Ако Формула 1 има дефинирачка карактеристика, тоа е неуморната желба да се движи напред, да се остават зад себе успесите или неуспесите од минатото и да се радуваме на следниот викенд, следната сесија, следната трка.
Иакo штотуку се спушти завесата на една од повозбудливите сезони во поновата историја, сите очи брзо се свртуваат кон 2026 година и едно од најголемите ресетирања што спортот некогаш ги видел.
Додека претходните промени на правилата се фокусираа на промени или на моторот или на шасијата, при што едното понекогаш влијае на другото, прописите на ФИА за 2026 година се справуваат со секој аспект од дизајнот на Ф1 болидите со цел да се создаде нова ера на поконкурентни, побезбедни и поодржливи трки.
КОНЦЕПТ НА АГИЛЕН БОЛИД
Во срцето на новите прописи е концептот на агилен болид, сосема нова визија за дизајнот на Ф1 болидите што се стреми да го сврти трендот од големи, тешки болиди кон значително помали, полесни и поагилни.
За да се постигне ова, новите болиди ќе бидат полесни за 30 килограми, со минимални 724 кг плус тежината на гумите.
Исто така, се променуваат димензиите на 2026 болидите. Меѓуоскиното растојание е намалено на 3.4 метри, што е намалување за 20 см.
Ширината на болидот е намалена за 10 см, а ширината на подот е намалена за 15 см.
Предното крило се стеснува за 10 см и има подвижни делови со два елементи. Задното крило исто така се менува, со подвижни делови и со три елементи.
Под крилата вообичаени кај болидите од ерата 2022-2025 година, исто така се отстранети, а страничните површини на задното крило се поедноставени.
За да се помогне на болидите да се следат еден со друг, каросеријата на тркалата ќе биде забранета, а странични крила ќе бидат поставени пред страничните отвори за ладење за да се помогне во контролата на воздушните текови создадени од тркалата.
Исто така, отстранети се и предните лакови над тркалата што беа карактеристика на болидите од 2022 година.
Овие промени ќе доведат до намалување на потисната сила до 30% и пад на отпорот на воздух за околу 55%.
Се ова значи дека болидите ќе бидат значително побавни низ свиоците, но побрзи на правците. Сепак, времињата по круг ќе бидат значително побавни од тековните, но се очекува дека тимските инженери брзо ќе го надоместат тоа изгубено време како што изминуваат циклусите на развој.
АНУЛИРАЊЕ НА ТУРБУЛЕНТНИОТ ВОЗДУХ
Турбулентниот воздух беше значителна одлика на Ф1 болидите долго време, а прописите од 2022 година беа прв обид за анулирање во однос на претходните генерации болиди (2014 и 2017).
Сепак, како што објаснува директорот на ФИА за едноседи, Николас Томбазис, болидите од 2022 година на крајот од нивниот развоен циклус почнаа да страдаат од истите проблеми.
2026 правилата се нов и се верува најдобар обид за анулирање на дејството на турбулентниот воздух и се верува дека првичните ефекти ќе се содржат подолг временски период.
АКТИВНА АЕРОДИНАМИКА
Една од најголемите промени што доаѓаат во 2026 година е активната аеродинамика. 15 сезони Ф1 фановите се навикнати на глетката на отварање на задното крило на болидите со цел да се намали отпорот, обезбедувајќи зголемување на брзината и давајќи им можност на болидите што заостануваат да ги нападнат ривалите пред себе.
За 2026 година, ДРС-системот повеќе нема да постои, туку е заменет со подвижни предни и задни крила што им овозможуваат на возачите да се префрлаат помеѓу два различни режими.
Во режим за правци, предните и задните крила се отвораат за да се намали вкупниот отпор.
За разлика од ДРС-системот, кој беше достапен само за возачите што се наоѓаат во разлика од една секунда од болидот пред нив и во одредени зони, новиот активен аеро систем може да го активира секој возач на однапред одредени точки на патеката без оглед на нивната положба во однос на другите болиди.
Вториот режим, режим за свиоци, предните и задните крила ќе бидат во нормална положба, генерирање максимум потисна сила, за подобра брзина низ свиоците.
