Ако има еден поединец кој има магичен допир во Формула 1, тогаш дефинитивно тоа би бил Адријан Њуи, кој помогнал во освојувањето на шампионски титули за три тима во врвниот мотоспорт и тоа Вилијамс, Мекларен и Ред Бул.
Неговиот број од 12 титули кај конструктори, придружени со 13 шампионски титули за возачи освоени со неговите болиди, кажува се што треба да знаете за неговото влијание.
Но, успехот во Ф1 никогаш не се сведува на само еден поединец. Најголемите генијалци во светот никогаш нема да постигнат успех доколку ги немаат вистинските луѓе и инфраструктура околу себе.
Дури и на некој толку брилијантен како Њуи му треба пристап до најсовремените капацитети и технологија, и да има околу себе силен калибар на персонал кој може да ги манифестира идеите и насоките во реалноста.
Ова е нешто за што и самиот Њуи е свесен, и веројатно објаснува многу за тоа зошто сакал да ја посети фабриката, нешто што се случи тајно пред Големата Награда на Шпанија, за да види сам што може да понуди Астон Мартин.
Неговата сила е во обединување на сите "мозоци" на тимот, кои ќе ја разберат и работат на неговата визија за тоа како би изгледал победничкиот Ф1 болид.
Не е за него да го дизајнира последниот шраф од Ф1 болидот, тој е таму за да размислува за поголема слика, да ги предизвикува областите за кои мисли дека не се во согласност со неговите стандарди и да остане чекор понапред од конкуренцијата.
Прославениот британски дизајнер ќе започне да работи во тимот на Астон Мартин од 1 март 2025 година, преземајќи нова улога како управен технички партнер, но и најнов акционер.
Назначувањето на Адријан Њуи е уште една изјава за амбициите на Астон Мартин во Формула 1.
Подготвен за нешто ново во Формула 1, Адријан гледа на Астон Мартин како идеален проект за примена на неговите насоки и креативност.
Приватната турнеја низ новиот кампус се покажала како одлучувачки фактор во процесот на донесување одлуки.
Сега "умот" на Адријан ќе треба да придонесе интерграција на погонските единици на Хонда во болид дизајниран и конструиран по новите техничките правила за 2026 година.
Адријан Њуи: "Возбуден сум што му се придружувам на Формула 1 тимот на Астон Мартин. Бев многу инспириран и импресиониран од страста и посветеноста што Лоренс ги носи во сè со што е вклучен."
"Лоренс е решен да создаде победнички тим. Тој е единствениот мнозински сопственик на тим кој активно се занимава со овој спорт."
"Неговата посветеност се покажува во развојот на новиот технолошки кампус и воздушен тунел во Силверстоун, кои не само што се најсовремени, туку имаат распоред што создава одлична средина за работа."
"Заедно со одлични партнери како Хонда и Арамко, тие ги имаат сите клучни делови од инфраструктурата потребни за да се направи Астон Мартин тим кој освојува шампионски титули и со нетрпение очекувам да помогнам да се постигне таа цел."
Лоренс Строл, извршен претседател на Астон Мартин: "Ова е огромна вест. Адријан е најдобар во светот во она што го прави и јас сум неверојатно горд што се приклучува на тимот на Астон Мартин."
"Ова е најголемата вест откако името на Астон Мартин се врати во спортот и уште една демонстрација на нашата амбиција да изградиме Формула 1 тим способен да се бори за шампионатските титули."
"Штом Адријан стана достапен, знаевме дека треба да го ангажираме. Нашите првични разговори потврдија дека постои заедничка желба да соработуваме во можност што се случува еднаш во животот."
"Кога виде што изградивме во Силверстоун, која талентираната група на луѓе ја собравме и ќе го имаме најмодерниот воздушен тунел во овој спорт, тој брзо сфати што се обидуваме да постигнеме."
"Адријан ја споделува нашата глад и амбиција, тој верува во овој проект и ќе ни помогне да го напишеме следното поглавје во приказната за Формула 1 тимот на Астон Мартин."
Фернандо Алонсо на денешната прес-конференција во Силверстон на свој начин го прокоментира потпишувањето на повеќегодишниот договор со Адријан Њуи.
"Со Адријан се натпреварувавме на патеките долги години и би рекол дека тој беше извор на мојата инспирација. Неговиот талент и болидите што ги создава не туркаат сите да станеме подобри луѓе."
"Ова се однесува на возачите, инженерите и воопшто на тимовите, за да се натпреваруваме со него, моравме да си поставуваме сè потешки задачи и да работиме сè поинтензивно."
"Дојде неверојатно важен ден за нашиот тим. Лоренс Строл чекор по чекор ја реализира својата визија, бидејќи веќе е изградена нова фабрика, нов воздушен тунел, потпишан е договор со Хонда, со Адријан, со партнери и спонзори."
"Со мојата претстојна соработка со Адријан Њуи, има големи можности за мене на професионален план и ќе продолжам да ја носам зелената униформа."
"Но, исто така е важно што од човечки аспект можам да научам многу од него, од другите инженери во тимот, не само за она што се случува на тркачките патеки, туку и надвор од нив."
ОФИЦИЈАЛНО: АДРИЈАН ЊУИ ГО ЗАСИЛУВА ТИМОТ НА АСТОН МАРТИН
9/10/2024 12:07:00 PM
0
Share to other apps