Ландо Норис e победник на Големата Награда на Абу Даби, негова четврта во Формула 1, а Мекларен ја запечати титулата кај конструкторите, по пауза од 26 години.
Иако имаа двоен пласман на подиумот, но тој не беше 1-2 пласман, па така тоа не им беше доволно на возачите на Ферари, Карлос Саинц Јр., втор, Чарлс Леклер трет за да ја украдат титулата на Мекларен.
Трката стана многу "зачинета" од самиот почеток, бидејќи Макс Ферстапен се судри со Оскар Пјастри во првиот свиок, а Чарлс Леклер надополни многу позиции.
Целиот притисок беше на рамениците на Ландо и секоја грешка или дефект можеше да биде кобна за Мекларен, но тие во оваа прилика успеаја да ја задржат својата присебност и со голем стил ја спуштија завесата на 2024 сезоната.
Ландо Норис и Оскар Пјастри не успеаја кај возачите, но со заеднички сили тие го направија Мекларен шампион и покрај последниот двоен пласман на подиумот за Ферари.
Големата Награда на Абу Даби беше со проштални ноти и со многу насмевки. На добриот настап на Леклер му се придружи и Луис Хамилтон, кој се врати од задниот дел на гридот и заврши четврти, претекнувајќи го Џорџ Расел во последниот круг!
Кевин Магнусен се збогуваше со Формула 1 со помалку среќа, но со најбрзиот круг на трката, забележан со црвените гуми во последниот круг.
Остатокот од бодовните позиции им припадна на Макс Ферстапен, Пјер Гасли, Нико Хулкенберг, Фернандо Алонсо и Оскар Пјастри.
Сезоната 2024 заврши, но тимовите ќе останат на патеката уште неколку дена, во вторник во Абу Даби ќе се одржи тест сесијата за млади возачи и пневматиците на Пирели.
НОРИС ГО ОСВОИ АБУ ДАБИ, МЕКЛАРЕН ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА
12/08/2024 12:52:00 PM
0
Share to other apps