Мекларен обезбеди 1-2 пласман на вториот тренинг за Големата Награда на Саудиска Арабија.
Ландо Норис беше најбрзиот возач, а Оскар Пјастри ги победи Макс Ферстапен и Чарлс Леклер за да заврши на второто место. Карлос Саинц Јр. го имаше петтото најбрзо време.
Вториот тренинг се совпаѓа со квалификациите и трката, па затоа е најважната сесија во Џеда за правилно подесување на болидите. Под превезот на ноќта асфалтот достигна температура од 38 степени.
Габриел Бортолето не можеше да излезе поради дефект, механичарите на Заубер открија истекување на гориво, кое бараше детален прегледна целиот болид.
Алекс Албон беше единствениот возач на белите гуми на Пирели, додека за сите останати првичен избор беа жолтите гуми. Макс Ферстапен и возачите на Мекларен се менуваа на врвот на табелата.
Ленс Строл имаше спектакуларно извртување во првиот свиок, но без последици по неговиот болид, откако го загуби задниот дел од неговиот Астон Мартин при сопирање.
Како што напредуваше сесијата, условите на патеката се подобруваа и времињата паѓаа. Градската патека во Џеда има индекс 4 од 5 за еволуција на асфалот.
Втората третина од сесијата беше резервирана за црвените гуми и квалификациски кругови на возачите.
Прв на нив излезе Лиам Лосон кој забележа време од 1:29.522. Набргу потоа, Џорџ Расел ja запре штоперицата на 1:28.973, но беше победен од Карлос Саинц Јр. со време од 1:28.942.
Макс Ферстапен со својот Ред Бул постави импресивни 1:28.547, но Мекларен отиде чекор понатаму. Оскар Пјастри намали на 1:28.430, а Ландо Норис, со малку сообраќај, беше уште побрз со 1:28.340!
Ландо Норис успеа да го подобри времето со својот петти круг со црвените пневматици до 1:28.267 и ова на крајот беше најбрзото време на сесијата, следен од Пjастри со 163 илјадити, Ферстапен со 280 илјадити и Леклер со 482 илјадити делови.
Карлос Саинц Јр. го имаше извонредното за него петто најбрзо време, победувајќи ги Јуки Цунода, Џорџ Расел и Пјер Гасли. Нико Хулкенберг и Алекс Албон го комплетираа поредокот на најбрзите десет возачи.
Откако завршија квалификациските кругови, тимовите ја фокусираа својата работа на долги стинтови и симулација на тркачко темпо.
Осум минути до крајот на сесијата, црвените знамиња беа развеани на патеката, кога Јуки Цунода со предното лево тркало удри во заштитните бариери на влезот од последниот свиок, оштетувајќи ја левата предна амортизација по што беше патник во својот болид и заврши во заштитните бариери на излезот од истиот свиок.
Возачот на Ред Бул не беше повреден и се извини на тимот, а оштетениот болид мораше да се отстрани од патеката.
Зеленото светло на семафорот се појави на 30-тина секунди со крај на сесијата, и како резултат на тоа беше продолжена една минута. Се знаеше дека нема време за брзи кругови, но од особено значење се тренинг стартовите на грид позициите.
Во таа гужва, Норис се обиде да го претекне Ферстапен во последниот свиок, но Макс не го пушти Ландо да помине и возачот на Мекларен ја намали брзината.
Сообраќајот беше вистинска непријатност, особено во слепите свиоци. Албон беше принуден да скршне за да не го удри Хамилтон, а стјуардите го разгледуваат инцидентот по сесијата.
МЕКЛАРЕН НАЈБРЗ ВО ЏЕДА
4/18/2025 06:31:00 PM
0
Share to other apps




