Големата награда на Бахреин е втора трка од возбудливата и интензивна серија од три последователни трки од Јапонија до Саудиска Арабија и првата ноќна трка за оваа година.
По првите три трки, тимовите се вратија таму каде што ја имаа претсезонската тест сесија на крајот на февруари и имаат доволно податоци за да го подесат болидот и го проценат напредокот постигнат во овој период.
Распоредот на силите остана речиси непроменет и е целосно во согласност со очекувањата.
Придружете ни се во нашата ВАЈБЕР група, најбрзиот начи да дојдете до информации поврзани со Формула 1 шампионатот.
СТРИМОТ ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН И ЛИНКОТ ЌЕ БИДЕ ДОСТАПЕН ВО ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИТЕ.
Во шампионатот на возачите, Ландо Норис и Макс Ферстапен ги дели еден бод, а возачите на Мекларен не успеаја да остварат значајна предност по трите трки, кои се одвиваа на различни патеки и во различни услови, и покрај очигледната моќност на нивниот болид.
Очигледно е дека оваа година борбата ќе биде тесна, но помеѓу возачите на Мекларен, додека останатите како што вчера изјави Макс ќе учествуваат како актери, но не и претенденти за нешто повеќе. По денешната трка, Формула 1 карванот се сели во Џеда.
Вториот болид на Ред Бул се чини дека е под магија. Во последните десет трки, вторите возачи на тимот освоија само 10 поени. Сезонава се чекаат првите поени.
Минатата година овој болид му ја уништи кариерата на искусниот Серџо Перез, оваа година за малку ќе го чинеше Лиам Лосон кариера, а сега му пркоси на тврдоглавиот Јуки Цунода.
Дали Ред Бул ќе може да го промени карактерот на RB21 пред крајот на сезоната се уште не е познато, но промената на прописите во 2026 година ќе ја изедначи ситуацијата.
Прашањето е дали Јуки ќе издржи дотогаш или овој болид ја уништи и неговата Ф1 кариера?
Сакир е модерна патека направена по највисоки стандарди, финансирана од моќните шеици. Асфалтната површина е составена од 60.000 тони увезен гранит од Англија, а најголем проблем е пустинската прашина која го намалува нивото на грип.
Се карактеризира со четири долги правци, комбинирани со тесни и бавни свиоци. Миксот на бавни свиоци на крајот од долгите правци значи дека тоа е една од најтешките патеки за сопирачките во целата сезона.
Ова е патека која најмногу ги истакнува перформансите на погонската единица, како V6 моторот, така и хибридниот дел. Сепак, не треба да заборавиме дека брзината на правците директно зависи и од нивото на аеродинамична потисна сила.
Значи од витална важност ќе биде да се погоди вистинското подесување на болидот, за да се извади неговиот максимум од моќноста на ПЕ и аеро придобивките.
Според техничарите на Брембо, Меѓународната патеката Бахреин е оценета како една од најпредизвикувачките кога се работи за сопирачките.
На скала од 1 до 5, индексот на тежина е 4, исто како легендарната патека во СПА-Франкоршамп иако имаат различна конфигурација и должина.
Трката ќе започне по зајдисонце, така што ќе се одржи во вештачко осветлување.
Сепак, присуството на раткапните на тркалата кои беа претставени во 2022 година значи дека нема да можеме да ги видиме "усвитените" јаглеродни дискови.
При сопирање, болидите ја враќаат енергијата која потоа ќе ја користат во другите фази од трката.
При секој круг на меѓународната патека во Бахреин, возачите на Ф1 болидите ги користат своите сопирачки 8 пати со вкупно 15.81 секунди со 5 моменти на сопирање кои траат по повеќе од 2 секунди, распоредени по целата патека.
Свиоците 10 и 11 се единствените последователни вртења каде што се потребни сопирачките иако тие се одделени со мал правец што му овозможува на системот за сопирање да дише.
Максималното забавување никогаш не надминува 4.2Г, додека вкупното оптоварување на педалата на сопирачката од почеток до финишот е скоро 53 метрички тони за секој возач.
Најтешкиот дел за сопирање е првиот свиок, кога болидите од 313 км/ч намалуваат до 66 км/ч во растојание од само 124 метри. За да го сторат тоа, од возачите се бара да нанесат товар од 133 кг на педалот на сопирачките.
