Макс Ферстапен, денес на Сузука, ја забележа една од најграндиозните од неговите 41 Пол позиции до сега, со фантастичен круг во финалните моменти од Q3 сесијата, при тоа подобрувајќи го рекордот на патеката - 1:26.983, кој досега беше во рацете на Себастијан Ветел.
Ова е првата пол позиција на Холанѓанецот по минатогодишната трка за Големата Награда на Австрија, негова четврта по ред на јапонската патека, деветта на Ред Бул за Големата Награда на Јапонија, од вкупно 104.
Ферстапен беше за влакно побрз од дуото на Мекларен. Ландо Норис беше втор, со заостанување од 12 илјадити делови од секундата, додека Оскар Пјастри трет на растојание од 44 илјадити делови.
Наградата на Пирели за Пол Позиција на четирикратниот шампион му ја врачи Жан Алези. Французинот се тркаше 12 пати на Сузука, а неговиот најдобар резултат беше третото место со Ферари во 1994 година.
Неговата Формула 1 кариера заврши овде во Сузука во 2001 година, откако учествуваше на 201 Ф1 трка, со една победа зад неговото име, во Канада во 1995 година.
Во квалификациите, единствената жолта боја на инаку тотално црвената слика во контекст на употребата на гуми, беше од страна на Луис Хамилтон кој се одлучи за средната по мекост смеша за своето прво возење во Q1.
Денешното време за Пол позицијата е за 1.214 секунди побрзо од она што го забележа Ферстапен минатата година.
Накратко, Макс денеска ja освои пол позицијата во последната шикана - Касио. Совршено возење кога беше најважно. Ако сте извозеле најмалку 10 круга на Сузука на која било сим игра, ќе знаете колку е тоа незгоден дел од патеката и колку време можете да добиете и да изгубите таму.
Треба совршено да ја погодите точката за сопирање, да влезете без пролизгување, да го нападнете совршено првите рабници, да почекате малку да се смири болидот пред да свртите што поскоро налево, да ги нападнете на совршеното место вторите рабници за да можете да го добиете најдобриот излез без да притиснете на сопирачките.
Конечно, во еден круг можете да пресечете до внатрешната страна на последниот свиок, но само ако ја имате таа совршена влечна сила и нема да го изгубите задниот дел на својот болид. Денес се ова Макс го направи совршено.
Непосредно пред влезот во Касио, можеме да видиме дека Ферстапен заостанува 185 илјадитинки зад времето на Норис, и исклучиво во тој момент, тој направи разлика од две десетинки и за 12 илјадитинки да стигне до пол позицијата.
Норис и Ферстапен имаа различни линиии на движење. Британецот закочи порано, за да замине со подобра тракција до целната линија и помалку се качи на рабниците.
Макс, од друга страна, беше многу поагресивен, сопираше навистина доцна и ризикуваше тоа да го загрози неговиот излез, но на крајот направи чудо што може да им успее само на малкумина возачи.
Телеметријата од F1Tempo јасно ја покажува магијата што ја направи Ферстапен во една од најкласичните шикани во историјата на Формула 1.
МАКСимален НАПАД НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ВО СУЗУКА
4/05/2025 03:40:00 PM
0
Share to other apps





