Големата Награда на Сингапур ја затвора меѓу-сезоната од оваа 2024 година, по што следува целосно непотребната едномесечна пауза помеѓу Сингапур и Остин, создадена по одложувањето на Јапонското ГП, и серија од три последователни трки во САД, Мексико Сити и Сао Пауло.
Кога Сингапур дојде на Формула 1 сцената, тоа беше нешто повеќе отколку само трка на ново место со прекрасна локација. Тоа беше првата ноќна трка во шампионатот и првата улична патека во Азија.
Блиските бариери, исто како во Монте Карло, бараат целосна фокусираност и концентрација од возачите за време на целиот тркачки викенд.
Според самите возачи, моќното осветлување овозможува таква видливост на патеката која е подобра отколку на дневните трки, бидејќи не постои отсјајот на сонцето.
Искрите од подот на болидите, издувните пламени и усвитените дискови на сопирачките обезбедуваат глетка што поминува незабележано во дневните часови.
Времето во Сингапур е жешко, а како додатно отежнување е и големата влажност на воздухот. Затоа колку што трката во Сингапур се вози навечер од естетски причини и прилагодување со Европската саатница, тоа е и најдоброто време за возачите и публиката.
Минатогодишната трка во Сингапур беше единствената што не можеше да биде освоена од возачите на Ред Бул. Победата ја прослави Карлос Саинц Јр. со Ферари, а трката беше прогласена за најдобра на годината. Да се надеваме дека и денешната трка ќе донесе изненадувања и адреналин.
Макс Ферстапен, во целата историја на Големата Награда на Сингапур, никогаш не победил на оваа трка. По една победа имаат Розберг, Перез и Саинц Јр., две за Алонсо, четири за Хамилтон и пет за Ветел. Двајца од нив веќе не настапуваат, уште двајца имаат болид кој не е доволно брз.
Оваа година големи се шансите да имаме нов победник.
Само еднаш овде победил возач на Мекларен, а тоа беше Луис Хамилтон во 2009 година.
Речиси веднаш стана јасно дека претекнувањето во Сингапур е во основа невозможно, дека два часа на топлина и висока влажност станаа мачење за возачите, кои мораа да поминат 19 свиоци во секој круг, претходно имаше 23, без поголема надеж за подобрување на позицијата и правци каде што би можеле да се опуштите.
Обично трката во Сингапур е интересна до крајот на квалификациите, кои навистина се интензивни и решаваат речиси сè. Но, има исклучоци...
Од Пирели за претстојната трка за Големата Награда на Сингапур ги донесоа трите најмеки смеши Ц3, Ц4 и Ц5. Со оглед на комплексноста за претекнување на патеката, тимовите внимателно ќе ги проценат опциите за да добијат стратегиска предност.
За оваа трка, неопходно е да се земе предвид високата веројатност за појава на безбедносното возило, што може да го промени текот на трката.
Ако остане суво, од Пирели најавуваат дека најдобрата стратегија за денешната трка треба да биде со едно застанување во бокс.
Ова може да вклучува старт на жолтите гуми и нивно возење до помеѓу 21 и 27 круг, а за финиш на трката возачите да се префрлат на белите гуми.
Алтернатива би било, по стартот, да се вози на црвените гуми од 14 до 19 круга, пред да се префлат на белите.
Постојат голем број на добро познати надворешни фактори кои често влијаат на стратегијата во Сингапур.
На секоја трка што се одржува во Марина Беј има најмалку едно излегување на безбедносниот автомобил, како и временските услови.
Во обид да се подобри можноста за претекнување на Марина Беј градската патека, ФИА одлучи да додаде четврта ДРС зона на трите постојни. Патеката е значително побрза од минатата година.
Марио Изола, Пирели мотоспорт: "Беше многу интересна сабота, почнувајќи од тренинг сесијата. И покрај обилниот дожд што паѓаше долго време, патеката не го изгуби грипот и продолжи да се подобрува."
"Ситуацијата беше поинаква за време на квалификациите, кога еволуцијата на патеката беше многу ниска, што објаснува зошто најбрзото време од T3, поставено од Норис, беше подобрено за само 125 илјадити делови од секундата."
"Треба да се напомене дека воздухот е многу влажен овде во Сингапур и немаше активност на патеката помеѓу двете Формула 1 сесии, што исто така можеше да има влијание врз состојбата на површината на асфалтот."
"Гледајќи кон денешната трка, кога еден пит-стоп за промена на гуми ќе ги чини возачите околу 28 секунди, задолжителен избор е стратегија со едно застанување во бокс."
"На хартија, според првичната анализа, изборот на жолти, па бели гуми е најбрзата опција, со пит-стоп прозорец помеѓу круговите 21 и 27. Црвената смеша се покажа како остварлива опција за првиот стинт, со пит-стоп помеѓу круговите 14 и 19."
"Оние кои стартуваат помеѓу средниот и предниот дел на гридот, исто така, би можеле да размислат за стартување на белите гуми за долг прв стинт, со идеален прозорец за пит-стоп помеѓу 37 и 43-от круг."
"Имајќи го сето ова во предвид, на овој тип на патека, често сме гледале, како возачите и тимовите тактички го прилагодуваат своето тркачко темпо, особено за време на првиот стинт."
"Неутрализацијата на трката и времето се два други фактори кои дефинитивно треба да се земат предвид, но малку може да се влијае на нив, освен да сте подготвени максимално да ја искористите секоја можност што би се појавила."
Во петокот и саботата возачите работеа на сува патека, а врнежи не се прогнозираат нити за време на денешната трка.
Во 20:00 часот по локално време кога возачите ќе го започнат загревачкиот круг, температурата на воздухот ќе биде околу 30 степени со слаб источен ветер. Веројатноста за врнежи се проценува на минимални 5%.
Во Сингапур е речиси невозможно да се престигне. Болидите од новата генерација се потешки и пошироки, па факторите за успешно претекнување остануваат исти, успешни квалификации, добар старт и ефективна стратегија.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА СИНГАПУРСКОТО ГРАН ПРИ
9/22/2024 10:20:00 AM
0
Share to other apps