Додека ДРС системот првенствено беше дизајниран како помош при претекнување, новата активна аеродинамика е првенствено дизајнирана да помогне во заштедата на енергија, бидејќи намалувањето на отпорот на правците е од суштинско значење за ефикасно користење на енергијата од 2026 погонските единици, кои ќе се потпираат многу повеќе на електрична енергија.
Претекнувањето, примарната цел на ДРС системот, од 2026 година ќе биде потпомогнато на поинаков начин.
РЕЖИМ ЗА ПРЕТЕКНУВАЊЕ
Од 2026 година па натаму, главната помош при претекнување ќе доаѓа од дополнителна електрична енергија преку новиот Режим за претекнување.
Кога возачите се наоѓаат во разлика од секунда од болидот пред себе во точките за детекција, тие ќе можат да распоредат дополнителна енергија, +0.5 MJ, за полесно претекнување.
Шансите за претекнување исто така ќе се зголемат со постепеното намалување на распоредувањето на енергијата на водечкиот болид по 290 км/ч, додека болидот назад може да го користи целосниот капацитет на хибридната енергија, 350KW до 337 км/ч.
Разликата во брзината треба да помогне во овозможување на претекнувањето.
ПРОМЕНА НА СООДНОСОТ НА МОЌНОСТА
Не се менува само шасијата за 2026 година, туку болидите добиваат и нови погонски единици. Основата останува турбо моторот од 1.6 литри, но моќноста на хибридниот дел се зголемува речиси тројно.
Моќноста на моторот со внатрешно согорување се намалува од 550-560kw на 400kw, додека хибридниот дел се зголемува од 120kw на 350kw.
НОВИ ПРАВИЛА, ПРОИЗВОДИТЕЛИ И ТИМОВИ.
Првично одобрени од Светскиот совет за мотоспорт во август 2022 година, новите регулативи за погонските единици, кои ставија акцент на намалување на трошоците, поедноставување и финансиска одржливост, беа донесени да се привлечат нови производители на конкурентно ниво.
Заедно со редовните производители Мерцедес и Ферари, Ауди ќе учествува по прв пат, Хонда целосно се враќа во спортот со Астон Мартин по напуштањето во 2021 година, а Форд се приклучува како поддршка на новиот производител Red Bull Powertrains кој ќе произведува погонски единици за тимовите на Ред Бул и Рејсинг Булс.
Регулативите, исто така, доведоа до доаѓање на нов конструктор во форма на Кадилак. На Големата Награда на Австралија, која ќе ја отвори 2026 сезоната, премиум брендот на GM ќе стане првиот нов тим во врвниот мотоспорт по Хас во 2016 година.
Пристигнувањето означува кулминација на повеќе од две години интензивна, но на крајот успешна работа на ФИА за проширување на гридот.
Во своите први сезони во Ф1, Кадилак ќе ги користи погонските единици на Ферари, но од 2029 година ќе премине на сопствени погонски единици.
ОДРЖЛИВО ТРКАЊЕ
Зголемувањето на електричната енергија е само еден елемент од големиот потег на ФИА кон поодржлив Формула 1 шампионат и од 2026 година сите болиди ќе користат напредни одржливи горива.
ФИА наложи употреба на одржливо гориво добиено од Напредни Одржливи Компоненти (ASC), осигурувајќи дека тие се набавуваат од нехранлива биомаса, обновливи суровини од небиолошко потекло или комунален отпад и ги исполнуваат строгите прагови на емисии на стакленички гасови.
За да се обезбеди усогласеност со овие строги стандарди, ФИА соработуваше со Zemo Partnership, независен давател на услуги за осигурување дека сите тимови ќе користат гориво во рамките на потребните спецификации.
ПОБЕЗБЕДНИ ТРКИ
Прописите за 2026 година не се само за подобрени трки, туку и за зголемување на нивото на безбедност на возачите. Новите болиди ќе бидат побезбедни и посигурни од кога било.
Ревидираната безбедносна структура од преден удар и зголемената заштита од страничен удар дополнително ќе ги заштитат возачите во случај на судир, додека оптоварувањата на рол-барот се зголемени од 16Г на 20Г. Тест оптоварувањата се зголемени од 141kN на 167kN.
