Дури и најдолгата сезона завршува еден ден. Тaа траеше 281 ден, од втори март до осми декември, и за прв пат историјата на шампионатот имавме 24 тркачки викенди, шест од нив во спринт формат.
Од 1992 година, сезоната не започнала толку рано, за прв пат со три последователни трки и три трки возени во сабота, по локално време, тие во Бахреин, Саудиска Арабија и Лас Вегас.
За тимовите ова беше тешка сезона која требаше да се издржи. Завршницата беше особено тешка со две серии од три трки по ред, но експериментот се сметаше за успешен, па во 2025 година повторно ќе имаме 24 тркачки викенди.
Пролетта се чинеше дека ќе гледаме продолжение на минатата сезона со вообичаената доминација на Макс Ферстапен.
Но, на крајот на јуни ситуацијата се промени и ако во конкуренција на возачи, благодарение на претходно акумулираните бодови, Макс сепак ја задржа титулата, иако мораше да се бори, но Ред Бул немаше шанси да го освои шампионатот за конструктори.
Кој можеше да претпостави дека Мекларен и Ферари ќе се борат за титулата кај конструктори во Абу Даби? Сепак, овој викенд, не одеше се така лесно за тимот од Маранело и иако теоретски имаат шанси, практично тие и речиси да не постојат.
Ред Бул наеднаш престана да победува, а се покажа дека е тешко да се бориш со еден болид против два. Минатата година, Серџо Перез стана вицешампион, а сега во Абу Даби доаѓа на осмо место и без шанси да се искачи на повисока позиција.
До пред неколку трки Ландо Норис се бореше за титулата во конкуренција на возачи, иако неодамна, во мај оваа година, ја забележа својата прва победа во Формула 1. Британецот и Мекларен ја испуштија титулата, делумно затоа што едноставно никој во тимот не се сеќава како е да се бори и да победуваш на највисоко ниво.
Одлично е што оваа година неизвесноста продолжи до последната трка од сезоната и што по нејзиното завршување ќе добиеме одговори на неколку прашања. Да се надеваме дека наредната сезона, до која има само три месеци, тимовите ќе продолжат во исто темпо.
Идејата за изградба на патека во главниот град на Обединетите Арапски Емирати беше формализирана во јануари 2006 година, кога Херман Тилке доби наредба да развие скромна патека од три километри за регионални трки.
Секој месец проектот се прошируваше, а летото беше одлучено да се финализира со лиценца за Формула 1 трки. Како резултат на тоа, патеката на вештачкиот остров Јас стана во тоа време еден од најамбициозните проекти на архитектонското биро Тилке.
Патеката во Абу Даби често беше критикувана за проблеми со претекнувањето, а тоа стана особено очигледно во 2020 година, па патеката беше реновирана за сега веќе епската трка на која беше одлучена шампионската титула кај возачите за 2021 сезоната.
Бавните свиоци беа заменети со многу побрзи, а должината на еден круг се намали за 273 метри. Бројот на кругови беше зголемен на 58, па вкупното растојание на трката дури и малку се зголеми.
Патеката бара просечно ниво на потисна сила, а оптоварувањето на сопирачките е доста големо. Во трката, возачите користат специјален визир за удобен премин од природно во вештачко осветлување.
Една од поинтересните карактеристики е тунелот на излезот од пит-линијата, за кој на почетокот, многумина беа скептични за неговата практичност, бидејќи во случај на инцидент тешко ќе се отстрани болидот, но досега се уште не се појавија сериозни проблеми.
Според инженерите на Пирели, стратегијата со едно застанување за промена на гумите треба да е најбрзата опција за Големата Награда на Абу Даби.
Почетен стинт на жолтите гуми, кои потоа би се замениле со белите, при што менаџирањето со деградацијата во првиот стинт ќе биде од клучно значење. Тимовите со зголемената деградација на гумите може да се одлучат за два пит-стопа.
Двете опции се сметаат за конкуретни. Во првиот случај ќе се стартува на жолти и премине на бели, помеѓу 20 и 26 круг. За тие што стартуваат подолу во поредокот и се решат за старт на белите гуми, ќе треба да ги сменат помеѓу 33 и 39 круг.
Она што тимовите ќе изберат да го направат ќе зависи од нивната преостаната распределба на пневматиците.
Постојат три фактори кои можат да ги мотивираат возачите да направат два пит-стопа за промена на гумите. Тоа се сериозната деградација, поголема отколку во досегашниот тек од викендот, излегување на безбедносното возило, или, поверојатно, возачите заглавени во сообраќајот ќе одлучат рано да влезат во бокс за да ги искористат преностите на новиот сет на пневматици.
Тоа може да предизвика верижна реакција, што би довело до тоа тимовите да преминат на стратегија со две застанувања во бокс. Ова беше случај минатата година кога сите тимови, освен РБ, задржаа по два нови сета од белите гуми.
Пред почетокот на оваа сезона немаше промени во составот на тимовите, но сега тие ќе се случуваат речиси секаде.
Трката во Абу Даби ќе биде последна за Луис Хамилтон во Мерцедес АМГ, сумирајќи ги резултатите од долгогодишната успешна соработка на не толку позитивна нота. Следната година ќе биде заменет со дебитантот Андреа Кими Антонели. Ризична одлука, но Тото Волф се плашеше да го пропушти младиот талент, исто како што го пропушти младиот Макс Ферстапен.
Денешната трка ќе биде последна за Карлос Саинц Јр. во Ферари, за Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг во Хас, за Валтери Ботас и Џоу Гуанју во Заубер, а Естебан Окон веќе го напушти тимот на Алпин, а Џек Дуан ќе дебитира малку порано во Ф1.
Наместо нив, во 2025 година воланот ќе го преземат млади и талентирани возачи кои постигнале успех во младинските шампионати и сакаат да ја покажат својата брзина на највисоко ниво. И тоа е одлично!
Пристигна првиот снег, вистинска снежна бајка. Зима, што значи време е за сумирање на резултати, новогодишните празници, Божиќ, па повторно презентации на 2025 болидите, пред сезонски тест сесии, прогнози и очекувања.
Секогаш е штета кога сезоната ќе заврши. Додека таа трае, ги броевме деновите до следната трка, прогнозиравме, се радувавме, но и се разочарувавме од некои трки, сега се тоа заминува на зимска пауза.
Последната трка е време да ја направиме "завршната сметка". Не ни беше лесно, но се трудевме да не го забележите тоа. Но, веќе со нетрпение очекуваме да видиме каква ќе биде следната сезона.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ГН АБУ ДАБИ
12/08/2024 11:09:00 AM
0
Share to other apps