Макс Ферстапен го победи семоќниот Мекларен во Сузука и четврта година по ред ја освои Големата Награда на Јапонија.
Магијата што ја направи вчера со грандиониот круг за Пол позиција беше клучот за неговата победа против Ландо Норис и Оскар Пјастри, кои се искачија на подиумот, но без преголема радост.
Дождот во ова неделно утро ја навлажни патеката пред стартот на трката, но асфалтот се исуши доволно за сите возачи да стартуваат на гуми за суво време.
Жолтите пневматици беа омилениот избор на повеќето возачи, освен за Луис Хамилтон кој се обиде да направи нешто повеќе со почетен стинт на бели гуми.
Пјастри финишираше на трето место, далеку пред Леклер кој беше четврти, со Расел петти, Антонели шести и Хамилтон седми.
Исак Хаџар ги освои првите поени во Формула 1 со осмото место и беше најдобриот возач од средината на поредокот.
Албон го продолжува својот добар момент со деветтото место, додавајќи уште два поени за Вилијамс, а Берман го освои последниот поен за Хас со пласман на десеттото место.
Стартот за Големата Награда на Јапонија беше еден од најрелаксираните досега, без промени на првите десет позиции.
Првиот кој можеше да напредува беше Фернандо Алонсо, претекнувајќи го Пјер Гасли во првите метри. Карлос Саинц Јр., од своја страна, загуби место од Нико Хулкенберг, но го врати неколку круга подоцна.
Макс Ферстапен ги задржа двата Мекларена зад себе, кои беа резервирани премногу, особено Ландо Норис, кој посериозно се закани само на излезот од пит-линијaта.
Ленс Строл беше првиот што замина во бокс, во 10-от круг, менувајќи ги црвените за бели гуми, за финалниот стинт. Беше очигледно дека ова ќе биде трка со едно застанување во бокс.
Напред, трката беше во многу мирна фаза, со возачите кои разменуваа најбрзи кругови, а Мекларените почнаа да добиваат одредено темпо во споредба со Ферстапен.
Сузука не го олеснува престигнувањето и со оваа мала разлика во перформансите меѓу возачите, стратегијата требаше да биде од суштинско значење.
Мекларените продолжија да притискаат за да го примораат Холанѓанецот на грешка, но тој не е бадијала четирикратен шампион.
Џорџ Расел беше првиот од водечките што се упати во бокс, во 20-от круг, а веднаш потоа следуваше и Оскар Пјастри. Во Мекларен реагираа на заканата од Британецот?!? Чудно, но вистинито.
Сепак, круг подоцна, заеднички кон боксот се упатија во тој момент првите тројца возачи Ферстапен, Норис и Чарлс Леклер. Двајцата возачи на врвот застанаа во истиот круг, нешто многу необично.
Пит-стопот на Ред Бул беше за една секунда побавен и Норис виде шанса за напад на излез од пит-линијата. Ферстапен беше малку понапред, и не дозволи да биде претекнат, па Норис мораше да помине низ тревата покрај патеката.
Ферстапен и понатаму беше напред на патеката, а Ландо Норис заостана над две секунди.
Андреа Кими Антонели со жолти и Хамилтон со белите беа во водство и максимално го продолжија својот стинт, очекувајќи некој инцидент, но тоа не се случи. А кога веќе тоа не се случи останаа на патеката додека имаа релативно конкурентни времиња за да имаат многу понови гуми за последниот стинт.
Не беше Хамилтон кој најмногу го продолжи својот стинт, туку Антонели. Луис застана во бокс во 30-от круг и премина на жолтите пневматици, додека Италијанецот влезе во следниот круг за да го премине на бели и да ги задржи Британцот зад себе. Двајцата беа најбрзите возачи на патеката по напуштањето на боксот.
Во меѓувреме, напред на патеката, двата болиди на Мекларен, еден зад друг, се обидуваа да го бркаат Ферстапен и веќе беа многу блиску до ДРС-опсегот.
Ландо Норис притискаше со сите сили, но никако не можеше да ја симне разликата под 1 секунда како би го користел ДРС-от и да изврши уште поголем притисок врз актуелниот шампион.
Пјастри, од своја страна, беше во ДРС-зоната зад својот тимски колега и се чинеше дека е побрзиот Мекларен на денешната трка.
Неколку пати по тимското радио им го сугерираше тоа на своите на пит-ѕидот, но од таму се решија да не даваат тимски наредби. Сепак, може да се каже дека Австралиецот ја изгуби оваа битка на вчерашните квалификации.
Круговите поминуваа и поминуваа, а Ферстапен никако да направи грешка, но и гумите на неговиот РБ21 добро се држеа.
Пјастри не сакаше да ризикува премногу во обид за претекнување на својот тимски колега, и се откажа пред време, а во последниот круг Ландо ја направи грешката која можеше да му го донесе второто место.
Макс го издржа притисокот на двата папаја болиди и во 53-от круг ја мина целта на првото место и ја забележа својата 64-та победа во Формула 1, прва оваа година и четврта во низа во Сузука.
Двата Мекларени се искачија на победничкиот подиум и ја зголемија предноста во шампионатот за конструктори. Ландо Норис продолжува да води во шампионатот на возачи со ова второ место, но само со еден поен повеќе од Ферстапен.
МАКС ГО ПОБЕДИ СЕМОЌНИОТ МЕКЛАРЕН НА СУЗУКА
4/06/2025 12:57:00 AM
4 minute read
0
Share to other apps