По првата Пол Позиција, сега ја забележа и среќната прва Победа во Монте Карло
Себастијан Ветел победи на драматичната и напната трка за Големата награда на Монако ГП, негова прва Победа во Монте Карло со која дополнително ја зголеми предноста во Шампионатот. Како што и предвидовме ова беше многу интересна трка каде сите видоа шанси за што подобар пласман, па се превземаа доста големи ризици, па така само две безбедносни возила на патеката е и малку, може да се каже.
Стартот на трката како и на секоја трка, Ветел со одличен старт ја задржа првата позиција, Батон стартуваше малку полошо и место да се бори за првата позиција мораше да ја одбрани својата позиција од Вебер, и успеа во својата намера. Вебер заглави зад Батон, а тоа го искорити Алонсо кој имаше добар старт и го превзеде 3-тото место од Австалијанецот. Најголемо разочарување на стартот беше Шуми, кој изгуби доста позиции и имаше мал контакт со Хамилтон, кога овој го поминуваше. Шуми подоцна му врати на Хамилтон и му покажа како се престигнува на кривината, каде овој се удри во болидот на Маса.
После трката Шумахер ги појасни причините за неговиот лош старт: "Наместо болидот да оди во "старт" начин на работа, менувачот се враќаше во лер позиција, а останатите околу мене само ме поминуваа, кога се вратив во трка се беше одлично, вратив неколку позиции, но тогаш супер меките гуми се распаднаа, капак на се беше пожарот во пределот на страничните отвори за воздух, кој го изгасна моторот и тоа беше крај на трката за мене."
По стартот Ветел успеа да создава предност пред Батон, разлика од околу 3-4 секунди, која се одржуваше до првото влегување во боксовите. Супер меките гуми на Пирели траеа до 12 круг, прв влезе Шуми, а веднаш по него во 14-тиот круг прв од водечките влезе Батон. Веднаш реагираа од тимот на Ред Бул повикувајќи го Ветел во боксот, но неговото менување гуми не помина најдобро(еден од загревачите на гуми не сакал да излезе), па тој ја изгуби водечката позиција од Батон. На ред во боксот потоа беше Алонсо, но си остана на третото место.(Според мене уште еден лош стратегиски потег на тимот на Ферари, ако го викнеа неколку круга порано или барем ставеа супер меки гуми, кои подобро работеа на нивниот болид најверојатно Алонсо сега ќе беше Победникот)
Покрај што излезе на водечката позиција Батон стави повторно супер меки гуми, а Ветел и Алонсо со потврда компонента, што му овозможи да создаде значајна предност пред нив двајцата.
И тогаш Луис стапува на сцена. Исто како со случајот со Батон и тој повторно имаше супер меки гуми и беше многу побрз од останатите пред него, лесно ги помина Малдонадо и Петров, и наскоро беше залепен зад болидот на Фелипе Маса, но Бразилецот не беше така лесен плен, а Хамилтон стануваше се повеќе и повеќе исфрустриран, па се обиде да престигне каде не е возможно и удри во страничниот дел на болидот на Маса. Иако Маса некако ја одржа позицијата, Хамилтон му дишеше во врат и како да сакаше насила да го истурка од патеката. Концентрацијата на Маса попушти во тунелот излезе на валканата страна од патеката и излетувањето беше неминовно. А кога се излета во Монте Карло тоа значи судир со бариерите, па така Ферарито беше уништено. Хамилтон за својот непромислен потег доби "drive-throw" казна.
Следува првото безбедносно возило во оваа трка. Во тие моменти Батон решава повторно да оди на промена гумите(и повторно супер меки), а Ветел и Алонсо остануваат на патеката. Тоа значеше губење на првото место. При рестартот на трката Батон требаше да помине 3 заостанати болиди, што му овозможи на Ветел да направи предност од 4 секунди. Во тој момент неговиот тркачки инженер му советуваше дека треба да го помине Ветел на патеката ако сакаат победа на оваа трка, нешто што не му успеваше на Британецот, па во 48 круг се реши да оди во бокс на промена на нов сет на меки гуми(мораше задолжително да менува гуми затоа што немаше возено на гумите со потврда компонента).
Кога сите очекуваа дека веднаш ќе следи реакција и на Ред Бул, Ветел остана на патеката(тој го направил тоа на своја одговорност, појасни по трката), а од својот тим јасно му ставија до знаење дека тогаш тој ќе треба да се обиде да ја заврши трката до крај со истите гуми ако сака да биде пред Батон. Алонсо ја копираше стратегијата на Германецот и го доби второто место.
Со свежи гуми, Батон возеше брзи кругови, и предноста на Ветел која по излегувањето на Батон од боксот беше 26 сек. се стопи за 12 круга. Батон се залепи зад Алонсо, кој во меѓувреме истотака го стигна Ветел и се залепи зад него. Така на 18 круга битката за првото место се водеше меѓу три болиди залепени еден до друг, два со супер истрошени гуми, еден со добри гуми.
Батон кој мислеше дека е во добитна позиција, ги остави да се борат меѓу себе Алонсо и Ветел. Инженерите на Мекларен очекуваа дека гумите на Ветел во секој момент ќе ги изгубат своите перформанси, но бидејќи домашните сметки и на пазар не излегуваа исто, следува нов преврт на патеката, т.е. ново безбедносно возило.
