По иницијатива на ФИА, во петокот во Бахреин, се одржа состанок на кој се разговараше за идејата за можна транзиција кон атмосферски V10 мотори или некоја друга конфигурација.
На состанокот присуствуваа тимските шефови на Ф1 тимовите и претставници на производителите на погонски единици. Она што е најважно е дека понудената опција на ФИА беше одбиена, но не едногласно.
Тоа значи дека во догледна иднина шампионатот ќе функционира според прописите за кои сите одамна се договориле и кои ќе стапат на сила во 2026 година.
Идејата за враќање на атмосферските V10, но кои работат на еколошки одржливо гориво, се обиде да ја промовира Мохамед бин Сулејем, претседателот на ФИА.
Но, повеќето производители на мотори кои ги снабдуваат своите производи на тимовите во Формула 1 претпочитаат да се држат до претходно склучените договори, односно во следните пет години нема да има промени.
Од идната година ќе имаме 1.6-литарски V6 турбо мотори со поедноставен хибриден систем и помоќен и поефикасен електричен дел. Мотори ќе работат на еколошко гориво кое е помалку штетно за животната средина.
На состанокот било одлучено да се посвети максимално внимание на создавање и натамошно усовршување на ваквите погонски единици, но дискусијата за тоа какви би можеле да бидат моторите во подалечната иднина ќе продолжи.
Во официјалното соопштение на ФИА, објавено по состанокот се вели:
- Сите страни остануваат посветени на прописите од 2026 година.
- Сите страни се согласија да ја продолжат дискусијата за идниот правец на технички развој на шампионатот.
- Одредено ниво на електрификација секогаш ќе се разгледува кога ќе се разговара за какви било следни идеи.
- Употребата на еколошки горива ќе биде задолжително.
Во документот, исто така, се нагласува дека ФИА ќе ја поддржи секоја насока на понатамошен развој што ја претпочитаат тимовите и производителите на погонски единици, под суштинскиот услов за намалување на трошоците и еколошките размислувања.
Се разбира, интересите на спортот и навивачите секогаш мора да бидат на прво место.
Според Би-Би-Си, неколку недели пред овој состанок, претседателот на ФИА го задолжил Николас Томбазис, директорот на болиди едносед, да ја стави идејата за враќање на атмосферските V10 во форма на проект на кој може да се работи.
Ред Бул, Ферари и Кадилак беа подготвени да го поддржат овој проект, но мнозинството гласови одлучија да го напуштат, барем во сегашната фаза од развојот на Формула 1.
Хонда, Мерцедес и Ауди изразија противење на какви било промени во текот на следниот циклус. Двете германски фирми и јапонската компанија сакаат хибридни V6 мотори до 2030 година и оваа средба во Бахреин ја завршија со победа.
Трите производители, засега да ги наречеме губитници, побараа иден состанок на кој ќе се разговара за стандардите за хомологација на новите 2026 Погонски единици, односно релаксирање на правилата за развој доколку некој производител заостанува многу во однос на другите.
ОТФРЛЕНА ИДЕЈАТА ЗА ВРАЌАЊЕ НА V10 АТМОСФЕРСКИ МОТОРИ ВО Ф1 БОЛИДИТЕ
4/12/2025 01:48:00 PM
0
Share to other apps



