Ландо Норис беше најбрзиот возач на последните квалификации за 2024 сезоната и ќе стартува од Пол позицијата на трката за Големата Награда на Абу Даби.
Како што и се очекуваше, Мекларен го обезбеди првиот стартен ред за утре, а Карлос Саинц Јр. беше трет.
Мекларен доминираше на тренинг сесиите, но ги криеше своите најдобри перформанси до Q3, до кога се чинеше дека ќе гледаме битка за врвот на табелата.
Сепак, Ландо го изваде максимумот од својот Мекларен и доминатно ја обезбеди Пол позицијата. Карлос Саинц Јр. го обели образот за тимот во неговите последни квалификации со болидот на Ферари.
Чарлс Леклер испадна во Q2, неговиот круг беше избришан поради напуштање на границите на патеката во првиот свиок. Ако на ова се додаде и казната од 10 стартни позиции, битката за титулата кај конструктори е повеќе од решена!
Изненадувачки настап на Нико Хулкенберг, кој го победи Макс Ферстапен и беше четврти!
Пјер Гасли, исто така, импресионираше со шестото место, 39 илјадити зад четирикратниот шампион, додека Фернандо Алонсо се квалификуваше како осми.
Пласманот на најбрзите 10 возачи го заокружија Валтери Ботас и Серџо Перез.
ОБНОВЕНО: Нико Хулкенберг е казнет поради претекнување по излез од пит-линијата и ќе загуби три позиции на стартот на утрешната трка. Така возачот на Хас нема да стартува од вториот ред, туку само од четвртиот.
Во суштина, претекнувањето на сите останати патеки по излегување од пит-линијата е дозволено, но отстапување од ова правило има во Абу Даби, а се поради тунелот низ кој се поминува од излезот на пит-линијата до вклучувањето на патеката.
Нико претекна два болиди по излезот од пит-линијата до вклучување на патеката. Во првата верзија на правилата тоа го немало, но во ревидираната втора верзија на забелешките на тркачкиот директор оваа забрана била воведена.
На почетокот од Q1 сесијата немаше многу брзање. Семафорот се смени во зелено и први на патеката излегоа болидите на Астон Мартин на белите гуми, а подоцна нив им се придружија и Хамилтон и Расел.
По само еден круг за отстранување на нивниот сјај се вратија во своите гаражи. Како што подоцна изјави Тото Волф, таква екскурзија не ни требаше и придонесе за испаѓањето на Луис.
Останатите возачи излегоа во акција веднаш на најмеката смеша, C5, од кои се произведени црвените гуми за овој викенд.
Серџо Перез беше првиот возач кој забележа конкурентно време, 1:23.559, но тоа беше избришано за надминување на границите на патеката, но подоцна му беше вратено назад.
Макс Ферстапен за почеток забележа 1:23.516, но Карлос Саинц Јр. го подобри за 29 илјадитинки, а возачите на Мекларен, изненадувачки, во првиот обид заостануваа една десетинка зад Шпанецот.
Кевин Магнусен изненади со 1:23.632, а Фернандо Алонсо имаше 1:23.922. На крајот од сесијата, Чарлс Леклер го забележа најбрзото време, пред изненадувачки, второто време за Валтери Ботас.
Од понатамошната битка беа елиминирани Алекс Албон, Џоу Гуанју, Луис Хамилтон, Франко Колапинто и Џек Дуан.
Луис Хамилтон имаше слаби последни квалификации за Мерцедес АМГ, поради тоа што Кевин Магнусен во обидот да му се тргне од тркачката линија удри во пластичното столбче за обележување на апексот на свиокот и тоа заврши под болидот на бртитанецот.
Ни на почетокот од Q2 сесијата, немаше брзање да се излезе на патеката по светнување на зеленото светло.
Прв на патеката излезе Макс Ферстапен кој со нов сет на црвени гуми ја започна сесијата со време од 1:22.998. Ландо Норис беше точно една десетинка зад Холанѓанецот, но со користени црвени гуми, како и Пјастри кој заостана две десетинки.
Во последните минути на сесијата, акцијата се одвиваше без Макс Ферстапен, кој реши дека има доволно брзо време и остана во својата гаража. Карлос Саинц Јр. забележа време од 1:22.985 и заврши на врвот, но со само 13 илјадитинки разлика пред Макс и 55 илјадитинки пред Хулкенберг.
Чарлс Леклер беше пет илјадитинки побрз од својот тимски колега, но, падна на табелата кога неговото време беше избришано затоа што излегол надвор од белите линиии во првиот свиок.
Времето за сесијата беше изминато, па тоа беше крај на квалификациите за Моначанецот, кој ќе стартува од последниот ред на утрешната трка. Останатите елиминирани беа Јуки Цунода, Лиам Лосон, Ленс Строл и Кевин Магнусен.
Во последната Q3 сесија секогаш имаме битка на најбрзите 10 возачи, кои го одредуваат стартниот поредок за првите 5 стартни реда.
Во оваа прилика немаше време за губење, па возачи се наредија на пит-линијата пред да светне зеленото светло на семафорот.
Макс Ферстапен беше единствениот со два нови комплети на црвени гуми.
Во првиот обид, Холанѓанецот, и покрај тоа што имаше пролизгување во последниот свиок и што за малку ќе го испратеше во заштитните бариери, забележа време од 1:22.945, до кое Ландо Норис се доближи четири илјадитинки (0.004), а Пјастри за четири стотинки (0.040).
Карлос Саинц Јр. заостана 4 десетинки на четвртата позиција, пред Хулкенберг, Гасли, Алонсо, Перез и Расел. Валтери Ботас претпочиташе да направи само еден брз круг.
Во последните брзи круга, инженерите на Мекларен го отклучија целиот потенцијал на своите болиди.
Ландо Норис забележа време од 1:22.595 и ја освои Пол позицијата со две десетинки предност пред Оскар Пјастри кој го обезбеди првиот стартен ред за папаја тимот.
Карлос Саинц Јр. успеа да ја обезбеди третата позиција, пред импресивниот Нико Хулкенберг, кој заостана 62 илјадитинки зад Шпанецот и дури го победи Ферстапен.
Понатаму, Пјер Гасли, исто така, се пласираше на заслужената шеста позиција, 39 илјадити зад Макс, откако го победи Џорџ Расел.
Фернандо Алонсо, Валтери Ботас и Серџо Перез го заокружија Топ 10 поредокот, сите во шест дестинки разлика зад најбрзото време.
НОРИС НА ПОЛ, ОСКАР ГО ОБЕЗБЕДИ ПРВИОТ СТАРТЕН РЕД ЗА МЕКЛАРЕН
12/07/2024 02:28:00 PM
0
Share to other apps