На заедничката презентација во Лондон, Формула 1 тимовите ги претставија своите нови "дресови" за 2025 година. Меѓу нив беше и тимот на Рејсинг Булс, да тимот на РБ, повторно се реши за измена на името.
Ден по заедничката презентација, новиот болид на тимот, со ознака VCARB 02 беше презентиран на филмскиот ден на патеката Имола, на кој учествуваа Јуки Цунода и Исак Хаџар.
Ден кога сите очи беа вперени во Ферари, кои го тестираа својот нов болид SF-25. Таа среда, 19 Февруари, не работеше само Ферари на патеката, туку и тимот на Рејсинг Булс кои имаа филмски ден во Имола.
Првиот што го возеше VCARB02 беше Јуки Цунода, кој возеше околу сто километри. Потоа беше заменет од неговиот нов тимски колега, дебитантот Исак Хаџар.
Покрај главните возачи, во Имола работеше и Лиам Лосон. Новозеланѓанецот го возеше болидот од 2023 година како дел од неговата подготовка за преселба во Ред Бул.
Новиот болид на Рејсинг Булс е изграден врз основа на RB20, со кој Макс Ферстапен ја освои својата четврта шампионска титула во 2024 година.
Лоран Мекис го елаборираше ова на церемонијата во Лондон: "При креирањето на болидот, се обидовме да користиме што е можно повеќе компоненти од трети страни, како што е дозволено со прописите."
"Не можам да кажам дека тоа го искористивме 100%, но меѓу главните компоненти што беа позајмени беа менувачот и амортизацијата. Минатата година имавме и успешни настапи и тешки трки. Тимот се обидуваше да разбере зошто на болидот му недостасуваше стабилност и се надевам дека го решивме тој проблем во новиот болид."
НОВО ИМЕ, НОВ ИЗГЛЕД ЗА 2025 ГОДИНА
За новата сезона во Рејсинг Булс се одлучија за радикална измена на дизајнот на обојување на VCARB 02. Новиот дизајн се заснова на белата боја и од Ф1 фановите ширум светот е оценет како најубавиот од 10-те презентирани дресови на церемонијата во Лондон.
ЏОДИ ЕГИНТОН, ТЕХНИЧКИ ДИРЕКТОР
- Со непроменети техничките прописи, дали овогодинешниот болид е јасна
еволуција на VCARB01?
ЏЕ: "Тоа е силна аеродинамична еволуција и помалку драматична механичка еволуција. Ние воведовме многу делови за овој болид кон крајот на минатата сезона на болидот од 2024 година, што е
стратегија што ја користевме во минатото."
"Поголемиот дел од механичките делови се пренесени од минатата сезона, па затоа ова е значителен аеродинамички проект со дополнителен предизвик за одлучување
како да се развие овој болид заедно со болидот за 2026 година, и како и кога целосно да се фокусираме на 2026."
- Изгледаше дека минатогодишните перформанси на болидот значително се разликуваат од патека до патека. Дали е тоа нешто на што посветивте поголемо внимание за оваа сезона?
ЏЕ: "Фер е да се каже дека болидот не функционираше како што сакавме и тоа е секако нешто што внимателно го набљудуваме и се обидуваме да го решиме на овогодинешниот болид."
- На кои области од болидот особено се фокусиравте?
ЏЕ: "Посебно внимание посветивме на аеро оперативниот опсег. Секој посакува болид кој има што поголем оперативен прозорец. Тоа ја олеснува работата на возачите, им олеснува на инженерите да се сетира болидот. Нашиот фокус се префрли на научените лекции од минатата година, особено во последната третина од сезоната."
- Значи, дали е толку многу важно да се има добро разбирање на болидот?
ЏЕ: "Мислам дека е. Сакате што е можно побрзо да добиете темелно разбирање на болидот на различни патеки и различни работни услови. Важно е да се изградите слика и да го развивате болидот врз основа на тоа."
"Сепак, во текот на сезоната, вие и сите други тимови се развивате и вашите силни страни и слабостите еволуираат. Можеби ќе бидете успешни во одредена област, а потоа мора да го префрлите вашето внимание на друга."
"Значи, тоа е подвижна цел каде треба да го развивате болдиот затоа што се натпреварувате против девет други тимови кои исто така се развиваат во различни насоки."
