Џереми Кларксон, популарниот британски ТВ водител, првенствено познат по автомобилските емисии Top Gear и Grand Tour, кој сега работи на својот нов проект Clarkson's Farm, го сподели своето мислење за двајца шампиони, Луис Хамилтон и Макс Ферстапен.
Освојувачот на седум титули, кој ги има последните трки за Мерцедес АМГ, не помина најдобро минатиот викенд во Бразил и заработи само еден бод за 10-тото место.
Актуелниот шампион пак ја имаше една од своите најдобри трки и откако стартуваше од далечната 17-та позиција извојува блескава победа.
"Научивме две важни работи изминатиов викенд во Бразил", напиша Кларксон. "Не, можеби три, ако се земе предвид Ленс Строл, кој имаше инцидент во новопоправениот болид за време на формацискиот круг. Излета од патеката и се заглави во чакалот."
"Прво, Макс Ферстапен е еден од најдобрите возачи на сите времиња. Можеби дури и најдобриот што сме го виделе. И второ: времето на Луис Хамилтон помина. Тој за неговиот неуспех во квалификациите го обвини болидот, додека неговиот тимски колега, Џорџ Расел, успеа да се пласира на првиот стартен ред."
"Секако, може да се претпостави дека тимот, поради фактот што Луис следната година се сели во Ферари, во резервоарот на неговиот болид истурил шеќер. Но, ова е малку веројатно. Многу е поверојатно дека тој веќе е малку стар."
Кларксон е познат по своите остри забелешки и по специфичниот хумор, понекогаш, како што велат, на работ на пристојноста, па и во овој случај зборуваше на свој вообичаен начин.
Фановите на талентот на Хамилтон и фановите на Ферари можеби се навредени што го читаат ова, но Берни Еклстоун неодамна зборуваше во приближно ист дух:
"За Џон Елкан, шефот на Ферари, важно беше неговото его. Мислеше дека го има најдобриот возач на светот. Кога го потпиша договорот со Луис, ништо не сугерираше дека погрешно пресметал. Дали сега е среќен е друга приказна."
"Сè ќе стане јасно само со текот на времето. Ако Луис згаснува, што јас лично не би сакал да го видам, тогаш треба да ја напушти Формула 1 и да прави нешто друго..."
ЏЕРЕМИ КЛАКСОН СПОРЕДИ ДВАЈЦА Ф1 ШАМПИОНИ
11/10/2024 09:18:00 PM
0
Share to other apps