Лидерите налетаа на вовче од болиди во меѓусебна борба. Се створи мешаница на патеката, не се знаеше кој кого пропушта, кој кого престигнува и следеше карамбол на неколку болиди, во кој најлошто помина Петров. За среќа водечките тројца излегоа безбедно од сета оваа мешаница.
Се започна кога Кобајаши го помина Сутил за четвртата позиција. Веднаш потоа својата шанса ја виде и Малдонадо, кој исто така го помина Сутил, но при престигнувањето имаше контакт меѓу нив и Сутил заврши со дупната гума, изгуби контрола и удри во бариерите. Веднаш зад нив, Хамилтон го престигнуваше Петров, но потоа мораше да сопре за да се избегне болидот на Сутил, кој се движеше по инерција . Алгуерсуари во тој момент го следеше Хамилтон, исто така го помина Петров, но при соппирањето удри во задниот дел на Мекларенот, Петров исто така изгуби контрола и удри во бариерите покрај патеката.
Безбедносното возило не беше доволно, па трката беше стопирана додека медицинскиот тим го извлекуваше Русинот од болидот, откако тој се пожалил на болки во глуждот, но рентгенот подоцна потврди дека нема посериоани повреди. Прекинот траеше околу 20-тина минути, и Ветел среќно стигна до нови гуми, што значеше сигурна Победа за него.
На рестартот на трката борбата за позиции беше решена, со свежи гуми никој не можеше да биде толку побрз од болидот пред себе за да помине напред. Само Хамилтон не мислеше така, се обиде со харикири потез да го помине Малдонадо, но само успеа да го изтурка болидот на Вилијамс во бариерата. Како што се очекуваше по трката му е изречена казна од 20-секунди, но го задржа 6-тото место, а Малдонадо остана без своите први бодови во Формула 1. Како се престигнува докажа Вебер поминувајќи го Кобајаши за четвртото место.
Во топ 10 следуваат Хамилтон, Сутил, Ник Хајдфелд, Рубенс Барикело и Себастијан Буеми.
Следува подетален извештај..
ГОЛЕМА НАГРАДА НА МОНАКО
Монте Карло, Монако, 78 круга, 260.520км
Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. СЕБАСТИЈАН ВЕТЕЛ РЕД БУЛ 2ч09:38.373
2. ФЕРНАНДО АЛОНСО ФЕРАРИ + 1.138
3. ЦЕНСОН БАТОН МЕКЛАРЕН + 2.378
4. МАРК ВЕБЕР РЕД БУЛ + 23.100
5. КАМУИ КОБАЈАШИ ЗАУБЕР + 26.900
6. ЛУИС ХАМИЛТОН МЕКЛАРЕН + 27.200*
7. АДРИАН СУТИЛ ФОРС ИНДИЈА + 1 круг
8. НИК ХАЈДФЕЛД РЕНО + 1 круг
9. РУБЕНС БАРИЧЕЛО ВИЛИЈАМС + 1 круг
10. СЕБАСТИЈАН БУЕМИ ТОРО РОСО + 1 круг
11. НИКО РОЗБЕРГ МЕРЦЕДЕС ГП + 1 круг
12. ПОЛ ДИ РЕСТА ФОРС ИНДИЈА + 2 круга
13. ЈАРНО ТРУЛИ ЛОТУС + 2 круга
14. ХЕИКИ КОВАЛАИНЕН ЛОТУС + 2 круга
15. ЖЕРОМ Д`АМБРОЗИО ВИРЏИН + 2 круга
16. ВИТАНТОНИО ЛИУЦИ ХРТ + 3 круга
17. НАРАИН КАРТИКИЈАН ХРТ + 3 круга
18. ПАСТОР МАЛДОНАДО ВИЛИЈАМС + 5 круга
* казна од +20 сек. поради судирот со Малдонадо
НАЈБРЗ КРУГ: МАРК ВЕБЕР, 1:16.234
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ ПРИ КРУГ
ВАЛЕРИЈ ПЕТРОВ РЕНО 68
ЏЕЈМИ АЛГУЕРСУАРИ ТОРО РОСО 68
ФЕЛИПЕ МАСА ФЕРАРИ 33
МИХАЕЛ ШУМАХЕР МЕРЦЕДЕС ГП 33
ТИМО ГЛОК ВИРЏИН 31
СЕРЏО ПЕРЕЗ ЗАУБЕР ДИСКВ.
ПО ПОМИНАТИ 6 ТРКИ:
ВОЗАЧИ: КОНСТРУКТОРИ:
1. ВЕТЕЛ 143 1. РЕД БУЛ 222
2. ХАМИЛТОН 85 2. МЕКЛАРЕН 161
3. ВЕБЕР 79 3. ФЕРАРИ 93
4. БАТОН 76 4. РЕНО 50
5. АЛОНСО 69 5. МЕРЦЕДЕС ГП 40
6. ХАЈДФЕЛД 29 6. ЗАУБЕР 21
7. РОЗБЕРГ 26 7. ФОРС ИНДИЈА 10
8. МАСА 24 8. ТОРО РОСО 7
9. ПЕТРОВ 21 9. ВИЛИЈАМС 2
10. КОБАЈАШИ 19
11. ШУМАХЕР 14
12. СУТИЛ 8
13. БУЕМИ 7
14. ПЕРЕЗ 2
15. БАРИЧЕЛО 2
16. ДИ РЕСТА 2