Светлата на страничните делови на задните крила ќе бидат хомологирани и ќе бидат воведени странични безбедносни светла за да се идентификува статусот на хибридниот систем.
По три години интензивна работа на ФИА во соработка со Формула 1 и 11-те тимови, Формула 1 шампионатот е пред возбудлива иднина.
Со оглед на тоа што Формула 1 воведува нови правила за аеродинамика и погонските единици, еве преглед на новите термини што ќе ги слушнете кога ќе започне новата сезона.
БУСТ КОПЧЕ (BOOST BUTTON)
Како што е случај веќе неколку години, возачите можат да притиснат копче во кој било момент во текот на кругот за да го активираат распоредувањето на енергијата.
Од 2026 година, ова ќе биде познато како буст копче. Кога е вклучено, ќе предизвика промена во поставките за моќност на погонската единица, и тоа ибор на максимална моќност или профил конфигуриран од тимот според нивниот личен избор.
Во теорија, ова копче може да се користи за одбрана од болидот зад себе или да се претекне болидот пред себе, под услов да заштедиле доволно енергија.
Може да се користи одеднаш или распоредено низ целиот круг, во зависност од тоа кога имаат најдобра шанса да нападнат или каде се најранливи.
РЕЖИМ ЗА ПРЕТЕКНУВАЊЕ (OVERTAKE MODE)
Ова е новост за 2026 година, со цел да се зголемат шансите за претекнување. Може да се активира само кога возачот е во разлика од секунда од болидот пред него во точката на детекција.
Му овозможува на возачот да наполни дополнителни 0.5MJ (мегаџули) и да генерира дополнителен профил на електрична енергија за да може да одржува поголема брзина подолг период.
Може да се користи само во следниот круг. Неговата употреба ќе биде најефикасна на подолги правци бидејќи делта брзината што ќе ја испорача треба да има поголем ефект врз намалувањето на растојанието помеѓу двата конкурентски болиди.
ПОЛНЕЊЕ (RECHARGE)
Болдите ќе собираат енергија за полнење на акумулаторите при сопирање, со делумно притискање на гасот, при Лајко (Lift and coast што го популаризираше тимот на Ферари оваа година) или при супер клипинг (кога одредено полнење се случува на крајот од правците кога болидот е сè уште при полн гас, но ова зависи од конкретната мапа на моторот што се користи, профилот на патеката и вкупниот дозволен внес на енергија за полнење за таа патека, што варира во зависност од прописите.
Најчесто, полнењето ќе биде автоматизиран процес со користење на изборни мапи и цели за полнење, така што сопирањето, делумното забрзување и супер клипингот ќе бидат автоматизирани функции контролирани од контролната електроника.
Единствениот режим на полнење што ќе биде контролиран од возачот ќе биде Лајко-то. Но, тоа ќе ја оневозможи активната аеродинамика.
Спротивно на тоа, супер клипингот е сè уште со полн гас и затоа активната аеродинамика сè уште ќе биде активна.
АКТИВНА АЕРОДИНАМИКА
За прв пат, болидите динамички ќе го прилагодуваат аголот на предните и задните крила во зависност од тоа каде се наоѓаат на патеката.
Во свиоците, елементите на крилата ќе бидат во нивната стандардна затворена положба за да се одржи потисната сила.
Тие ќе се преместат во отворена положба и низок отпор, за да се зголеми максималната брзина. Задните крила можат да се отворат на одредени делови од патеката, и не треба да бидете на помалку од една секунда од болидот пред себе.
Возачите рачно ќе ги отвораат крилата. Слично на ДРС системот, возачите можат рачно да ги затворат или крилата автоматски ќе се затвораат со притискање на сопирачките или испуштање на педалата за гасот.
Постои дополнителна функција за автоматско исклучување на активната аеродинамика, во одредени зони на патеките, за да се осигури дека возачите не можат да се обидат да влезат во одредени свиоци со отворени крила.
СИТЕ ДЕТАЛИ: НОВИ ПОИМИ ВО Ф1 РЕЧНИКОТ ЗА 2026 ГОДИНА
12/18/2025 02:49:00 AM
0
Share to other apps











