Оскар Пјастри беше најбрзиот возач на Спринт квалификациите за Големата Награда на Сао Пауло, минимално победувајќи го својот далеку поискусен тимски колега за старт од првата позиција.
Сепак, Мекларен денес немаше конкуренција па лесно стигнаа до првиот стартен ред за утрешниот спринт. Ландо Норис ќе стартува веднаш до него, но повторно притисокот го "тера" на грешки кога е најпотребно да остане фокусиран.
Ферари не беа на нивото на минатонеделната трка, па Чарлс Леклер беше далеку на третата позиција, но побрз од Макс Ферстапен кој го имаше четвртото најбрзо време. Зад нив на третиот ред ќе стартуваат Карлос Саинц Јр. и Џорџ Расел.
Четврта година по ред, Бразил е домаќин на Спринт форматот и по четврти пат фановите уживаа во квалификациска сесија веќе во петок. Само што овој пат редоследот не е за трката, туку за утрешниот спринт.
Во SQ1, дури и со жолти гуми, двата возачи на Мекларен беа застрашувачки за конкуренцијата со одлично темпо, што нити Ферстапен не можеше да го следи и покрај тоа што има нов мотор во својот болид.
Немаше поголеми изненадувања во оваа прва квалификациска сесија, каде сите фаворити поминаа понатака без проблеми. Астон Мартин беше единствениот од десетте тимови кој ги загуби двата болидите во овој прв сегмент.
Фернандо Алонсо беше шеснаесетти, а Ленс Строл деветнаесетти, со Канаѓанецот само пред Џоу Гуанју. Естебан Окон и Јуки Цунода исто така беа елиминирани, нешто што го остава во лоша позиција во внатрешната битка против Лиам Лосон.
Во SQ2 дојдоа првите изненадувања со елиминацијата на Луис Хамилтон и Серџо Перез. Двата возачи на Мекларен се пласираа на првото и на второто место, Ландо Норис повторно беше убедлив и веќе се насетуваше дека нема да имаат конкуренција за првиот стартен ред, иако SQ3 битката требаше да се одвива на црвените гуми.
Нико Хулкенберг исто така беше елиминиран, додека Оливер Берман успеа да продолжи понатаму во вториот болид на Хас. Позитивно изненадување од страна на Пјер Гасли, влегувајќи во SQ3, како и Алекс Албон и Лиам Лосон.
Франко Колапинто не можеше да напредува, ниту пак Валтери Ботас, кој веќе направи се што можеше со пласманот на Заубер во вториот квалификациски сегмент.
Во SQ3, возачите на Мекларен беа првите што излегоа на патеката, убедени во можностите на својот болид, и не чекаат подобрување на патеката за да го извозат првиот брз круг со црвените гуми.
Норис го искористи максимумот од MCL38 и се најде на врвот од табелата, со време кое се очекуваше дека никој нема да го победи. Пјастри заостана две десетинки во својот прв обид.
Во вторите обиди на стар сет пневматици, кога никој не очекуваше подобрување на времињата, од нигде никаде Оскар Пјастри успеа да комплетира мега брз круг и да го победи својот поискусен тимски колега. Ландо Норис направи повеќе грешки при вториот брз круг и наместо да го заврши се упати во бокс.
Не е вообичаено да се види возач кој може да направи два добри круга со црвените пневматици во последниот сегмент од квалификациите, но Пјастри успеа и тоа му ја донесе првата позиција за утрешниот спринт.
Зад двата возачи на Мекларен, Чарлс Леклер остана на третата позиција, а Ферстапен не можеше повеќе од четвртото место на табелата. Холанѓанецот ги рзадели возачите на Ферарите, бидејќи Саинц Јр. се пласираше на петтата стартна позиција.
Џорџ Расел повторно остана во "ничија земја" со шестата позиција, пред Пјер Гасли на седма и Лиам Лосон на осмата. Албон беше деветти, а Берман беше десетти, кој го загуби најбрзиот круг поради надминување на границите на патеката.
МЕКЛАРЕН ИМПРЕСИВЕН, ЈА ПОСРАМОТИ КОНКУРЕНЦИЈАТА НА ИНТЕРЛАГОС
11/01/2024 06:36:00 PM
0
Share to other apps