Изненадувачки, кога никој не очекуваше, Макс Ферстапен, и, пред се, Хана Шмит извлекоа магичен потег, искористувајќи го максимумот од излегувањето на безбедносното возило по судирот на Хулкенберг и Гасли во седмиот круг од Големата Награда на Катар.
Стратешкиот маневар со кој беа надмудрени двата Мекларена за нова, 70-та, победа во Ф1 кариерата на Макс Ферстапен, нешто што изгледаше незамисливо откако се изгаснаа црвените светла.
Победа што не беше ни цел сама по себе, но со второто место на Оскар Пјастри и четвртото на Ландо Норис, битката за титулата кај возачите се сели во Абу Даби, а Макс сега заостанува 12 поени зад лидерот во шампионатот, а Пјастри е во незгодна позиција, 16 поени зад својот тимски колега, со само 25 бода во игра.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
ВАЈБЕР - КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
ТЕЛЕГРАМ - КЛИК ТУКА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
Дваесет и третата и претпоследна трка од 2025 Ф1 сезоната се возеше на патеката Лусаил за Големата Награда на Катар.
Ова беше првата голема можност за титулата на Ландо Норис, но Оскар Пјастри ги задржа своите надежи со победата во Спринтот и Пол позиција. Ландо Норис стартуваше втор, а Макс Ферстапен трет.
Патеката беше целосно сува со температура од 29 степени целзиусови. Со максимум 25 круга по еден сет на пневматици, секој мораше да направи најмалку две застанувања во боксот.
Почетокот беше многу чист, спротивно на она што многумина го предвидуваа. Оскар Пјастри со одличен старт го задржа првото место, додека Макс Ферстапен успеа да го престигне Ландо Норис од надворешната страна на првиот свиок за второто место.
Кими Антонели се искачи на четвртото место, пред Карлос Саинц Јр. и Фернандо Алонсо, кои добија по две позиции. Џорџ Расел падна на седмото место, а зад него беа Исак Хаџар, Пјер Гасли и Чарлс Леклер. Луис Хамилтон доби три позиции во првиот круг.
По само два круга, Оскар Пјастри имаше водство од 1.6 секунди пред Макс Ферстапен, не дозволувајќи му да го користи ДРС-системот. Ландо Норис се повлече за да избегне пребрзо оштетување на гумите.
Кими Антонели беше заглавен во ДРС опсегот, а Карлос Саинц Јр. и Фернандо Алонсо го следеа одблизу. Нико Хулкенберг, на црвени гуми, успеа да го престигне Чарлс Леклер и да се искачи на десеттото место.
Малку по малку, разликите само се зголемуваа. До шестиот круг, Оскар Пјастри веќе имаше повеќе од две секунди пред Макс Ферстапен и повеќе од четири пред Ландо Норис.
Во седмиот круг, следува драматичен пресврт на трката. Хулкенберг се обиде да го престигне Гасли околу надворешната страна на првиот свиок, по што дојде до контакт и излегување на безбедносното возило.
Распоредувањето на безбедносното возило дојде во вистинскиот момент, бидејќи бројките се поклопуваа совршено за две застанувања во боксот.
Најчудниот момент на оваа трка беше што сите ги променија своите гуми, освен возачите на Мекларените кои останаа на патеката.
Оскар Пјастри остана во водство, сега пред Ландо Норис, додека Ферстапен беше трет но со нов сет на жолти гуми и со комплетиран еден пит-стоп.
Карлос Саинц Јр. беше четврти, пред Антонели, кого го престигна во боксот, Алонсо, Хаџар, Расел, Леклер и Берман.
Рестартирањето се случи во 11-тиот круг, а Мекларен преку радио им испрати порака на своите возачи барајќи од нив да притиснат до крајни граници до првото запирање во боксот.
Стигнавме до 17-от круг, а Оскар Пјастри веќе имаше предност од речиси три секунди пред Ландо Норис и повеќе од седум секунди пред Макс Ферстапен, иако на Холанѓанецот веќе му беше кажано преку тимското радио да биде помалку агресивен кон гумите на Пирели.
Карлос Саинц Јр. беше четврти, далеку зад Макс, а Кими Антонели две секунди зад него. Фернандо Алонсо заостануваше зад возачот на Мерцедес АМГ и го стартуваше својот класичен воз од болиди зад него.
По 24 круга, Оскар Пјастри влезе во бокс за нов сет медиум гуми и се врати на петтото место, веднаш пред Фернандо Алонсо, давајќи му чиста патека пред себе.
Еден круг подоцна, Ландо Норис исто така влезе во бокс, механичарите на Мекларен беа на нивото на задачата, па и тој се врати веднаш пред Алонсо, што беше од пресудно значење за неговата трка.
