Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. забележаа 1-2 пласман на Големата Награда на Америка, но целото внимание на трката беше насочено кон борбата меѓу Макс Ферстапен и Ландо Норис.
Двајцата кандидати за шампионската титула се натпреваруваа за третото место на подиумот во жестока битка, во која Макс демонстрираше врвна дефанзива, а Ландо беше во напаѓачки мод.
На крај битката беше решена на зелената маса, најмалку посакуваниот исход. Иако Норис трет ја помина целната линија, Ферстапен беше тој што се качи на победничкиот подиум.
Од Мекларен го продолжија својот прв стинт и созадоа шест круга разлика во староста на гумите во нивна корист и со тоа Ландо Норис изврши притисок врз Ферстапен чиј болид не ги сакаше премногу белите гуми.
Веќе пет круга британецот од Мекларен беше залепен зад болидот на Ред Бул, пробувајќи ги сите можни начини за претекнување.
Во 52-от од 56-те круга за оваа трка, се случи контраверзниот момент кој на крајот се покажа како клучен за последното скалило на попбедничкиот подиум.
Ландо нападна со сите сили од надворешната страна на 12-от свиок. Се случи престигнување, но со сите четири тркала надвор од патеката, бидејќи Макс со доцно сопирање ја затвори својата линија на движење.
Стјуардите веднаш започнаа со разгледување на инцидентот, а исходот беше неизбежен - казна од 5 секунди за Норис, поради излегување од патеката и добивање нелегална предност.
Формула 1 шампионатот по четири недели пауза продолжи со Големата Награда на Америка.
Во паузата, тимот на РБ го раскина договорот со Даниел Рикиардо и на негово место имаме нов возач, младиот Новозеланѓанец Лиам Лосон.
Рикиардо на тој начин се збогуваше од Формула 1 на 35-годишна возраст со 256 Ф1 трки, осум победи и сеќавањето дека се борел дирекно со Макс Ферстапен за време на неговиот претстој во Ред Бул.
Со денешната трка започна последниот дел од 2024 сезоната. До крајот имавме шест трки и 52 поени помеѓу лидерот Макс Ферстапен и неговиот најголем конкурент, Ландо Норис, во борбата за шампионската титула.
На Спринтот во саботата, Макс го зголеми ова водство на 54 освојувајќи го првото место, а неговиот ривал го загуби второто место во последниот круг.
Во квалификациите за трката, Ландо Норис го надомести тоа со непланираната Пол позиција, со само 31 илјадитинки предност во однос Макс Ферстапен, кој не можеше да го комплетира својот втор брз круг бидејќи имаше двојни жолти знамиња поради излетувањето на Џорџ Расел.
Карлос Саинц и Чарлс Леклер се пласираа на вториот стартен ред, во викенд во кој Ферари изгледаше особено конкурентен.
Пирели прогнозираше дека ќе гледаме трка со две застанувања во бокс, но погрешија. Значителна промена по само еден ден од спринтот.
Сите болиди во Топ 10 се одлучија за почетем стинт на жолтите гуми. На белите стартуваа Ленс Строл од П13, Франко Колапинто, П15, Луис Хамилтон, П17, Лиам Лосон, П19 и Џорџ Расел по стартот од пит-линијата.
Ландо Норис добро реагираше по гаснењето на црвените светла на семафорот и веднаш почна да ја затвора внатрешноста на влез од првиот свиок, но и покрај тоа Макс Ферстапен најде начин да се нурне под сопирање и да стане паралелен со Мекларенот.
На патека на која внатрешната страна на првиот свиок е погрешно место да се најдеш на стартот, наместо да притиснеш до крај на педалата за гас, мора да го направиш спротивното.
Па така, кога двајца се караат, користи некој друг. Во овој случај тоа беше Чарлс Леклер, кој од П4 се најде на П1 во само еден свиок.
Карлос Саинц Јр. го искористи тоа што Норис ја загуби инерцијата за да дојде до третата позиција.
Шпанецот се обиде да стигне и до второто место, но Макс Ферстапен успешно се одбрани. Шпанецот имаше темпо и веднаш почна да врши притисок врз Ред Бул.
Моментумот беше изгубен со излегувањето на безбедносното возило по излетувањето на Луис Хамилтон во третиот круг, кога тој остана заглавен во чакалот покрај 19-от свиок.
Британецот, од П17 на гридот, доби пет места и се наоѓаше на П12 во моментот на неговата грешка.
Овој прекин се случи толку брзо што никој не се упати во бокс по нови гуми.
Чарлс Леклер водеше во трката пред Макс Ферстапен и Карлос Саинц Јр., со Ландо Норис четврти и Оскар Пјастри петти по првите кругови.
Трката продолжи во 6-от круг, без никаква промена на позиции при рестартот.
Леклер без проблеми побегна од Ферстапен, а Карлос Саинц Јр. веднаш влезе во ДРС-зоната на Ред Бул. Но, наместо напад Саинц Јр. ненадејно ја загуби супериорноста што ја имаше над Ферстапен.