"Нашиот развој на почетокот од минатата сезона беше разумно добар, но надградбите воведени во средината на сезоната не беа толку успешни. Дополнителните надградби кон крајот на годината дадоа доста добри резултати, но ние не ги разбиравме до крај сите нивни нијанси до многу доцна во сезоната, па имавме добра основа за разој во текот на зимата. Тоа значи дека ќе го искористиме нивниот потенцијал многу подобро на најновиот наш болид за новата сезона."
НОВ ВОЗАЧ
Тимот се одлучи тимски колега на Јуки Цунода да му биде 20-годишниот Исак Хаџар, кој ќе ја има неговата дебитантска Ф1 сезона. Хаџар брзо се промовираше како исклучителен талент во пониските категории на мотоспортот. Воедно, тој станува 19-ти возач кој ќе биде промовиран во Ф1 од Јуниорската програма на Ред Бул.
Исак Хаџар: "Моја животна цел беше да станам Ф1 возач, па затоа е надреално да се биде овде, да го живеам мојот сон. Не очекувам да биде лесно, има многу да се научи, но многу сум среќен што учам од Јуки, кој е искусен професионалец во спортот, што можам да научам од него сè што треба да знае еден дебитант!"
Јуки Цунода влегува во својата 5-та сезона со истиот тим откако покажа забележителен раст во перформансите и конзистентност во настапите. Јапонецот забележа неколку лични најдобри резултати во 2024 година.
Јуки Цунода: "Се надевам дека мојата петта сезона во Ф1 ќе биде продолжение на тоа како поминаа изминатите години, секогаш напредувајќи. Планирам уште повеќе да се подобрам, да бидам покомплетен возач."
"Кон крајот на минатата година имав посилен ментален склоп на размислување и имав поголема контрола отколку на почетокот на сезоната. После тоа сакам да бидам уште поконцентриран и да работам на подобрување на малите финеси."
"Тоа може да ја направи разликата и да ни овозможи да продолжиме да се бориме во топ 10, во она што очекувам да биде уште потесна битка за оваа година. Ќе одам чекор по чекор, но се чувствувам самоуверено."
Зборувајќи за новата возачка постава, Лоран Мекиес, вели: "Јас сум супер возбуден за нашата возачка постава. Јуки направи многу голем чекор напред минатата година. Тој навистина не изненади со напредокот што го направи во однос на суровата брзина, како и неговите технички квалитети."
"Јуки беше составен дел од сите промени што ги инициравме минатата година и со започнувањето на дебитантска сезона на Исак, Јуки ќе биде лидер на тимот и витална компонента на нашите планови за претстојната сезона."
"Исак, уште еден дипломец на јуниорскиот тим на Ред Бул, покажа голема брзина во сите шампионати на својот пат до Ф1 и ние сме заинтересирани да видиме што може да направи во врвниот мотоспорт."
"Отсекогаш, основата на овој тим била да носи и азвива млади возачи за семејството Ред Бул и со текот на годините, ние дефинитивно успеавме во тоа. Со нетрпение очекувам да видам како тие двајца ќе соработуваат на вистинската патека, за да донесат голем успех за Рејсинг Булс оваа година!"
Питер Баер, извршен директор: "Во текот на последните неколку години, Формула 1 повторно се измисли, што значи дека начинот на кој се раскажува нашата приказна, начинот на кој нашите фанови го доживуваат спортот се менува. Има огромен пораст на бројот на фанови кои можеби не знаат многу за спортот, но тие се многу заинтересирани за тоа што се случува на патеката и зад сцената."
"Сакаме да продолжиме напред и да се вклучиме со нашата постојано растечка база на фанови на Gen Z и да продолжиме да обезбедуваме одлични трки во комбинација со малку забава и музика и алтернативна култура."
Почнувајќи од Мелбурн, еден од најголемите музички градови во светот, Garage Sessions ќе ги покани фановите да танцуваат цела ноќ додека шумот на првиот тркачки викенд го надминува градот. Тимот бара нов диџеј кој ќе им се придружи на мноштвото хедлајнери на забавата во петок навечер.
РЕЈСИНГ БУЛС VCARB 02: СИЛНА АЕРО, ПОМАЛКУ МЕХАНИЧКА ЕВОЛУЦИЈА
2/14/2025 01:40:00 PM
0
Share to other apps