Во петокот заврши единствената претсезонска тест сесија, како подготовка за новата 2025 Ф1 сезона, што значи дека е време аналитичарите да ги сумираат резултатите и дадат своја прогноза за распоредот на силите.
Сите, ама баш сите од нив, на прво место го ставаат тимот на Мекларен како апсолутен фаворит за Пол позицијата и Победата на трката за Големата Награда на Австралија, која е закажана за следниот викенд, т.е. 14-16 Март 2025 година.
Во продолжение ви го претставуваме поредокот, заеднички просек од повеќето аналитичари присутни на патеката, корегиран според нашите видувања.
Едно ни изгледа сигурно по тест сесијата, а тоа е дека Мекларен е прв фаворит, без никакво друштво на врвот, а Заубер е сигурно последен со мала надеж дека ќе може да направи нешто повеќе од последните места на табелата.
1. МЕКЛАРЕН
Оваа тест сесија ни потврди зошто најбрзите времиња даваат погрешна слика за распоредот на тимовите. Чисто врз основа на најбрзите времиња по круг во текот на трите дена, Мекларен го имаше осмото најбрзо време.
Но, просекот на времињата кај тркачкото темпо на овој тим, она што е најреално кај тест сесиите и што може да се толкува како точен показател, раскажа многу поинаква приказна.
Во двата дена, болидите на папаја тимот, беа во просек три десетинки побрзи од нивните најблиски ривали, што е еквивалент на победа на Големата Награда на Бахреин за цели 17 секунди.
Нема никакви причини да не се верува дека тоа нема да биде случај кога ќе дојде вистинската акција во Австралија. На патеката во Бахреин, која барем досега не одговараше на тимот од Вокинг, нивните болиди беа класа за себе и над сите останати на Ф1 гридот.
Атмосферата во тимот е на високо ниво, сите се добро расположени, но претпазливи во своите изјави. Предноста од три десетинки не е преголема, но доволна и за конкуренцијата да ги прогласи за тим што треба да се победи.
Кога и тие, не еден, два, три тима туку едногласно го мислат то, тогаш со 100% сигурност можеме да гио ставиме сами на врвот.
2. ФЕРАРИ, МЕРЦЕДЕС АМГ
Луис Хамилтон и Чарлс Леклер забележаа времиња што би го обезбедиле второто место на гридот на минатогодишната трка за Големата Награда на Бахреин. За време на симулацијата на трка, Леклер имаше просечно 0.3 секунди заостанување зад Мекларенот, но бројката и не е така страшна, бидејќи намалување на временска разлика дојде во последниот стинт кога Норис беше на потврдата смеша C1, а Леклер се одлучи за помеката, побрза, смеша C2.
Условите беа идентични, поладно од очекуваното, еднакви за двата болиди. За трката се очекува значително потопло време, а со тоа и неколку секунди побавни времиња,забрзано трошење на пневматиците и.т.н. Но, деградацијата на пневматиците и нивното менаџирање беше силна страна на Мекларен, а не на Ферари, Мерцедес АМГ, Ред Бул.
Фред Васер, верува дека SF-25 има поголем потенцијал од прикажаното, но... Атмосферата во тимот е добра, но пред се во фокусот беше прилагодувањето на Луис Хамилтон во црвено.
Конкуренцијата ги сместува од второ до четврто место. Ферари многу вложи со донесувањето на Луис Хамилтон, прилагодување на болидот на неговиот стил на возење, па затоа очекуваат големи резултати, бидејќи веруваат дека ја имаат најсилната возачка постава на гридот. Тест сесијата не го потврди тоа.
Тука некаде е и тимот на Мерцедес АМГ. Имаше знаци дека W16 се однесува многу подобро од неговиот претходник, а Џорџ Расел бледна на последниот тест ден. Сепак, доведувањето на дебитант од рангот на Кими Антонели некако не влева надеж дека ни тие самите веруваат дека може да направат нешто повеќе во година кога ставаме крај на оваа ера на болиди.
