Ландо Норис го исполни својот сон и ја освои долгоочекуваната победа во Силверстоун.
Британецот, кој беше трпелив во хаосот предизвикан од дождот, ја искористи казната за Оскар Пјастри за да се искачи на највисокото скалило од победничкиот подиум на свој домашен терен.
Изненадување на подиумот беше присуството на Нико Хулкенберг, кој по прв пат се придружи на прославите и "капење" со победничкиот шампањ.
Победата на Норис над Пјастри е значајна во однос на шампионатот, па сега има само осум поени меѓу нив.
Но, Германецот му донесе на Заубер брилијантен пласман на подиумот, дебитантски за него по 239 Ф1 трки. Третото место е уште понеочекувано поради фактот што тој трката ја започна од претпоследната стартна позиција!
По формацискиот круг, Чарлс Леклер и Џорџ Расел решија да заминат во бокс по гуми за суво време.
Тие беа во горниот дел на табелата, но ризикуваа. Изреката вели, кој ризикува добива, но исто така важи и дека во повеќето случаи ризикот носи "зијан".
Дождот што врнеше неколку минути пред стартот остави услови за зелените гуми на Пирели.
Повеќе возачи решија да преминат на гуми за суво и покрај фактот дека сè уште имаше многу влажни делови од патеката.
Во меѓувреме, лоши вести за Франко Колапинто, по влез во бокс, неговиот болид имаше механички дефект и тој не можеше да ја продолжи трката.
По гаснењето на црвените светла, Макс Ферстапен го задржа водството, а Оскар Пјастри, Ландо Норис и Луис Хамилтон останаа зад него. Фернандо Алонсо не можеше да го задржи Пјер Гасли зад себе, возачот на Алпин се искачи на петтото место.
Зад нив, на седмото место, беше Карлос Саинц Јр., кој напредуваше две места, поради ривалите кои се упатија во бокс.
Лиам Лосон и Естебан Окон се судрија на почетокот, со што Новозеланѓанецот беше исфрлен од конкуренција.
Следуваше период на виртуелно безбедносно возило за да се отстрани болидот на Рејсинг Булс.
И тоа беше добра можност за влез во боксот, нешто што Кими Антонели го искористи за да стави бели гуми, но во тие моменти беше многу тешко да се одбере вистинската стратегија.
Таман што трката беше рестартирана, еден од возачите кои ставија гуми за суво време, жолти, Габриел Бортолето, изгуби контрола врз својот Заубер, се изврте, првично продолжи, но наскоро мораше да го паркира болидот покрај патеката, предизвикувајќи развејување на жолтите знамиња и уште еден период на виртуелно безбедносно возило.
Откако трката беше повторно рестартирана, гумите на болидот на Ферстапен започнаа да откажуваат и веќе во осмиот круг Австралијанецот со помош на ДРС-системот успеа да го престигне четирикратниот шампион без многу проблеми.
Сега зад Макс се најде Ландо Норис, кој исто така гледаше своја можност за претекнување и силно притискаше врз болидот на Ред Бул. Мекларените се стремеа кон 1-2 пласман.
Протагонистите во оваа прва битка се држеа до зелените гуми, што се покажа како добитна комбинација, бидејќи на тие што преминаа на гуми за суво време, дождот им ги расипа плановите.
Заврна пороен дожд кој беше совршен реквизит во "војната" меѓу Норис и Ферстапен. Не е баш честа појава, но, Холанѓанецот изгуби контрола врз РБ21 и Британецот го претекна за второто место.
Но, се беше залудно, поради фактот што Папаја тимот беше бавен во менувањето на неговите гуми, а тоа му овозможи на возачот на Ред Бул да го претекне во боксот.
Условите на патеката стануваа тешки, со слаба видливост. Затоа, Контролата на трката, со сите болиди на зелени гуми, го распореди Безбедносното возило во 13-тиот круг. По 10-тина минути БВ ја напушти патеката, но само за момент.
Неколку секунди по рестартирањето, Хаџар заврши во бариерите. Видливоста беше никаква, Французинот не можеше да види ништо пред себе, и го удри задниот дел на болидот на Кими Антонели, кој успеа да продолжи.
Беше најавено дека БВ ќе ја напушти патеката на крајот од 22-от круг. Пјастри во подготовката во еден момент силно закочи, непосредно пред рестартот, а Холанѓанецот речиси излета избегнувајќи го судирот со него.
Ова доведе до истрага на стјуардите за непочитување на процедурата за безбедносно возило. Кратко потоа, додека Австралијанецот ја притисна педлата за гас, возачот на Ред Бул се изврте. Тој ги промаши бариерите и остана на асфалтот, што му овозможи да се врати на патеката, но зад Алонсо и Саинц Јр., на десеттото место.
Истрагата за Пјастри беше брза, Австралиецот доби казна од десет секунди за прекршување на процедурите за безбедносно возило. Неговото водство пред Норис во тој момент беше три секунди и тринаесет секунди предност пред Строл.
Малиот воз од болиди зад Канаѓанецот индиректно им помагаше на Папаја болидите. Во меѓувреме, Антонели беше 5-от возач кој се повлече од трката. Трката беше вистинска лотарија.
Мешаница помеѓу средниот ред, но и во врвот на поредкот, оставајќи ги Строл, Хулкенберг и Гасли во топ 5 пласман. Стјуардите имаа многу работа, во меѓувреме, Цунода беше казнет десет секунди поради контакт со Берман.
Хамилтон го престигна Гасли и тргна во потера по Хулкенберг и Строл. Сè беше многу компактно, иако ниту еден од нив не беше во позиција да помине напред.
Ленс Строл започна да попушта во 35-от круг. Тој подлегна на возачот на Заубер, а зад него се најде многу брзиот Хамилтон. За само еден круг, тој падна од третото на петтото место.
Макс Ферстапен го престигна Саинц Јр. за 9-тото место. Патеката се подобруваше. Не беше сува, но со помалку вода.
Возачите веќе зборуваа по тимските радија за премин на гуми за суво време, бидејќи изгледаше сè подобро и подобро, а дури се појави и сонцето. Се чекаше да се види кој ќе биде најхрабар прв да влезе во бокс.
Тоа беше Фернандо Алонсо! Шпанецот влезе во бокс и стави жолти гуми. Расел, исто така, влезе во бокс, но ги избра белите гуми. Возачот на Мерцедес АМГ имаше страшно извртување, правеше пируети како да настапува во уметничко лизгање.
Сè уште имаше вода на патеката, но во 41-от круг, времињата на Алонсо почнаа да се подобруваат. Тој се врати во својот ритам и започна да бележи брзи времиња. Тоа беше моментот кога другите можеа да влезат во бокс.
Прв од водечките беше Хамилтон, кој излезе на патеката на црвените гуми. Строл, Ферстапен, Гасли и Саинц исто така го направија истото. Хулкенберг беше во можност да ја контролира својата предност пред Хамилтон, бранејќи го дебитантскиот подиум. Можеше да се види дека ги сака ваквите услови.
На четири круга до крајот, Пјастри се откажа. Тој веќе беше шест секунди зад својот тимски колега и го сметаше првото место за недостижно. Ландо со оваа победа, останува осум бода зад Австралијанецот, а шампионатот се загрева.
ЛУДИЛО НА СИЛВЕРСТОУН, ХУЛКЕНБЕРГ НА ПОДИУМ
7/06/2025 01:53:00 PM
0
Share to other apps