Шпанецот преку тимското радио објави дека неговиот мотор не дава доволно сила при излегување од кривините и дека мириса на бензин во внатрешноста на пилотската кабина.
Во 10-от круг, предноста на Леклер пред Ферстапен веќе порасна на три секунди. Саинц Јр. излезе надвор од ДРС-опсегот на Ред Бул поради неговите технички проблеми и сега заостануваше 1.5 секунди, а неговото темпо беше стабилизирано. Ландо Норис, заостануваше дополнителни две секунди.
Времињата на Шпанецот се стабилизираа во споредба со тие на Ферстапен, но тој продолжи да губи околу седум десетинки од секундата по круг во однос на својот тимски колега, кој во 15-от круг имаше неверојатни 6.1 секунди предност во однос на Макс Ферстапен. Холанѓанецот беше информиран од неговиот тркачки инженер дека за време на неговиот пит-стоп ќе поправат мал проблем со неговиот болид.
Прв кон боксот се упати Кевин Магнусен, кој од П7 во 17-от круг се реши да менува гуми во обид да се претекне Пјер Гасли со болидот на Алпин. Французинот реагираше и влезе во следниот, но неговото застанување беше бавно, 6.9 секунди, по што ја загубија позиција против Магнусен.
Карлос Саинц Јр. беше прв од водечките кој во 21-от круг се упати кон бокс по нови гуми и обид да се излезе пред Макс Ферстапен. Од Ред Бул не реагираа, а најверојатно главна грижа им беше да бидат пред Ландо Норис.
На овој начин тие ја жртвуваа позицијата на патеката против Саинц Јр. Ферстапен застана во 26-от круг, условен од неговите пневматици, кои веќе беа при крај на нивните перформанси.
Ландо Норис и Оскар Пјастри живнаа по влегувањето на Макс во бокс, а постигнатите времиња беа и повеќе од конкуретни, па од Мекларен се решија да го продолжат првиот стинт и да бараат разлика во перформанси со понови гуми.
Чарлс Леклер се упати кон боксот во 27-от круг со предност од повеќе од 10 секунди пред најблискиот ривал во тој момент, Ландо Норис. Тој се врати на патеката пред Саинц Јр., со предност од 7.6 секунди.
Од тука целото внимание беше насочено кон возачите на Мекларен. Норис и Пјастри, успеаваа да возач прилично компетитивни кругови се до 31-от круг кога започнаа драстично да заостануваат.
Веднаш се упатија во бокс за промена на гумите. Прв беше Ландо Норис, по што на патеката се врати 5.2 секунди зад Ферстапен, но со шест круга понови пневматици.
Пјастри влезе во бокс веќе следниот круг и се врати пет секунди зад својот тимски колега.
Откако сите возачи од најбрзите тимови ги заменија своите пневматици, поредокот беше следен: Чарлс Леклер - 7.1 - Карлос Саинц Јр. - 4.0 - Ферстапен - 6.0 - Норис - 4.5 - Пјастри.
Стратегијата на Мекларен се исплатеше, а Норис започна да го намалува заостанувањето во однос на Ферстапен со темпо од половина секунда по круг.
Макс Ферстапен по тимското радио пријави дека белите гуми не влеваат доверба. Трката влезе во период без поголеми возбудувања, единствено Ландо Норис ја намалуваше предноста на Макс Ферстапен.
На британецот му беа потребни 12 круга за да стигне до ДРС-зоната на Ред Бул, со цел да се осигура дека неговите гуми ќе бидат во добра состојба за напад.
Првиот пат кога Норис го активираше ДРС-системот беше во 44 круг. Во тој момент, сепак, тој беше премногу далеку за да нападне.
Во 47-от круг Макс Ферстапен мораше да премине во тотална дефанзива бидејќи Мекларенот беше залепен зад неговото задно крило.
Следуваше адреналинска битка за подиумот, Макс беше прецизен во одбранбената задача, а Ландо Норис до 51-от круг имаше безброј обиди да го претекне Холанѓанецот, но Макс покажуваше зошто е Ф1 шампион.
Во 52-от круг, Ферстапен повторно ја заштити внатрешноста на првиот свиок, а Ландо Норис отиде на се или ништо од надворешната страна. Британецот успеа да го заврши престигнувањето и да биде трет, но со излегување надвор од патеката.
Макс Ферстапен веднаш по тимското радио побара од Норис да му врати позицијата. Стјуардите отворија официјална истрага за ова прашање, по што се одлучија да доделат казна од пет секунди за Ландо Норис. Ова го исфрли од подиумот и го издигна Холанѓанецот на третото место.
ОСТИН ОБОЕН ВО ЦРВЕНО, ФЕРАРИ СО 1-2 ПЛАСМАН
10/20/2024 07:51:00 PM
0
Share to other apps