Ландо Норис ја предводеше британската тројка со Џорџ Расел втор и Оливер Берман трет на првата и единствена тренинг сесија за Големата Награда на Сао Пауло, која се одвива на легендарната патека Интерлагос, т.е. Хозе Карлос Паче.
Во последен момент, во тимот на Хас дојде до измена. Кевин Магнусен ќе ја пропушти петочната програма, а со тоа и утрешниот Спринт. Оливер Берман, резервниот возач на тимот, ќе го вози неговиот болид на денешните тренинг сесија и спринт квалификации, а со тоа ќе мора да настапи и на утрешниот Спринт.
Првиот тренинг во викендите кога имаме Спринт формат е од витално значење да се вози и се да помине без пречки, имајќи предвид дека тоа се единтвените 60 минути пред да започне вистинската акција.
На почетокот сите возачи излегоа на патеката на жолтите гуми, освен возачите на РБ, кои ја користеа најмеката црвена смеша.
Макс Ферстапен ќе се соочи со нова казна во Бразил, овој пат за промена на моторот.
Ред Бул вгради нов мотор во неговиот болид и Холанѓанецот ќе мора да стартува на неделната трка 5 стартни позиции подалеку од таа што ќе ја освои на утрешните квалификации. Казната не се однесува на денешните спринт квалификации и утрешниот спринт.
Актуелниот шампион го имаше најбрзиот круг со жолтите гуми, 1:11.712, време кое набргу беше демолирано од Џорџ Расел со црвените гуми.
Британецот беше првиот што ја комплетираше својата квалификациска симулацијата и забележа време од 1:10.791, речиси една секунда побрзо на патека долга нешто повеќе од три километри, каде што разликите обично се минимални.
Ова ја прави јасна еволуцијата на патеката и перформансите на најмеката C5 смеша од која се произведени црвените гуми за овој викенд. Пирели за оваа година се реши за еден чекор помеки смеши, што малку ќе им го искомплицира изборот на стратегии на тимовите.
Времето на Расел, иако беше забележано многу пред останатите, се покажа доста добро и само Ландо Норис, во неговиот втор брз круг на црвените гуми, можеше да го победи.
Макс Ферстапен го прекина својот најбрз круг и наместо да го комплетира се упати во својата гаража. По вториот сектор заостануваше 0.078 делови од секундата зад времето на Расел.
Друг возач кој претпочиташе да ја сокрие својата форма беше Луис Хамилтон, во овој многу посебен викенд за него. Британецот ја одработи целата сесија со сет на жолти гуми и ги сочува црвените за спринт квалификациите.
Серџо Перез беше уште еден од оние кои сесијата ја завршија на последните позиции, откако имаше гужва на патеката при неговиот брз круг.
Конечниот поредок е прилично чуден, со тројца Британци на чело, но во нив го нема Хамилтон, туку неговото место го зеде Оливер Берман со болидот на Хас.
Значи да резимираме Ландо Норис беше најбрз, пред Џорџ Расел и Оливер Берман. Оскар Пјастри беше четврти најбрз возач, пред Алекс Албон на петтото место на табелата.
Возачите на Ферари беа шести и седми, со Чарлс Леклер малку пред Карлос Саинц Јр.. Нико Хулкенберг беше осми во вториот болид на Хас, победен од Берман, но секако на тренинг сесиите не го знаеме односот на количество гориво и подесувањата на моќност на ПЕ.
Фернандо Алонсо беше деветти по добриот круг во кој му помогна заветрината од болидот на Вилијамс, а Пјер Гасли го комплетираше Топ 10 поредокот.
Следно на програмата се Спринт Квалификациите,19:30 часот, на кои ќе се одреди стартниот редослед на утрешниот Спринт, по кој тимовите ќе може да направат измени на подесувањата на болидите за вистинските квалификации и неделната трка.
ПРИЈАВЕНИ НОВИТЕТИ ЗА БРАЗИЛ