Мекларен беше тимот кој пристигна со најдобра форма на денешните квалификации. Норис доминираше на последниот слободен тренинг, со четири десетинки разлика пред Мерцедес АМГ, осум пред Ред Бул и девет пред Ферари.
Па така, Британецот, и повеќе од очекувано, ја освои Пол позицијата за утрешната Голема Награда на Сингапур, победувајќи го Макс Ферстапен со предност од две десетинки разлика, што беше сосема неочекувано.
Оскар Пјастри, во вториот болид на Мекларен, не се снајде најдобро и успеа да го забележи само 5-тото најбрзо време во финалниот сегмент кој беше прекинат поради излетувањето на Карлос Саинц Јр.
Макс Ферстапен успеа да го исцеди RB20 до максимум и се пласираше на првиот стартен ред веднаш до својот најголем конкурент за Титулата. Двајцата од позади ќе треба да внимаваат на возачите на Мерцедес АМГ, со Луис Хамилтон на третата позиција и Џорџ Расел четвртата.
Нико Хулкенберг повторно настапи над очекувањата и утре ќе стартува шести, пред Фернандо Алонсо кој исто така извади што можеше од болидот на Астон Мартин и Јуким Цунода во болидот на РБ.
Карлос Саинц Јр. ќе стартува десетти откако имаше излетување на влез во последниот свиок и тоа во момент кога се подготвуваше да го започне својот прв брз круг во Q3 сесијата. Ферарито се изврте и заврши право во заштитните бариери.
Веднаш пред него ќе стартува и неговиот тимски колега, чиј единствен брз круг беше избришан поради нарушување на границите на патеката.
Ред Бул од вчера до денес направи голем скок исто како Мерцедес АМГ, Ферари испаднаа од равенката кога се изгледаше дека ќе атакуваат на пол позицијата. Останува да видиме, дали Норис овојпат ќе успее да ја задржи позицијата по првиот круг.
Големата Награда на Сингапур е закажана за 14:00 часот по Македонско време.
Квалификациите се клучната сесија за викендот во Сингапур. Разликата во брзина треба да е огромна за да се престигне на вака тесна градска патека, па во текот на изминатите 14 трки, возачот кој стартувал од Пол бил победник на трката на девет настани, додека во останатите трки се вмешаа временските услови или имаше инциденти со излегување на безбедносното возило.
Оваа година, ФИА дури додаде и четврта ДРС зона, но тимовите сепак се потпираа на квалификациите кога ги поставуваа своите болиди.
Сите сесии досега се одржаа на сув асфалт.
Пирели за овој викенд ги донесе најмеките смеши C3, C4 и C5 во улогата на бели, жолти и црвени гуми, но на лизгавиот асфалт многумина се пожалија на лош грип.
ЛАНДО НОРИС НЕПОБЕДЛИВ НА МАРИНА БЕЈ
9/21/2024 02:52:00 PM
0
Share to other apps