Во Азербејџан Формула 1 го имаше своето деби во 2016 година, кога се возеше трка под името Голема Награда на Европа. Веднаш по првата трка организаторите го сменија името, и настанот ја доби титулата Голема Награда на Азербејџан.
Нема да биде досадна трка. За разлика од минатата година, односот на силите е целосно неочигледен, на трите претходни трки победија возачи на три различни тимови, а во Баку неминовно голема улога игра и факторот на среќа.
За седум години, само во два наврати победник беше возачот што стартуваше од пол позицијата, што значи сè се решава во недела.
Мекларен се очекуваше да го превземат врвот на табелата во пласманот на конструктори, но испаѓањето на Ландо Норис во Q1 сесијата го отежна тоа, но сепак тоа е возможна мисија. Во последните десет трки тие освоија 314 поени наспроти 207 за Ред Бул.
Во конкуренција на возачи, блиската борба за титулата е сè уште далеку, но предноста на Макс Ферстапен постепено исчезнува. Не со темпо со кое посакува Ландо Норис, но сепак таа се топи.
Оливер Берман ќе има втора трка во оваа сезона, но наместо Ферари сега ќе го вози болидот на Хас, каде ќе го замени Кевин Магнусен, кој беше дисквалификуван поради собрани 12 казнени поени.
До минатата година, никој немаше победено двапати во Баку, нешто што му успеа на Серџо Перез кога настанот се одвиваше во спринт форматот. За оваа година се се врати во нормала.
Баку ги нема карактеристиките на останатите градски патеки, бидејќи стартната позицијата на истата не е од големо значење, особено во споредба со Сингапур и Монте Карло.
Со своите шест километри е втора по должина на кругот во сегашниот календар, веднаш зад СПА-Франкоршамп. Најдобро и реално остварливо место за претекнување е првиот свиок.
Таа претставува необичен спој на претежно бавни свиоци, за кои е потребна слична конфигурација на потисната сила како во Монако, и многу долги правци, на кои нивото на потисната сила е слично на Монца.
Тимовите се обидуваат да го пронајдат оптималниот сооднос на овие две екстремно спротивни конфигурации во однос на потисната сила. Кратката историја на трката сугерира дека не постои едно решение што одговара на сите предизвици.
Претекнувањето е споредливо со Австрија и Бахреин, патеки каде тоа е лесно остварливо, така што стратегијата со боксевите е повеќе оптимална, отколку реакционална. Загубата на време за влез во бокс е околу 21-22 секунди, со што патеката во Баку е една од побрзите во однос на оваа карактеристика на трката.
Кога возачите ќе го започнат загревачкиот круг во 15:00 часот по локално време, воздухот ќе се загрее до 26 степени со сончево небо и ќе дува засилен северо-западен ветер. Не се очекуваат врнежи.
ВАЖНО: Не верувавме дека некој ќе има проблеми со стартното време, но има и такви. По два дена уште има луѓе што ги збунува локалното време во Баку, кое ако не следевте редовно ќе знаете дека е 2 ЧАСА понапред од Македонија. Што значи дека ТРКАТА СТАРТУВА ВО 13:00 часот по наше време.
Стратегијата е водена од деградација на гумите, а Пирели ги донесе своите најмеки и најмалку издржливи смеши C3, C4 и C5. Безбедносниот автомобил има потенцијал да влијае на стратегиите затоа што веројатноста за прекин на трката е голема.
Трката за Големата Награда на Азербејџан која се состои од 51 круг, од стратегиоска гледна точка е јасна, во нормални околности ќе гледаме само едно застанување во бокс.
Но, постојат два начини да се пристапи кон истата, а исто така и големата веројатност за излегување на безбедносниот автомобил може целосно да ги сврти работите.
Теоретски најдобриот начин да се започне трката се жолтите гуми, а потоа да се премине на белите до крајот. Ова дава широк прозорец за застанување,13-20 круг, што го прави добар конзервативен избор. Спротивниот избор бели-жолти дава прозорец на застанување помеѓу 32 и 38 круг.
