Чарлс Леклер повторно ќе стартува од Пол позицијата за Големата Награда на Азербејџан. Ова беше 26-тата Пол позиција на Моначанецот во Формула 1.
Во сесија со многу изненадувања, го победи Оскар Пјастри за три десетинки и Карлос Саинц Јр. за четири.
Серџо Перез за прв пат оваа сезона успеа да го победи Макс Ферстапен, и ќе стартува од П4, додека Холанѓанецот не можеше повеќе од П6.
Џорџ Расел го имаше 5-тото најбрзо време, пред Макс Ферстапен и Луис Хамилтон.
Фернандо Алонсо, со добар круг ја обезбеди 8-та позиција, победувајќи ги возачите на Вилијамс. Франко Колапинто и Алекс Албон го заокружија Топ 10 пласманот.
По завршување на квалификациите, при вообичаената контрола на болидите од страна на ФИА беше утврдено прекршување на член 5.2.3 од техничките прописи.
Во болидот на Пјер Гасли контролниот сензор за мерење на нивото на проток на гориво забележал зголемена вредност на моменталната потрошувачка на гориво.
Последиците за Алпин ќе ги дознаеме откако стјуардите ќе го разгледаат овој прекршок.
Досега само Џоу Гуанју има казна за промена на елементи од погонската единица во неговиот болид.
Откако го разгледаа фактот за прекршување на техничките прописи на болидот на Пјер Гасли, Французинот беше дисквалификуван од квалификациските резултати, но стјуардите му дозволија да ја стартува утрешната трка.
Може да се каже дека Баку е територија на Леклер.
Имаше три последователни Пол позиции во 2021, 2022 и 2023 година, а денеска со спектакуларен круг ја обезбеди четвртата.
Но, дали ќе може да стигне до првата Победа на оваа градска патека?
Ландо Норис испадна во Q1 поради грешка во 16-от свиок и мешаница со жолто знаме?!?
Оливер Берман и Франко Колапинто ги победија своите поискусни тимски колеги.
Џорџ Расел е под истрага на стјуардите за Големата Награда на Азербејџан, поради тоа што тој не забави во зона со развеано жолто знаме во првата квалификациска сесија. Стјуардите го казнија со предупредување.
По одржани три тренинг сесии на кои најбрзото време го имаа три различни возачи, време беше да дознаеме кој ќе ја стартува утрешната трка на првата позиција.
Q1 сесијата започна со прилично "зелен" асфалт и температура од 38 степени. Очекувано, многу возачи се наредија на крајот од Пит-линијата. Ова е Баку и секое жолто или црвено знаме може да ви ја уништи сесијата.
Првото забележано време беше на Нико Хулкенберг, кое брзо беше надминато од побрзите тимови.
Серџо Перез поведе со 1:43.436, победувајќи го Чарлс Леклер за една десетинка и Макс Ферстапен за две десетинки.
Франко Колапинто го победи Алекс Албон за три илјадитинки во првиот обид.
Патеката се подобруваше, а црвените гуми дозволија втор обид. Аргентинецот забележа изненадувачко време од 1:43.545 во неговиот втор обид и се пласираше на третата позиција во моментот.
Имаше многу акција на патеката која дозволи многу побрзи времиња. Чарлс Леклер се подобри на 1:42.775 и заврши на врвот на табелата, следен од Албон, Пјастри, Гасли и Хамилтон.
Изненадувањето дојде во последните моменти. Ландо Норис, самоуверено, стартуваше со користени гуми и го подобруваше кругот, но погреши во 16-от свиок, грешка која беше дополнително влошена со краткото жолто знаме и фаворитот за шампионската титула не успеа да се пласира во Q2!
Британецот беше седумнаесетти, зад Даниел Рикиардо и пред Ботас, Џоу и Окон.
Втората сесија започна со подобар грип на асфалтот и температура од 37 степени. Повторно, многу возачи брзо излегоа на патеката, но речиси сите беа на користени црвени гуми.
Чарлс Леклер ја предводеше групата и прв забележа време од 1:43.422. Меѓу оние кои се возеа со користени пневматици, Џорџ Расел беше најбрз со импресивни 1:42.785.
Поучени од дебаклот на Норис, Мекларен се реши за нов сет црвени гуми на болидот на Оскар Пјастри веќе во првиот брз круг и го зеде првото место на табелата. Но, следуваа на возачите на Ред Бул кои исто така беа брзи на нови гуми!
Макс Ферстапен имаше време од 1:42.042, а Серџо Перез 1:42.263. Се разбира, имаше уште време да се подобрат резултатите и многумина го направија тоа, но Холанѓанецот остана со најбрзото време, следен од Леклер, Перез и Расел.
Фернандо Алонсо забележа добар круг за П5, победувајќи го Ленс Строл за речиси секунда. Франко Колапинто имаше изненадувачко време и беше шести, пред Саинц Јр., Пјастри, Хамилтон и Албон.
Елиминирани беа Оливер Берман, Јуки Цунода, Пјер Гасли, Нико Хулкенберг и Ленс Строл. Берман, приреди уште едно изненадување победувајќи го Хулкенберг за повеќе од две десетинки.
За последниот Q3 сегмент, асфалтот остабна на 37 степени, но во овој случај немаше брзање да се излезе на патеката.
Поминаа околу две минути додека сите возачи не излегоа на патеката и четворица од нив, Алонсо, Колапинто, Пјастри и Албон, беа на користени гуми, останатите со нови.
Во првиот обид најбрз беше Чарлс Леклер со одлично време од 1:41.610 и ги победи Саинц Јр. и Пјастри(стари гуми) за две десетинки. Ферстапен направи грешка во 16-от свиок и имаше само шесто најбрзо време.
Се очекуваше лесна Пол позиција за Пјастри откако Мекларенот заостана само 217 илјадитинки зад Леклер и покрај тоа што беше на стар сет пневматици. Разликата старт/нов сет е околу половина секунда.
Во последните обиди, Чарлс Леклер со извонреден круг го намали своето време на 1:41.365 што беше доволно да ја забележи четвртата последователна Пол позиција во Баку.
Оскар Пјастри не беше на ниво на задачата и само успеа да ги раздели двата возачи на Ферари со второто најбрзо време. Карлос Саинц Јр. беше трет со четири десетинки заостанување.
Серџо Перез успеа да го победи Макс Ферстапен и беше четврти, пред Расел и Холанѓанецот. Луис Хамилтон заврши седми, далеку од топ 6.
Фернандо Алонсо во вториот брз круг излезе пред возачите на Вилијамс, победувајќи го Франко Колапинто за една десетинка.
Алекс Албон не можеше да го извози последниот круг, бидејќи Вилијамс заборави да извади фенот за ладење од неговиот болидот и, иако Тајлаѓанецот успеа да го отстрани откако излезе на патеката, изгуби време и не можеше навреме да ја мине стартната линија.
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР НЕПОБЕДЛИВ ВО БАКУ, ДЕБАКЛ НА ЛАНДО НОРИС
9/14/2024 01:44:00 PM
0
Share to other apps