Во овие седум недели ни претстојат шест завршни трки од 2024 Ф1 сезоната. Од нив три се во спринт формат.
Големата Награда на Америка започнува низа од три трки по ред, Остин, Мексико Сити и Сао Пауло.
Потоа следува кратка пауза со можност за враќање во Европа и средување на болидите и уште три трки по ред, Вегас, Катар и Абу Даби.
Тековната Формула 1 сезоната се покажа дека е поделена на три приближно еднакви сегменти. Пролетниот дел беше продолжение на минатата сезона, убедливо го освои Макс Ферстапен, со 69 поени предност од најблискиот ривал по Шпанското Гран При.
Се чинеше дека нема да гледаме борба за шампионските титули, но ситуацијата драстично се промени. Во следните осум трки, Макс не победи ниту една. Предноста постепено исчезна.
Во Баку, тимот на Мекларен го презеде водството во шампионатот за конструктори, а до оваа трка 2024 сезоната стана најдобра откако Формула 1 се префрли на хибридни турбо мотори во однос на бројот на победници, 7 возачи се искачија на врвот на подиумот. Во 21-от век имало повеќе победници, 8 само во 2012 и 2003 година.
Трката во Сузука беше преместена на пролет, паузата што настана не можеше да се пополни, па пред Остин тимовите добија втора пауза, слична на летната, и ја искористија за подготовка на нови елементи за финалето на оваа сезона и почетокот на следната.
За разлика од лидерите, многу тимови од средината на поредокот повеќе не ги решаваат тековните проблеми, туку веќе се префрлија на следната сезона, со оглед дека истите правила важат и за 2025 година.
Ситуацијата во генералниот пласман кај возачите се покажа многу интересна.
Од една страна, предноста на Макс од 52 поени на шест кола до крајот на сезоната изгледаше удобно, не принудувајќи го да ризикува. На спринтот ја зголеми за 2 поени, па така пред денешната трка има 54 поени предност.
Од друга страна, Мекларен добиваше таков импулс што со секоја трка беа се поблиску. Многумина сонуваа дека судбината на овогодинешната титула ќе биде решена во последната фаза во Абу Даби. Можеби ова ќе успее на крајот.
Патеката на Америка (Circuit of the Americas-COTA) е првиот објект во САД наменски изграден за Формула 1 трки.
Херман Тилке дизајнираше ултра-модерен комплекс кој ги има обележјата на Тексас, но и копии на најпознатите свиоци од останатите Ф1 патеки.
Главни нејзини карактеристики се природните промени во елевацијата, вклучувајќи ја 40 метарската нагорнина кон првиот свиок (BIG RED) кој е главното обележје на патеката.
Потегот од третиот до деветиот свиок претставува низа од брзи свиоци кои потсетуваат на Maggots-Becketts-Chapel од Силверстоун или Esses во Сузука.
Втората половина од техничкиот дел na кругот, завршува со низа на бавни свиоци кои потсетуваат на Хокенхајм.
Големата Награда на Соединетите Држави е еден од најпосетените настани во Ф1 календарот со што Остин, полека станува нов дом за Формула 1 во САД.
Главна знаменитост во комплексот на оваа патека е 25-катната Кула за набљудување.
Во 2017 година беше одлучено квалификациите да се одложат за два часа поради концерт, но оттогаш тоа стана традиција, па така ова е еден од ретките настани кога квалификациите и трката започнуваат во разлика од два-три часа.
Една од очигледните слаби точки на патеката на Америка е нерамниот и абразивен асфалт. Карактеристиките на тлото се такви што е невозможно да се обезбеди нејзината долгорочна стабилност.
На некои места може да се издигне или да пропадне, што предизвикува појава на брановидни нерамнини на асфалтот.
Организаторите ја реасфалтираа патеката, зајакнувајќи некои области со бетонска основа, но признаа дека е невозможно целосно да се реши овој проблем.
И тоа може да биде критично за иднината на првиот вистински дом на Формула 1 во САД, како што рекоа пред дванаесет години.
Во Остин имаме невообичаено жешко време кое има големо влијание врз деградацијата на гумите на Пирели, особено на најбрзите црвени гуми кои се прегреваа, не обезбедувајќи го потребниот грип.
Со високите температури и високата абразивност на асфалтот на патеката на Америка, најверојатно не очекува трка со два пит-стопа.
Вистинската стратегија што секој возач ќе ја избере, исто така, очигледно ќе зависи од гумите што им преостануваат во нивните индивидуални распределби.
Најбрзата варијанта, на хартија, за Големата Награда на Америка која се состои од 56 круга, вклучува два стинта на жолтите гуми и еден на белите.
Најверојатниот избор е старт на жолтите, премин на белите од 16-22 круг, а помеѓу 35-41 круг враќање на жолтите пневматици.
Оние што сакаат да го поминат последниот стинт на белите гуми, својот прв пит-стоп треба да го направат помеѓу круговите 11 и 20, а вториот меѓу круговите 32 и 38.
Постои и трета стратегиска опција, иако нејзината примена е малку веројатна. Старт на црвените гуми, со пит-стоп помеѓу 11-14 круг, премина на белите гуми до круговите 34 и 40 и завршем стинт на жолтите пневматици.
Менаџирањето со абењето и деградацијата на пневматиците ќе биде од клучно значење, впрочем како што тоа е и на секоја трка.
Во петокот и саботата беше топло и суво во Остин, а истото важи и за денес.
Возачите ќе го започнат загревачкиот круг во 14:00 часот по локално време, до кога воздухот ќе се загрее до 28 степени со сончево време и слаб источен ветер.
Џорџ Расел ќе стартува од пит-линијата, откако во Мерцедес АМГ одлучија да ја променат конфигурацијата на болидот по вчерашниот инцидент, а со тоа ги прекршуваат правилата на затворениот паркинг.
Британецот се квалификуваше како шести и сега се враќа на спецификацијата на W15 што тимот ја користеше во Сингапур, без новите елемети за Остин.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АМЕРИКАНСКОТО ГРАН ПРИ
10/20/2024 07:06:00 PM
0
Share to other apps