Карлос Саинц Јр. беше најбрзиот возач на вториот тест ден на кој во главна улога беа симулациите на трки.
Во таа смисла, Ландо Норис и Мекларен продолжуваат да ја плашат конкуренцијата со темпо кое е многу подобро од она на Ферари и Мерцедес АМГ.
Ред Бул засега нема ваква симулација, но повеќе од евидентно, доколку не кријат нешто, е дека нивниот болид не е на потребното ниво.
Утре во Бахреин ќе се одржи последниот ден од зимската тест сесија.
Во текот на ноќта врнеше дожд, кој се појави и за време на претпладневната и почетокот на попладневната сесија.
Луис Хамилтон беше најбрзиот возач во утринскиот дел. Британецот продолжува да стекнува самодоверба во црвениот болид.
Денот започна на вообичаениот начин со многу сензорни решетки монтирани на болидите за тестови за корелација, но акцијата беше прекината кога започна дождот.
По речиси едночасовна пауза, возачите се вратија во акција на гуми за сува патека, бидејќи освен Астон Мартин и Хас никој немаше гуми за влажна патека.
Тимот од Силверстоун немаа намера да ги користат, додека во Хас се решија да ги испробаат зелените интермедија гуми. Естебан Окон комплетираше неколку круга на нив.
Се случи и првиот инцидент во новата сезона, во осмиот свиок Пјастри и Хулкенберг имаа мал контакт. Возачот на Заубер беше напред, но Оскар реши да го претекне, а кога беа на врвот од свиокот двајцата решија да го земат што пошироко по што дојде до контакт.
Во Ред Бул мораше предвреме да ја завршат утринската тест програма поради губење на притисокот во системот за ладење на моторот. Лиам Лосон надополни во попладневниот дел.
Според гласините во Ф1 падокот Макс Ферстапен утре ќе го вози надградениот РБ21.
Ова не е првпат некој од тимовите да го одложи воведувањето на нови делови до последните тест денови, така што ривалите не можат да го копираат решението до почетокот на сезоната. Како и да е според досега прикажаното немаат болид за високи резултати.
Попладнето започна со неколку капки ситен дожд кои го ограничија возењето во првите минути, но акцијата брзо продолжи.
Со помош на C3 смешата, а не со C2 со која го забележа најдоброто време наутро, Саинц Јр. го презеде водството, 31 илјадитинки пред Хамилтон, но Ферарито веќе му беше предаден на Чарлс Леклер.
Имаше неколку несигурности кај возачите, повеќе отколку утрото. Карлос Саинц Јр., Чарлс Леклер се извртеа на патеката, додека двајцата дебитанти, Џек Дуан и Андреа Кими Антонели, излегоа од колосек и заштитните бариери не беа толку далеку зад нив, иако сме на патека каде што има толку многу простор за излетување.
Зад Саинц Јр. следуваа двајцата возачи на Ферари кои го делеа SF-25. Луис Хамилтон беше побрз од Чарлс Леклер за само 52 илјадитинки. И тие ги поставија своите најдобри времиња користејќи ја C3 смешата.
Температурата се движеше помеѓу 13 и 18°C, што е дефинитивно невообичаено за Бахреин, како што беше и дождот, што значеше дека 18-те возачи останаа во своите гаражи подолго време. Макс Ферстапен и Алекс Албон одмараа.
Во однос на употребата на пневматиците, денес повторно C3 беше главниот протагонист, иако помалку од вчера: 767 кругови, 60.97% од вкупно 1258, беа комплетирани на оваа смеша.
Освен интермедија, друга гума што го имаше своето деби сезонава беше C4, на која беа комплетирани само 30 кругови поделени меѓу Нико Хулкенберг, Саинц Јр. и Леклер.
Другите смеши беа користени на следниот начин: C2 (238 круга, 18.92%) и C1 (210 круга, 16.69%). Зголемениот сооднос помеѓу трите најтврди смеши во споредба со вчера, главно се должи на симулациите на трка, или барем долгите стинтови комплетирани од речиси сите возачи.
Карлос Саинц Јр. извозе најмногу кругови (127), додека најдолгиот стинт, од 25 круга на C1, го имаше јапонецот во Рејсинг Булс, Јуки Цунода.
За десетте возачи на патеката, тоа беше нивно последно попладне во болидот и мораа да го извлечат максимумот па имаа симулација на целосна трка во овие услови кои се порепрезентативни за вистинскиот тркачки викенд.
Во овој дел од сесијата немаше поголеми промени на табелата, а возачите им дадоа предност ма долгите стинтови. Главната улога ја имаше Ландо Норис, кој беше еден од најзабележителните возачи на патеката.
Британецот, со болдиот на Мекларен го привлече сето внимание кон себе со одличното тркачко темпо, прво со C3 смешата, најмеката гума што обично се користи на трката во Бахреин, а потоа и со C2.
Норис беше постојано помеѓу две и четири десетинки по круг побрз од Леклер, кој во неговиот случај го користеше C1, чекор потврда смеша од таа на Норис за оваа симулација на трка.
Норис комплетираше 57 круга, или целосна трка во Бахреин со три различни гуми. Започна со C3 за да комплетира 17 круга, а потоа премина на C1, со кој извозе 20 и заврши со уште 20 круга со C2, со што заврши симулација на трка со стратегија од две застанувања во бокс.
Темпото на Андреа Кими Антонели со Мерцедес АМГ беше сосема солидно и слично на она на Леклер со Ферари. Денес Лиам Лосон немаше успешен ден во болидот на Ред Бул, па ќе почекаме до утре за да донесеме заклучок за тркачкото темпо со референтниот возач Макс Ферстапен зад неговиот волан.
Она што може да се заклучи е дека најбрзите четири тима се повторно истите и далеку пред останатиот дел од гридот, каде што засега се истакнува Вилијамс. Тркачкото темпо на FW47 беше доста солидно, па во тимот од Гроув може да биде задоволен и можеби да се стреми за некое место погоре на табелата во конструктори.
Останува во текот на утрешниот ден да го видиме остатокот од возачите и нивните можности, па да донесеме некој завршен заклучок за распоредот на тимовите пред првата трка во Австралија.
Засега Мекларен е во добитна позиција, неколку десетинки пред сите останати, барем на оваа патека.
На нашите социјални мрежи и блог ќе ги имате сите поважни новости, гласини, реакции од тимовите на случувањата на и надвор од патеката во Бахреин.
Придружете ни се во нашата ВАЈБЕР група, најбрзиот начи да дојдете до информации поврзани со Формула 1 шампионатот.
САИНЦ ЈР. НАЈБРЗ, НО МЕКЛАРЕН ИМ ВЛЕА СТРАВ ВО КОСКИ НА КОНКУРЕНЦИЈАТА
2/27/2025 05:54:00 PM
0
Share to other apps