Тимот несомнено постигна напредок во текот на зимата, но.... сепак тоа но не дава надеж за борба за титулите. Тркачкото темпо беше слично на тоа на Ферари, дури и малку подобро, но останува да потврдиме дали нивната силна страна, кога имаме студено време на патеката, се/ќе се повтори и оваа година.
Џорџ Расел се чини дека е среќен со болидот што го има, и се надева дека има адут со кој поконстатно ќе атакува на победите.
3. РЕД БУЛ
Тоа е тимот со најмалку комплетирани кругови од кој било тим, и за Ферстапен и за Лиам Лосон, па постои голема веројатност надолната траекторија на Ред Бул да продолжи и оваа сезона.
Сепак, најбрзиот круг на Ферстапен сугерира дека болидот не е за фрлање, но ако Ред Бул продолжи да се потпира само на можностите на Холанѓанецот, едноставно ќе биде неверојатно да се освои шампионска титула со четвртиот болид на патеката.
Единствената симулација на трка, во претпладневната сесија во четвртокот, што значи дека условите на патеката не се споредливи со оние на Ферари, Мекларен и Мерцедес АМГ беше со Лосон зад воланот и заостанување од огромни 9 десетинки по круг.
Според аналитичарите разликата помеѓу претпладневната и попладневната сесија била 6 десетинки, со што тимот се става на речиси незабележително аостанување зад Ферари и Мерцедес АМГ.
Според конкуренцијата прогнозите за РБ21 се најтешки за давање оценка бидејќи тој во рацетена Ферстапен изгледа сосема како друг болид, за разлика кога зад неговиот волан е Лосон.
Атмосферата во тимот не е баш најсјајна, а тоа секогаш е добар показател дека не е се како што треба. Се чини дека несаканите особини на РБ20 се повторуваат и во новиот болид, но сè уште има многу добри делови што ќе го одржат во топ 4 поредокот.
И да, за сите овие 4 најбрзи болиди ќе биде од особено значење нивниот однос кон пневматиците на Пирели. Тоа може да биде одлучувачка разлика во многу тркачки викенди.
4. АЛПИН, ВИЛИЈАМС
Позитивни чувства доаѓаа од тимот на Алпин во текот на целата тест сесија, кои беа поткрепени со конкурентни времиња од Пјер Гасли, но и поважно од Џек Дуан. Разликата во перформансите на Алпин во однос на ова време минатата година е огромна, временски искажана, нешто над две и половина секунди. Тркачкото темпо сугерира дека може да бидат поблиску до предниот дел, отколку кон средната на табелите.
Атмосферата во нивната гаража е добра, но конкуренцијата верува дека не може да направат чуда за само неколку месеци. Во моментот Алпин изгледа добро и со тимот на Вилијамс се најпријатното изненадување на оваа тест сесија. Останува да видиме дали може да биде резултат на ладното време, како што тоа беше случај со Мерцедес АМГ.
Со оглед на тоа што осум болиди се сметаа за фаворити за постојан пласман во Топ 10, слободните места кои носат поени ќе бидат ограничени, а како сега стојат работите се чини дека Алпин ќе биде еден од тимовите со најдобри шанси редовно да ги собира остатоците од најбрзите 4 тима.
Иако е точно дека најбрзите кругови не се сметаат за ништо при тест сесиите, најдоброто време на Карлос Саинц Јр. на меѓународната патека во Бахреин е солиден круг без оглед на околностите.
За контекст, времето на Саинц Јр. беше 0.873 секунди побрзо од најдобриот круг на Вилијамс во квалификациите на истата патека минатата година. Голема е веројатноста тоа да беше поставено со минимално оптоварување со гориво, но сепак болидот треба да работи многу добро за да може да постигнете такво време.
Но, симулацијата на трка е сосема друга работа и Алекс Албон беше една и пол секинда побавен од темпото на Мекларен. Добар почеток на сезоната за нив и покрај најавите дека нивниот целосен фокус е на 2026 година.
