Џорџ Расел им испрати порака на Мерцедес АМГ и на Тото Волф со доминатна Победа на трката за Големата Награда на Канада, негова прва од Лас Вегас минатата година.
Макс Ферстапен и Кими Антонели го комплетираа подиумот во трка во која двата Мекларена се судрија за прв пат, по големата грешка на Ландо Норис.
Австралијанецот остана во игра, но трката за британецот беше завршена на 4 круга до крајот.
За две недели борбата ќе продолжи во Шпилберг, Австрија.
Втора година по ред, Џорџ Расел стартуваше од Пол позицијата во Канада со Макс Ферстапен покрај него. Британецот имаше добар старт и успешно го победи актуелниот шампион, чиј старт беше еден од најконзервативните што сме ги виделе во последните месеци.
Кими Антонели успеа да го престигне Оскар Пјастри, што ја направи првата значајна промена на првите осум места. Ландо Норис и Чарлс Леклер стартуваа на белите гуми и немаа шанса да го нападнат Фернандо Алонсо, кој остана солиден на шестото место и внимателно го следеше Луис Хамилтон.
Поназад во поредокот, излетувањето на Алекс Албон надвор од патеката го измести редоследот во средната на табелата, кој го предводеше Нико Хулкенберг во Заубер, а Франко Колапинто беше на десеттото место.
Како и обично во овие рани фази, имаше многу менаџерска работа и тешкотии при престигнувањата, бидејќи разликата во потрошеноста на гумите беше премала за да имаме акција на патеката.
Со почетокот на 10-тиот круг, возачите кои стартуваа на жолтите гуми, започнаа да имаат проблеми.
Ова беше особено изразено во тимот на Ред Бул, па Макс Ферстапен беше првиот што ја иницираше првата серија на застанувања во бокс, бидејќи се најде под голем притисок од Антонели.
Во Мерцедес АМГ, сакале-несакале, мораа да реагираат, па Џорџ Расел влезе во бокс веќе во следниот круг, а Италијанецот го стори тоа веднаш потоа, по него следеа Хамилтон и Пјастри.
Расел и Мерцедес АМГ многу добро се справија со заканата од "undercut" на Макс Ферстапен. На Ферстапен му требаше време да го "реши" Хулкенберг, како и на Антонели, но Хамилтон, беше тој што налета на колона од болиди и беше возачот кој изгуби најмногу време, околу 10 секунди, поради неговото рано запирање во боксот.
Норис и Леклер, во меѓувреме, продолжија силно да притискаат на патеката. Во битката за средината на поредокот, Алонсо влезе во бокс пет круга пред Хулкенберг, но на Шпанецот му требаше малку време да го расчисти сообраќајот поради малата максимална брзина на Астон Мартин.
Напред, Расел успеа да го престигне Леклер, кој го направи својот пит-стоп во 28-от, еден круг пред Ландо Норис. Можеби се понадеваа на трка со едно застанување во бокс, но едноставно тоа не беше возможно на денешните температури во Монтреал.
Двајцата, по излегување назад на патеката се најдоа пред Ферарито на Луис Хамилтон, кој се уште не може да го дешифрира однесувањето на SF-25.
Со завршување на првата серија на промени на гуми кај водечките, Расел водеше со две секунди предност пред Ферстапен на половина од трката.
Антонели сè уште го држеше Пјастри на безбедно растојание, над две секунди, додека Норис, на новопоставените жолти гуми, се обидуваше да ја намали разликата до својот тимски колега.
Гумите кај Ред Бул се трошеа најбрзо од сите, па Ферстапен прв ја започна и втората серија на замена на гуми во 38-от круг, знаејќи дека мора да има навистина долг последен стинт.
Актуелниот шампион губеше темпо во последниот дел од трката, а Антонели се доближуваше кон второто место и беше многу блиску зад него, а во исто време, двата возачи на Мекларен се приближуваа кон местата на подиумот.
Кими Антонели веднаш реагираше, и за малку не излезе пред Холанѓанецот на излезот од боксевите.
Џорџ Расел застана во 42-от круг, по него следеа двата Мекларена во 45-от и 47-от круг, а потоа и Хамилтон, кој веќе беше на ничија земја и се мораше да се задоволи со седмото место во трка за заборав.
Во преносот слушнавме дека има оштетувања на болидот, а тие биле предизвикани од прегазување на мрмот, заштитниот знак на патеката во Монтреал.
Леклер беше тој што најдолго го продолжуваше вториот стинт, а по неговото второ влегување во бокс, од првото место се најде на П6 зад возачите на Мекларен. Овде може да го одбележиме и доцното влегување на Саинц Јр. во бокс, кој имаше прв стинт од 58 круга на белите гуми, а да почекаше уште малку ќе му се исплатеше во последниот дел од трката.
Расел го држеше Ферстапен под контрола, Макс го правеше истото со Антонели, кој, и покрај неговите постари гуми, не беше под прекумерен притисок од Пјастри.
Австралиецот не можеше да го престигне Антонели, а тоа го охрабри Норис да се приближи и да се обиде да го престигне својот тимски колега.
Битката на денот започна во 65-от круг, во 10-от свиок, кога Ландо Норис од внатрешната страна го претекна Пјастри, но со подоцнежното сопирање му овозможи Пјастри да се протне од внатрешната страна на излезот од истиот десетти свиок, по што следуваше спринт трка еден покрај друг до 13-от свиок.
На влез во истиот, Оскар со подоцнежно сопирање успеа да излезе пред Ландо Норис на стартно-целниот правец на кој двајцата возачи на Мекларен беа еден зад друг, по што следи аматерски потег на Ландо кој се обиде да го престигне Оскар од внатрешната страна на правецот.
Но, едноставно немаше доволно простор да се протне, при што со предното крило удри во задниот пневматик на својот тимски колега, излезе на тревата го искрши предното крило и ја скрши предната лева амортизација.
Грешката на Норис, која ја призна преку тимското радио, донесе излегување на безбедносното возило на патеката.
Ова му ја донесе Победата на Расел на послужавник, но не без мала контроверзност зад безбедносното возило против Ферстапен, при што Холанѓанецот забрза покрај него, а британецот сопираше повеќе од очекуваното на правецот.
Сепак, Џорџ беше тој што прв ја помина целта и ја забележа победата, негова четврта во Формула 1. Ферстапен заврши втор, а Антонели го забележува својот дебитантски пласман на победничкиот подиум, со третото место.
Пјастри го преживеа судирот со тимскиот колега и ја помина целта на четвртото место, пред Ферарите на Леклер и Хамилтон, на петтото и шестото место, соодветно.
Фернандо Алонсо го предводеше средниот ред на седмото место и неговиот најдобар резултат оваа година, пред Хулкенберг, кој продолжува да блеска и да освојува поени со Заубер, на осмото место.
Естебан Окон беше деветти, а Саинц Јр. имаше корист од грешката на Норис за да се искачи на десеттото место и да го освои последниот поен, откако стартуваше од П16 по неговата рана елиминација во квалификациите.
ЏОРЏ РАСЕЛ УМЕШНО ДО ПОБЕДАТА, ПРВ СУДИР НА ВОЗАЧИТЕ НА МЕКЛАРЕН
6/15/2025 03:31:00 PM
0
Share to other apps