Ландо Норис го имаше најбрзото време на вториот тренинг во Сингапур и даде силна изјава дека ќе атакува на нова Пол позиција.
Младиот Британец има огромна предност пред Макс Ферстапен, кој немаше добар настап нити во квалификациските, нити стинтовите каде се утврдуваше тркачкото темпо.
Ферари изгледа добро, особено со Чарлс Леклер на второто место, додека иако трет Карлос Саинц Јр. имаше релативно големо заостанување.
Оваа тренинг сесија е најважна на патеката Марина Беј, затоа што се одржува во исто време со квалификациите и трката.
На почетокот од тренинг сесијата видовме мешавина од бели и жолти пневматици, а секој возач возеше на спротивната смеша од претходната сесија.
Оние кои го започнаа првиот тренинг со жолти, овојпат возеа на бели, во случајот со Норис и двата возачи на Ред Бул, и обратно, Оскар Пјастри, двајцата возачи на Ферари и Мерцедес АМГ.
Возачите на Ферари беа прилично брзи на жолтата смеша, со тоа што Леклер забележа време од 1:31.665, пред Алекс Албон кој го започна Т2 на високо ниво со болидот на Вилијамс.
Во првата третина од сесијата немаше многу случувања, но во втората беше време за квалификациска пресметка на црвените гуми.
Возачите на Ферари се покажаа добро, но не можеа да го победат Норис кој времето го намали на 1:30.727, иако беше само половина десетинка побрз од Леклер.
Монaчанецот беше многу солиден и беше најбрзото Ферари, пред Саинц Јр. кој ја немаше истата самодоверба како неговиот тимски колега.
По овој тренинг чувството е дека само два тима имаат болид за Пол позицијата, нешто што возачите на Мерцедес АМГ и Ред Бул можеби го немаат.
Четвртото место му припадна на Јуки Цунода со болидот на РБ, тим кој се стреми да го предводи средниот дел од табелата за овој тркачки викенд. Даниел Рикиардо беше шести во другиот болид на тимот, со Оскар Пјастри помеѓу нив двајцата.
Мерцедес АМГ и Ред Бул имаа од лоша полоша сесија. Џорџ Расел беше седми, пред Серџо Перез со осмото најбрзо време. Нивните тимски колеги, шампиони, не успеаја да влезат во Топ 10 пласман. Луис Хамилтон беше на 11-то, Ферстапен на 15-тото место, со повеќе од една секунда заостанување.
Топ 10 пласманот за време на квалификациските кругови го заокружија Алекс Албон на деветто и Нико Хулкенберг на десетто место.
За последниот дел од сесијата, возачите ги наполнија болидите со гориво за да се вратат на подолги стинтови и собирање податоци за трката.
Како и на првиот тренинг, сите три смеши беа на патеката, иако белата и црвената беа најупотребувани.
Помеѓу двете тренинг сесии во падокот се прошири одлуката на ФИА во која се вели дека задното крило на Мекларен користено на трката во Баку во иднина ќе се смета за нелегално, иако ги поминува сите нивни тестови.
Како последица, дизајнерите на Мекларен ќе мора да го модифицираат контроверзното задно крило што додега го користеа на патеките каде се бара ниска потисна сила, за кое ФИА одлучи дека на краиштата премногу се деформира на патеката.
Претходнава недела имаше голем медиумски притисок откако на видеата од Големата награда на Азербејџан, се гледаше дека задното крило на MCL38 видливо се деформира на краевите, што беше споредено со создавање на мини ДРС-систем.
Во двата наврати, ФИА инсистираше дека сите задното крило на Мекларен ги поминува сите тестови и се смета за легално.
Но по Баку, иако тоа задно крило ги помина тестовите и затоа се сметаше за легално, но по прегледот на дополнителни податоци и докази, ФИА смета дека Мекларен нема доволно контрола за тоа колку крилото се свиткува, така што тоа не би се сметало за легално од Техничкиот оддел на ФИА во иднина.
Затоа се очекува Мекларен да го прилагоди крилото за да не се деформира на ист начин во иднина. До крајот на сезоната има само уште една трка каде би се употребило задно крило кое генерира ниска потисна сила, Големата Награда на Лас Вегас.
ЛАНДО НОРИС НАЈБРЗ НА ПЕТОЧНИТЕ ТРЕНИНГ СЕСИИ
9/20/2024 02:41:00 PM
0
Share to other apps