Се започна со една, беше додадена уште една, за да се заврши со три ДРС-зони за што повеќе претекнувања. Првите две зони се наоѓаат на главните правци, а дополнителна трета зона се наоѓа на правецот помеѓу третиот и четвртиот свиок.
Временската прогноза за денешната трка е слична на претходните денови, топло и ветровито. Сонцето ќе зајде во 18:00 часот по локално време, во исто време кога е закажан стартот. Температурата на воздухот во тој момент ќе се спушти на околу 26 степени целзиусови. Врнежи не се очекуваат.
Знаеме дека гумите имаат значително влијание на поредокот, со оглед дека и неколку степени разлика во температурите може да влијаат на балансот на болидите, а патеката Сакир е една од најсложените за гумите на Пирели.
Причината е крајно абразивниот асфалт, како и големиот број на зони на интензивно сопирање и забрзување. Од Пирели се решија за истите номинации од минататата година, бели C1, жолти C2 и црвени C3.
Инженерите на Пирели за Големата Награда на Бахреин предвидуваат дека најбрзата стратегија ќе биде трка со две застанувања за промена на гуми, но иако на хартија побавна стратегијата со едно застанување во бокс не може да се исклучи.
На хартија, најбрзата стратегија е да се стартува трката на жолти, потоа стинт на белите пневматици, а потоа да се премине повторно на жолти. Во зависност од тоа кои гуми ги има на располагање секој возач, тогаш постои опција трката да се започне на црвените гуми, за да се искористи можноста за undercut, кој е моќен на оваа патека.
За оние кои ќе одат со едно застанување во бокс, трката е пожелно да ја започнат на жолтите гуми, а потоа да се премине на белите. Доколку деградацијата е поголема од прогнозите, трката може да се заврши на црвените гуми во овој случај.
Високата абразивност на асфалтот на патеката Сакир го отежнува изборот на едно застанување во бокс поради високите нивоа на деградација.
Марио Изола, Пирели: "Видовме многу понеизвесни квалификации, отколку што се очекуваше, докажувајќи колку Формула 1 понекогаш може да биде непредвидлива. Од перспектива на стратегија за трка, сликата е всушност посложена отколку што може да изгледа на прв поглед."
"Првите впечатоци се дека сите три смеши од кои се произвeдени номинираните пневматици можат да влезат во игра и иако едно застанување е очигледно побавно на хартија, тоа не може целосно да се исклучи, особено затоа што осум возачи имаат по еден нов сет од бели и жолти гуми."
"Оваа група може да размисли да започне со жолти и да го продолжи првиот стинт колку што е можно повеќе, пред да се префрли на бели пневматици. Ако има прекумерна деградација во завршните фази на трката, тогаш, префрлањето на црвени, дури и нови за оние кои не учествувале во сите три квалификациски сесии, би можело да понуди предност во перформансите, без потреба од дополнителни застанувања."
„За стратегија со две застанувања, на хартија, најбрзата опција вклучува користење на два сета жолти и еден бели, со пит-стоп прозорци помеѓу круговите 14 и 20, а потоа повторно помеѓу круговите 34 и 40."
"Оние кои сакаат да го искористат максимумот од дополнителниот грип на црвените гуми за почеток, ќе треба да влезат во бокс порано, помеѓу круговите 10 и 16, што е потенцијална предност за да го искористат undercut-от кој е прилично ефикасен на оваа патека."
"Конечно, постои опција да се користат сите три смеши, на пример за оние кои имаат на располагање само по еден нов сет од белите и жолтите пневматици."
За време на прекинот на квалификациите, возачите на Мерцедес АМГ излегоа од своите гаражи пред да се добие сигналот за рестарт, прекршувајќи ги правилата и беа повикани кај стјуардите.
Ова беше прв пат да се случи ваков прекршок, а по испитувањето на околностите, стјуардите се решија за казна од губење на една стартна позиција за Расел и Антонели.
Одлучено е да се користи спортска казна за да не се создаде преседан и тимовите да не постапуваат исто во иднина, знаејќи дека се ќе биде ограничено на парична казна.
Малата големина на казната се објаснува со фактот што стјуардите сметале дека прекршувањето е ненамерно и дека настанало поради грешка на тимот. Стјуардите предупредија дека за сличен прекршок во иднина може да биде изречена и посериозна парична казна.