Сепак за добра 2026 треба да се има добра основа и оваа сезона, што би значело дека тимот се движи во посакуваната насока на развој. Конкуренцијата вели дека нивните најбрзи времиња биле начин да се промовираат новите спонзори, но нивниот напредок се забележува и не е нереален.
5. АСТОН МАРТИН
Покрај Ред Бул тоа е тимот со најмалку комплетирани кругови на оваа тест сесија и без симулации на трка за анализа, па нивните перформанси се енигма. Најдоброто сценарио за нив е да бидат во предниот дел на средината на поредокот, но тенденцијата да се фокусираат на експерименти и многу тест делови во текот на трите дена сугерира дека болидот можеби нема да биде онаму каде што тие посакуваат да биде.
Конкуренцијата верува дека Астон Мартин вртоглаво паѓа надолу и како сите да очекуваат дека доаѓањето на Адријан Њуи е нивниот спас. Британецот започна со работа од понеделникот, а речиси 250 нови членови се приклучија во 2024 година и тимот цврсто гледа кон следниот циклус на правила.
Вложувањата во АМР25 ќе зависат од неговите резултати на почетокот од сезоната. Целта на тимот во текот на зимската пауза беше да се на направи болид кој ќе биде полесен за управување за Алонсо и Строл, но се чини дека има недостиг од перформанси. Се наговестува дека ќе имаат силна битка во средината на поредокот.
6. ХАС, РЕЈСИНГ БУЛС
Како што беше случајот ова време минатата година, возачите на Хас го поминаа најголемиот дел од тест сесијата натоварени до врв со гориво, што како последица беа неколку секунди побавни од останатите.
Во 2024 година, тоа наведе многумина да веруваат дека тимот ќе биде заглавен на дното на табелата, само за да ги изненади сите и да ја заврши сезоната со шесттиот најбрз болид.
Тркачкото темпо беше околу секунда побавно од тоа на Мекларен и многу блиску до тоа на Алпин и Вилијамс. Солиден, неспектакуларен тест за Хас, и со однос на нивната историја ги ставиввме под Астон Мартин.
Тимот изгледа многу задоволен од формата со која оди во Мелбурн. Неколку ривали од средината на поредокот беа импресионирани од тоа како изгледаше Хас во текот на трите дена и веруваат дека се во слична позиција како минатата година.
Белите болиди на Рејсинг Булс немаат причина за поголеми очекувања. Немаше ништо загрижувачки, но и ништо што отскокнува, освен прекрасниот дизајн на нивниот изглед кој беше одбран за најдобар од Ф1 фановите ширум светот, но ќе биде тешко забележлив на ТВ преносите.
Рејсинг Булс изгледаат токму онаму каде што имаат тенденција да бидат, во долниот дел од поредокот. Цунода продолжува да биде светла точка, но дури и тој може да се бори да го повлече овој болид нагоре. Тимот се надева дека надградбите ќе дојдат што поскоро и ќе бидат успешни.
7. ЗАУБЕР
C45 и со квалификациски и тркачки перформанси на дното од табелата. Најзагрижувачки е фактот што тркачкото темпо на Бортолето беше 0.4 секунди побавно од неговото темпо со Ф2 болидот од минатата година.
Отако Ауди донесе одлука да го купи тимот, расположението во Хинвил е на најниско можно натреварувачко ниво. Некој мора да биде последен, а Заубер изгледа дека ќе биде на таа позиција во текот на годината.
Сивилото во кое се наоѓаат лесно може да се пренесе и во 2026 година.
Секако, ова се првични заклучоци, кои треба да се потврдат на првите трки. Има многу непознати, па тест сесиите не секогаш се одраз на вистискиот распоред на тимовите. Но, криењето на нешто при толку малку тест денови ни е нелогично и непрофитабилно, освен во случај кога сте 100% сигурни во нешто.
ТАБЕЛИТЕ ОД ТЕСТ СЕСИЈАТА СЕ СЛЕДНИ:
ЗАВРШНА АНАЛИЗА НА ТЕСТ СЕСИЈАТА ВО БАХРЕИН
3/04/2025 01:09:00 AM
0
Share to other apps