Макс Ферстапен го презеде водството и имаше предност од 13 секунди пред Карлос Саинц Јр., кој беше на второто место. Кими Антонели беше трет, но Оскар Пјастри леташе на новиот сет на пневматици. Ландо Норис исто така беше во конкуренција, само четири секунди зад својот тимски колега.
Фернандо Алонсо ја продолжи својата дефанзивна трка, што беше од огромна помош за возачите на Мекларен, држејќи ги Исак Хаџар, Џорџ Расел и останатите од групата.
Оскар Пјастри го стигна Кими Антонели во 29-от круг и брзо го престигна веќе во 30-от круг, доцно сопирање од внатрешната страна од првиот свиок.
Австралијанецот не беше во можност да го престигне Карлос Саинц Јр. пред втората рунда застанувања во боксот. Ландо Норис го стигна Антонели, но ни тој не можеше да го престигне.
По 32 круга, со преостанати 25, речиси сите возачи кои влегоа во бокс под безбедносното возило беа обврзани повторно да го сторат тоа, освен оние кои веќе влегоа во бокс претходно.
Ферстапен влезе во бокс за да премине на бели гуми за последните 25 круга, по што следеа Саинц Јр., Антонели, Алонсо, Хаџар, Расел, Леклер, Берман, Лосон, Цунода, Албон, Хамилтон, Бортолето, Колапинто и Гасли.
По втората рунда застанувања во боксот, Оскар Пјастри повторно беше на чело и леташе на своите жолти гуми. Намерата беше сосема јасна, мораше да созададе што е можно поголема разлика за да остане пред Карлос Саинц Јр. и Кими Антонели по неговото влегување во бокс.
Ландо Норис беше четири секунди зад својот тимски колега, а Макс Ферстапен осум секунди зад лидерот. Трката почнуваше да изгледа добро за Холанѓанецот.
Во 36-от круг, Ландо Норис имаше незгодно излетување во 14-от свиок, а движењето низ чакалот можеше скапо да го чини. Тоа му овозможи на Ферстапен да се приближи на две секунди, а на Пјастри да создаде уште пофолема разлика.
Во борбата за подиумот, Карлос Саинц Јр. заостануваше околу 22 секунди, што го направи крајот на трката многу возбудлив.
Кратко потоа, Пјастри исто така имаше многу слично излетување во истиот свиок, но помалку драматично.
Фернандо Алонсо, во 41-от круг, изгуби две места, од Хаџар и Расел, откако се изврте на патеката.
Оскар Пјастри, гледајќи дека белите гуми работат добро, се одлучи порано да влезе во бокс, 43-от круг, и да нападне со сите сили. Австралијанецот излезе пред Саинц Јр. и беше 17 секунди зад Макс Ферстапен.
Ландо Норис одлучи да остане на патеката и го држеше Холанѓанецот зад себе, и кога сите мислевме дека ќе игра тимски за својот тимски колега, тој само по два круга се упати кон боксот за втората и последна замена на гуми. На патеката излезе зад Кими Антонели.
Со ова беа комплетирани сите задолжителни застанувања во боксевите. Макс Ферстапен ја предводеше трката на 12 круга до крајот, додека Оскар Пјастри беше 15 секунди зад него, но имаше многу добро темпо.
Карлос Саинц Јр. беше трет, Кими Антонели заостануваше нешто повеќе од две секунди, а Ландо Норис беше на повеќе од три секунди зад Италијанецот.
Исак Хаџар се смести на шестото место, пред Џорџ Расел и Фернандо Алонсо по неговото извртување, а зад него беа Чарлс Леклер и Ленс Строл, кои мораа да направат уште едно застанување во боксот.
Во тие последни кругови, Оскар Пјастри не беше во можност да ја намали разликата колку што би сакал и заврши речиси осум секунди зад Макс Ферстапен, кој ја обезбеди својата 70-та победа во Ф1.
Сепак, поназад, имаше некои изненадувања. Кими Антонели направи грешка во претпоследниот круг, предавајќи му го четвртото место на Норис.
Карлос Саинц Јр., во меѓувреме, со сите сили го бранеше третото место и обезбеди импресивен пласман на подиумот со болидот на Вилијамс, негов втор во оваа сезона.
Подолу во поредокот, уште изненадувања во послените моменти. Исак Хаџар заработи дупната гума во претпоследниот круг, давајќи му можност на Џорџ Расел да се искачи на шестото место, додека Фернандо Алонсо се искачи на седмото место.
Чарлс Леклер, Лиам Лосон и Јуки Цунода ги комплетираа позициите што носат поени на денешната трка.
НЕОЧЕКУВАНА ПОБЕДА ЗА МАКС ВО КАТАР
11/30/2025 02:10:00 PM
0
Share to other apps











