Се се врти околу гумите!!!
Во минатото имаше клише за гумите во Формула 1 дека тие се тркалезни и црни, не многу интересни и сите ги имаа истите. Во модерната ера, важат само првата и последната од овие констатации, па и на овие квалификации за Кинеското ГП се се вртеше околу гумите и нивниот менаџмент, отколку самите перформанси на болидите. Изборот на најдобрата стратегија, на трка на која патеката се очекува да биде постојано сува, ќе биде тежок и ќе ги остави инженерите будни до доцна во текот на ноќта. Во Ферари мислат дека Ф138 покажа добри перформанси, и со стартот од третата и петтата позиција, подиумот треба да биде реална цел, особено за Фернандо, но исто така и за Фелипе.Фернандо Алонсо: "Да се завршат квалификациите со двата болида во првите пет е резултат што ме исполнува со надеж за трката. Нашиот болид е конкурентен за време на целиот викенд и тоа значи дека сме го направиле вистинскиот чекор напред. Некои од надградбите што ги донесовме работеа како што очекувавме, но има и такви на кои треба понатамошна работа. Во смисла на избор на она што ќе биде најдобрата стратегија, ова ќе биде долга ноќ, но тоа ќе биде случај за секого, со оглед дека речиси сите наши главни конкуренти ќе започнат на меките гуми. Јас не сум многу загрижен за изборот, бидејќи Ред Бул и Мерцедес обично имаат повисока деградација од нашата. Дефинитивно очекувам интересна трка во која најголемата закана може да дојде од Раиконен и тимот на Лотус, кои исто така добро се справуваат со гумите."
Фелипе Маса: "Квалификациите беа добри, болидот работи добро и е брз. Да бидам искрен, по мојот настап во вториот и третиот слободен тренинг, јас очекував да бидам меѓу најбрзите тројца возачи, но веројатно нашите конкуренти работеле со повеќе гориво на тренинзите. Точно е дека стратегијата се брои многу повеќе од една или две стартни позиции на патеката. Денес на квалификациите ги користев меките гуми веднаш од првата сесија, а тоа ни овозможи да ги зачуваме медиум гумите за утрешната трка. Денес, нашите главни конкуренти веројатно беа подобри од нас, но трката е долга и се може да се случи. Менаџирањето со гумите и изборот на стратегија дефинитивно ќе бидат едни од клучните фактори за Победа".