Оскар Пјастри ја освои Пол позицијата, а Ландо Норис се погрижи тимот од Вокинг да статува од првиот ред на утрешната игра.
Мекларен им стави крај на сите муабети за новата техничка директива за флексибилноста на крилата со доминантни перформанси во квалификациите за Големата Награда на Шпанија.
Макс Ферстапен и Џорџ Расел заостанаа три десетинки и со идентично време си обезбедија втор стартен ред.
Возачите на Мекларен во текот на сите сегменти беа на врвот на табелата, но имаше убава битка меѓу нив.
Оскар Пјастри ја покажа својата ментална стабилност во последниот брз круг од Q3, победувајќи го својот тимски колега за две десетинки, во моменти кога британецот ја имаше провизорната пол позиција.
Луис Хамилтон, во меѓувреме, го пронајде вистинскиот баланс на Ферари болидот и ги победи Кими Антонели и Чарлс Леклер за петтата стартна позиција. Најави дека атакува на пласман на подиумот!
Пјер Гасли беше најдобриот од останатите на осмото место, додека Исак Хаџар заврши деветти. Фернандо Алонсо ја исцеди секоја илјадитинка од секундата од својот Астон Мартин и успеа да стигне до Q3, но таму мораше да се задоволи со десеттото место.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШАТА ВАЈБЕР ГРУПА, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМ ОД ТРКАТА, 15:00 МК, ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН И ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
По три тренинг сесии во кои доминираа возачите на Мекларен, на ред беа квалификациите за Големата Награда на Шпанија. Како и досега во текот на викендот битката стартуваше на сув и жежок асфалт со температура околу 50-от степен.
Во Q1 сесијата, Франко Колапинто беше првиот што излезе на патеката, забележувајќи време од 1:13.897. Тоа набрзо беше подобрено од Ленс Строл со 1:13.699 и Карлос Саинц Јр. со 1:13.581, а Фернандо Алонсо беше значително побрз со 1:13.102.
Но, кога возачите на Мекларен излегоа на патеката, времињата паднаа под границата од 1:13. Оскар Пјастри со 1:12.551, Ландо Норис со 1:12.799. Единствениот кој успеа да се пробие помеѓу Мекларените беше Макс Ферстапен со време од 1:12.798.
Сепак, битката за пласман во Q2 сесијата беше неизвесна како и секогаш. Ленс Строл се подобри на 1:13.404 во својот втор обид, но тоа го стави само на четиринаесеттата позиција.
На крајот, Оскар Пјастри беше најбрз во сесијата, а по него следеа Макс Ферстапен, Ландо Норис и возачите на Мерцедес АМГ, сите со над три десетинки заостанување зад Австралијанецот.
Франко Колапинто беше малер на денот, и баш кога со неговиот Алпин имаше реални шанси за пласман во Q2, неговиот болид се расипа на пит-линијата и тој не беше во можност да го комплетира својот втор брз круг, што резултираше со пласман на 19-тата стартна позиција.
Другите елиминирани возачи беа Нико Хулкенберг, Естебан Окон, Карлос Саинц Јр. и Јуки Цунода на последното место.
Јапонецот наместо да напредува, тој се повеќе губи доверба во РБ21 и назадува во пласманот. Тимскиот колега П3, тој П20.
Q2 сесијата ја отвори Алекс Албон. Тајланѓанецот, на употребувани црвени гуми, стартуваше со време од 1:13.113. За разлика од претходната сесија, фаворитите брзо излегоа на патеката.
Макс Ферстапен брзо се искачи на првото место со 1:12.358, но Оскар Пјастри забележа импресивно време од 1:11.998, а Ландо Норис заостануваше само 0.058 илјадити делови. Зад овие тројца беа Џорџ Расел и возачите на Ферари.
Уште еднаш, Оскар Пјастри беше најбрзиот возач во овој сегмент, а елиминирани возачи беа Алекс Албон, Габриел Бортолето, Лиам Лосон, Ленс Строл и Оливер Берман.
За крај на квалификациите следеше Q3 сегментот каде се одредува стартна позиција на најбрзите 10 возачи. Неколку облаци се насобраа околу патеката, а температурата на асфалтот се намали на 45 степени.
Во оваа прилика, само Пјер Гасли излезе на патеката со користени црвени гуми, останатите, со нови. Исак Хаџар и Фернандо Алонсо претпочитаа да чекаат во своите гаражи и да вложат се на еден брз круг.
Во својот прв обид, Ландо Норис забележа одлично време од 1:11.819 и го победи Оскар Пјастри за само 17 илјадитинки, додека Џорџ Расел заостануваше две, а Чарлс Леклер три десетинки.
Макс Ферстапен беше петти, половина секунда зад најбрзото време и со една десетинка предност пред Луис Хамилтон. Кими Антонели, далеку зад својот тимски коолега, а Пјер Гасли го имаше најбавното време по првите излегувања на патеката.
Фернандо Алонсо излезе на патеката шест минути пред крајот и привремено се пласираше помеѓу Чарлс Леклер и Макс Ферстапен на петтото место.
Следуваше втората серија на брзи кругови. Ландо Норис беше првиот Мекларен на патеката, но неговиот круг беше очајно лош! Оскар Пјастри во вториот Мекларен беше во одличен круг, и го победи времето на Норис за две десетинки.
Во борбата за третата стартна позиција, Ферстапен и Расел постигнаа идентично време, но Макс го направи тоа прв и утре ќе стартува од П3.
Луис Хамилтон имаше одличен круг на крајот, завршувајќи петти, пред Кими Антонели, Чарлс Леклер, Пјер Гасли и Исак Хаџар.
Фернандо падна на десеттото место со својот единствен брз круг, но како и Чарлс Леклер зачуваа по еден нов сет на гуми за утрешната трка.
ОСКАР ПЈАСТРИ ПСИХИЧКИ ГО УНИШТУВА СВОЈОТ ТИМСКИ КОЛЕГА
5/31/2025 02:55:00 PM
0
Share to other apps