Ново затегнување на проверките на болидите од страна на ФИА кои ќе се применуваат веќе од следнава трка во Остин, Тексас.
ФИА се сомнева дека тим, кој не е откриен, можеби ги прекршувал прописите за висината на подот на болидот преку прилагодување кога болидите се наоѓаат во затворен паркинг, помеѓу квалификациите и трката, нешто што е забрането.
Како последица на тоа, ФИА ја промени процедурата за проверка на болидите почнувајќи од овој викенд во Остин. Сите очи се вперени во наводниот трик за менување на висината на болидот од внатрешноста на кокпитот за време на неговото носење во затворениот паркинг.
Неправилноста би произлегла од наводната модификација на висината на почетниот дел од подот помеѓу квалификациите и трката.
Благодарение на оваа наводна промена во висината, би се постигнало значително добивање на перформанси помеѓу конфигурацијата што се користи во квалификациите, кога болидот е со минимално количество на гориво и мала аеродинамичка оптовареност, и конфигурацијата што се користи за трката, кога болидот е полн со гориво.
Само неколку милиметри можат да го променат протокот на воздух и на тој начин да постигнат голема добивка во перформансите, особено во квалификациите, додека на трка тоа не влијае толку многу, но помага подобро да се контролира абењето.
Почетниот дел од подот е посебен дел од целиот под, и се поврзани со спојка не поголема од 50 милиметри по радиус за да се избегне кршење. Со тоа овој дел може да има минимална флексибилност, која што не е покриена со техничките директиви, туку се мери со тест за оптоварување.
Неколку тимови забележале неправилност, користејќи го серверот на ФИА, на кој сите тимови мора да ги прикачат своите дизајни на деловите од своите болиди кои се со отворен код, како управувачкиот механизам, системот за гориво, хидрауличната шема, како и структурата на предниот дел од подот, изворно наречен T-Tray.
Споменатите тимови ја изразиле својата загриженост до ФИА, по што од овој викенд за Големата Награда на САД ќе се превземат поригорозни мерења на овој дел од болидите. Секој уред што ги менува поставките на болидот помеѓу квалификациите и трката е строго забранет.
Досега Федерацијата нема добиено никаков доказ дека некој од тимовите дизајнирал уред со кој можат незабележително да ја променат висината на болидот кога тој е во режим на затворен паркинг.
Но, и покрај тоа, со цел утврдување на каква било неправилност, ФИА веднаш ја промени процедурата за верификација на предниот дел на болидот.
Така, во Остин, посебно внимание ќе се посвети на ова прашање, кое може да вклучува употреба на пломби на кој било уред што се користи за менување на висината на тој дел од болидот.
UPDATE: ФИА не кажа за кој тим се работи, но од Ред Бул самите објавија дека имаат таков систем, но тој е недостапен кога болидот е склопен и подготвен за трка.
Некои извори блиски до ФИА укажуваат дека проблемот настанал во Сингапур, кога реагирале повеќе тимови.
Се вели дека Ред Бул не би го користел системот на градската патека во Сингапур, но во Остин може да придонесе многу повеќе.
Од Ред Бул велат дека системот постои и дека ФИА е запозната со него, тема на која имаат разговарано многу пати, воедно, неговиот дизајн е поставен на ФИА сервер, до кој пристап имаат сите тимови.
Токму преку овој пристап некои тимови се посомневаа дека системот се користи за недозволени прилагодувања помеѓу квалификациите и трката.
Ова би била трета техничка контроверзност во оваа сезона, по двете што се однесуваа на флексибилното предно крило на Мекларен и мини-дрс системот на нивното задно крило.
Предниот дел на подот, T-Tray, мора да биде прилагодлив за да се подеси според побарувањата на различните патеки. Ова е апсолутно легално.
Она што е незаконско е да се измени оваа висина помеѓу Квалификациите и Трката, бидејќи болидот е во режим на затворен паркинг. Ако се промени следува казна - старт од пит-линијата.
По примерот на Мекларен, и тимот на Ред Бул се договори со ФИА да направи промени во дизајнот на болидот со цел да се избегнат сомневањата за кршење на прописите.
"Да, таков уред постои, но невозможно е да се користи кога болидот е целосно склопен и подготвен да оди на патеката. Разговаравме за ова прашање во бројна кореспонденција со ФИА и се договоривме за план за понатамошни активности."
ПРОДОЛЖУВА Ф1 ЦИРКУСОТ, ДАЛИ СЕ ОТКРИЕНИ НОВИ ЗАОБИКОЛУВАЊА НА ПРАВИЛАТА
10/17/2024 12:52:00 PM
0
Share to other apps