Оние кои сакаат да пробаат нешто поризично може да ги користат црвените гуми за почетниот стинт, па потоа трката да ја финишираат на белите. Црвените гуми ќе испорачаат малку дополнителна брзина на почетокот, но тоа значи порано одење во бокс, 8-13 круг, и повнимателно нивно менаџирање.
Двете споменати стратегии се добри, но големата непознаница е безбедносното возило, кое би можело да понуди екстра брз пит-стоп во секој момент. Но, имаше и трки во Баку кои беа неверојатно чисти, така што тоа не е нешто на кое некој може да се потпре.
Она што е сигурно е дека со стратегијата со две застанувања е јасно побавна, и освен ако не постои многу добра причина не е препорачливо да се употреби.
Марио Изола, Пирели: "Навистина изгледа како Леклер да има посебно чувство за оваа патека, бидејќи не се случува често да гледате некој да освои четири последователни пол позиции на иста патека!"
"Уште еднаш видовме дека патеката станува се побрза и побрза со секој нов круг, но ние сме уште далеку, не само од времето што се очекуваше од симулациите на тимовите од 1:39.4, туку и од ланското време за пол - 1:40.203, што покажува дека сè уште има простор за поголема еволуција на патеката за време на трката."
"Во однос на стратегијата, на хартија, едно застанување е дефинитивно најбрзата опција на оваа патека, со жолти и бели пневматици кои се најпогодни за трката. Две застанувања станува веродостојно само ако има безбедносно возило во втората половина од трката и веројатно затоа многу возачи задржаа два сета од белите гуми."
"Теоретски, врз основа на првичниот поглед на податоците, првото застанување треба да биде помеѓу круговите 13 и 20 за оние кои ќе се одлучат да стартуваат на жолти, додека оние што ќе ја започнат трката на белите треба да се префрлат на жолти помеѓу круговите 32 и 38."
"Јасно, неутрализацијата на трката може да доведе до серија на застанувања во пит, како што видовме минатата година на пример. Еден фактор што треба да се земе предвид ќе биде грејнингот, имајќи предвид дека патеката е сè уште многу валкана."
Пред саботниот тренинг, трета контролна единица и трета единица за складирање на електричната енергија беа инсталирани на болидот на Џоу Гуанју.
Прописите дозволуваат користење до две такви замени по сезона. За секоја ваква промена се добива казна со загуба од 10 стартни позиции.
Значи технички кинезот е казнет со дваесет старни позиции, што реално значи старт од последниот ред на гридот.
По завршување на квалификациите, при вообичаената контрола на болидите од страна на ФИА беше утврдено прекршување на член 5.2.3 од техничките прописи.
Во болидот на Пјер Гасли контролниот сензор за мерење на нивото на проток на гориво забележал зголемена вредност на моменталната потрошувачка на гориво.
Откако стјуардите го разгледаа прекршувањето на техничките прописи, французинот беше дисквалификуван од квалификациските резултати, но му беше дозволено да ја стартува трката.
Утринава, ФИА ја потврди замената на погонската единица во болидот на Луис Хамилтон. Дополнително, тимот ги прекрши условите кои важат за затворениот паркинг каде се наоѓаат сите болиди со прилагодување на поставките за амортизација и аеродинамика, така што британецот ќе ја започне трката од пит-линијата.
Од пит-линијата друштво ќе му прави Естебан Окон. Тимот на Алпин исто така ги замени елементите на Рено ПЕ во неговиот болид. Французинот доби нов мотор, турбина, мотор-генератор MGU-H и издувен систем.
Во квалификациите, Естебан Естебан го забележа 20-тото најбрзо време, па казната практично нема да има голем ефект.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АЗЕРБЕЈЏАН ГРАН ПРИ
9/15/2024 10:20:00 AM
0
Share to other apps