат задолжителен двонеделен одмор, имајќи можност да се видат со своите најмили.
Ова е една од неколкуте патеки кои ја задржаа магијата на нивниот оригинален изглед и преку новиот, модернизиран и скратен распоред, благодарение на своите легендарни делови како Eau Rouge, Pouhon и Blanchimont.
Патеката во СПА-Франкоршамп беше подложена на сериозна реконструкција, па познатата вила во Eau Rouge, со прекрасен поглед на тркачката патека, мораше да се сруши, се наоѓаше на локација што беше одлучено да се ослободи за да се прошири безбедносната зона.
Во последните години тука имаше неколку сериозни инциденти, еден од нив беше смртта на Антоан Хуберт во 2019 година. Но, и по зголемување на безбедносните аспекти, трагичните настани не сопреа.
Патеката останува особено опасна за возење при дожд и намалена видливост од прскањето на болидите. Затоа стјуардите и тркачкиот директор на Ф1 трките не дозволуваат одржување на сесиите и при најмала опасност по возачите.
Искачувањето преку Eau Rouge до облаците надвиснати над дрвјата од шумите на Ардените е една од повеќето незаборавни глетки во овој мотоспорт. СПА-Франкоршамп се карактеризира со долг круг од седум километри, кои се поминуваат со голема брзина, големи промени на елевацијата, брзи свиоци и променливи временски услови.
Белгиското Гран При е трка каде што може да се случат многу неочекувани пресврти, со висока шанса за безбедносното возило, до неочекувана промена на времето, па стратегија на тимовите е многу значајна, т.е. нивната способност да ги прочитаат овие услови и да реагираат најбрзо што можат.
СПА-Франкоршамп, го претставува најтешкиот тест за погонските единици во сезоната. Времето поминато под полн гас е на нивото на Монца, но свиоците и промената во елевацијата ја зголемуваат нивната оптовареност.
Статистички гледано, Пол позицијата не е многу значајна на оваа патека, бидејќи таа е една од најлесните во календарот кога претекнување е во прашање, а тоа, исто така, е важен фактор при избор на тркачката стратегија.
Eau Rouge и Raidillon се едни од најпознатите свиоци во Формула 1, но предизвикот за нивно минување се менуваше со годините. Со сегашната генерација на болиди, тие практично се поминуваат без пуштање на педалот за гас, што значи дека реално имаме дво-километарски правец до Les Combes свиокот. Сепак, и тоа не е лесна задача, кога имаме исклучително големо оптоварување за амортизацијата на болидите.
Првиот и третиот сектор на СПА побаруваат голема моќност од ПЕ и мал отпор на болидите. Спротивно на тоа, вториот сектор е бавен, со голема побарувачка за потисна сила, и всушност може да се спореди со Монако во некои аспекти. Ова создава голема главоболка за инженерите и нивниот компромис при подесувањето на болидите.
Трката за Големата Награда на Белгија се состои од 44 круга и секогаш е комплицирана за предвидување на стратегијата, поради најдолгиот и најпроменливиот круг во сезоната, со непредвидливи временски услови и голема веројатност за излегување на безбедносниот автомобил.
Од Пирели како најбрза на хартија ја предвидуваат стратегија со две застанувања во бокс.
Досега временските услови беа променливи, но за денешната трка би требало да имаме малку потопло време.
Старт на трката на жолтите гуми е најфлексибилниот пристап кај стратегијата со два пит-стопа.
Поинаков и поагресивен пристап би можело да биде користење на црвените гуми како дел од трка со две застанувања во бокс, можеби со два стинта на жолтите гуми.
Ова може да ја загрози позицијата на патеката, но може да биде добра опција за брз болид ако има излегување на безбедносниот автомобил, или деградацијата на најмеката смеша е доста висока.
Марио Изола, Пирели: "Саботата беше уште еден пример колку може да биде променливо времето овде во СПА! Всушност, ние и тимовите очекувавме дека дождот ќе биде карактеристика на саботата, што значеше дека податоците добиени во петокот ќе бидат од витално значење за да се одлучи за најдобрата стратегија за денешната трка, која без оглед на особеностите на белгиското лето, треба да се одржи на сува патека."
"Во споредба со минатата година, новиот асфалт на патеката значително го помести балансот кон стратегијата со две застанувања. Тоа исто така значи дека најтврдата смеша за оваа патека, C2, сега е многу посоодветна за трката отколку пред дванаесет месеци, на штета на најмеката C4."
"Сепак, сите три смеши сè уште се совршено употребливи, исто така, затоа што само четири тима, Ферари, Мекларен, Мерцедес АМГ и Алпин, имаат на располагање два комплети бели гуми."
"На хартија, најбрзата стратегија е да се започне првиот стинт на жолти, пред да се направи двоен стинт на белите гуми. Логичната алтернатива е жолти/бели/жолти, но не може да се исклучат опциите црвени/бели/бели и црвени/бели/жолти."
"Едно застанувањето за промена на гуми е премногу бавно, додека стратегија со три застанувања, дури и на патека каде што престигнувањето е дефинитивно возможно, барем според симулациите, не е побрзо."
"Понатамошно размислување е дека поставките на болидите остануваат исти по квалификациите, со оглед на тоа што болидите се во режим на затворен паркинг и тоа исто така може да го промени односот на силите што беше во квалификациите."
"Вреди да се напомене дека во квалификациите на влажна патека и над седум километри, првите шест возачи на гридот се разделени во само 430 илјадитинки. Се разбира, има еден возач кој го заврши Q3 речиси шест десетинки пред останатите, но тој се вика Макс Ферстапен…"
Пред една година, пред летната пауза, победуваа само возачите на Ред Бул, но и после тоа со еден исклучок. Сега веќе имаме седум победници, Ферстапен и по една победа од возачите на Ферари, Мекларен и Мерцедес АМГ.
Од четирите најсилни тимови, само Серџо Перез, кој поминува низ тежок пад во формата, нема победа, а од средината на мај не се искачи над седмото место. Дали оваа трка е шанса за негов кам-бек, осми победник и обезбедување на неговото место во тимот на Ред Бул.
Пред една година, пред летната пауза, сите предвидувавме кога Ред Бул ќе ги обезбеди шампионските титули, но сега шампионите имаат само 51 поен пред Мекларен, и уште ништо не е решено.
По завршувањето на трката во Унгарија, Хелмут Марко отворено призна: Макс и целиот тим беа навикнати на лесни победи и премногу се опуштија. Оттука и јавната критика на Ферстапен кон тимот. И навистина им треба летен одмор за да се прегрупираат.
Но, гледачите уживаат во блиската борба на патеката, а трките повторно станаа непредвидливи. Гледаноста расте, сите патеки се распродадени.
Трката започнува во 15:00 часот, кога температурата на воздухот ќе достигне до 23 степени со мала облачност и со слаб северозападен ветер. Веројатноста за врнежи за време на трката е не повеќе од 10%.
Стјуардите на Големата Награда на Белгија го казнија Џоу Гуанју со губење на три позиции на стартот, но и така Кинезот обезбеди старт од последниот ред. Возачот на Заубер е виновен за блокирање на Макс Ферстапен во квалификациите.
Макс Ферстапен загуби десет места на стартот поради промена на моторот со неговиот болид. Со оглед што го имаше најбрзото време на квалификациите, тој ќе стартува од единаесеттата позиција.
Пред почетокот на викендот, во тимот на РБ се решија за целосна промена на елементите на Хонда ПЕ. Затоа Јапонецот доби казна од 60 позиции.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА БЕЛГИСКОТО ГРАН ПРИ
7/28/2024 10:28:00 AM
0
Share to other apps