По тридневната тест сесија во која беа вклучени сите возачи и тимови кои се натпреваруваат во Формула 1 шампионатот, патеката Сакир беше домаќин на дополнителна дводневна тест сесија на Пирели, спроведена со тимовите на Алпин и Вилијамс.
Целта е иста од почетокот на оваа година, да се развие новата генерација на гуми од 18 инчи, со помал дијаметар и потесни за 25 милиметри напред и 30 назад, кои ќе се користат од 2026 година.
На првиот ден тест програмата се фокусираше на евалуација на различни конструкции на пневматици од иста смеша. Карлос Саинц Јр. беше зад воланот на болидот на Вилијамс, комплетирајќи вкупно 116 кругови, со најбрзо време од 1:34.740, додека во болидот на Алпин беше Рио Хиракава. Тој извозе 131 круг, а неговото најдобро време беше 1:35.336.
Двата болиди од 2023 година беа специјално модифицирани за да се приспособат на новата спецификација на пневматиците.
Следниот ден тест програмата продолжи со Пол Арон во болдиот на Алпин и Алекс Албон со Вилијамс. Додека на првиот ден Пирели се фокусираше исклучиво на споредба на различни конструкции, користејќи само една смеша, на вториот фокусот беше на користење на различни смеши, од C1 до C3, на само една конструкција.
Естонскиот возач во болидот на Алпин извозе 130 круга, со најбрзо време од 1:35.407. Тајланѓанецот во Вилијамс извозе 120 круга со најдобро време од 1:35.667.
Марио Изола, директор за мотоспорт на Пирели: "Уште еден многу корисен тест за развојот на 2026 гумите. Речиси 2.700 поминати километри, успеавме да собереме значителна количина на податоци за да ги пренесеме во нашата програма."
"Би сакал навистина да им се заблагодарам на возачите и тимовите кои го продолжија престојот на патеката во Бахреин за уште три дена, со помалку од две недели до првата трка."
"Сега, нашите колеги во одделот за истражување и развој внимателно ќе ги анализираат податоците и ќе дадат корисни индикации за да можеме да продолжиме да го подобруваме производот за следната генерација на Ф1 болиди."
Следната тест сесија за развој на пневматиците за 2026 година ќе се одржи на патеката Силверстоун на 7 и 8 мај каде со тимот на Мерцедес АМГ ќе тестираат интермедија и гумите за дожд.
Формула 1 се враќа во Бахреин за 21-то издание на оваа трка викендот од 11 до 13 април 2025.
ЕКСТРА АКЦИЈА НА ПАТЕКАТА САКИР ВО БАХРЕИН
3/05/2025 08:39:00 PM
0
Share to other apps