Сите се во исчекување на првата трка во Мелбурн, Австралија !!!
Пред сезонските тест сесии завршија, не очекува почетокот на новата сезона во Формула 1.
Не очекува, ама прашање е дали ќе можеме да ја гледаме со официјални преноси во Македонија, на некоја од нашите телевизии. Сега за сега таква е сосотојбата, минатата година лидери во регионот со пренос веднаш од првата трка, оваа година на помалку од 10 дена до почетокот на Гран При-то на Австралија ништо не е дефинирано...Да се вратиме на тест сесиите и да видиме што може да се заклучи од нив, по поминати илјадници километри. Можеме со сигурност да кажеме дека имаме само малку, да само малку, појасна слика за кој е кој во моментов во однос на брзината за престојната сезона. За да се почуствува Ф1 треба да се наоѓаш на лице место, да бидеш дел од атмосферата во тимовите, па нашата анализа ја базираме на изјавите на тимските членови и Ф1 аналитичарите кои беа на лице место на овие тест сесии.
Повеќето од нив се согласуваат дека Лотус беше најпријатното изненадување досега, нивниот болид E20 се покажа како агресивен и вешт во рацете на Кими Раиконен и Роман Грожан, и се чини дека имаат сигурност и постојаност во перформансите. Само еден поголем проблем со шасијата, која мораше да се замени со нова како би се отсраниле проблемите со предната супензија. Лотус ќе се обиде да стигне до што е можно повеќе подиуми оваа сезона, но тешко дека ќе се борат за титулите.
Спротивно на Лотус, Ферари, е секако најнепријатното изненадување на овие тест сесии, иако нивната форма на последниот тест е значајно подобрена, но... Ова е едно големо но... Кога и внатре од тимот(Пет Фрај вели дека нема да се борат за место на подиумот) коментираат негативно, а и самото расположение во тимот сугерира дека тие не се онаму каде што сакаат да бидат, т.е. да се борат за титулите во 2012 година. Да напоменема дека тие најрано веќе речиси на половина 2011 сезона почнаа да го подготвуваат болидот за 2012. Добрата вест за љубителите на Ферари е дека Ф2012 навистина изгледаше подобро во Барселона, дека нивните перформанси во трката не би требало да варираат како минатата година, имаат подобрено управување и изјавите дека тимот ја пронашол вистинската насока за развој што треба да се следи.
Но проблемот на Ферари е што не беа осамени во нивните напори, така да и нивната конкуренција исто така направи напредок. Ред Бул и Мекларен, нивните ривали и главни претенденти за Подиумот на првите трки(мислам дека така се распоредени силите во моментов во Ф1) имаа исто така продуктивни денови во Херез, а особено Барселона, но формата на овие тимови беше најтешко да се прочита, но фактот дека тие беа првите кои почнаа со тестирање на симулации на трка, при тоа и со константни и добри перформанси, може да заклучиме дека нивните подготовки поминале во најдобар ред. Од аналитичарите присутни на патеката во Барселона се дознава дека возачите на Ред Бул имале најдобар болид во бавните и брзите кривини, каде при нивниот излез задниот дел на болидот бил стабилен. Тука некаде се Мекларен и Мерцедес ГП.
Одлуката на Мерцедес ГП да го презентираат болидот на вториот тест беше добро за нив. Расположението во нивниот бокс беше многу позитивно. Шефот на овој тим, Рос Браун, изјави дека тие се во многу подобра позиција отколку минатата година, дека имаат основа за работа, но не е баш сигурен дека имаат болид способен за победи. Михаел Шумахер и Нико Розберг се гаранција за добри трки на Мерцедес ГП оваа сезона. Најверојатно на почетните трки ќе се одвива блиска борба помеѓу Лотус, Ферари и Мерцедес ГП.
Од ФИА дејствуваа навреме како не би се создале проблеми со правилата па појаснија до детали до каде може да одат игрите со издувните гасови на болидите. Значајна улога минатата година имаа и гумите на Пирели. Оваа година Пирели ја намали разликата меѓу медиум и хард компонентите на меките гуми, а супер меките за прв пат беа испробани на последниот тест, и има разновидни толкувања за нивното однесување, но првенствено преовладува мислењето дека тие се однесуваат како класични квалификациони гуми, со голем грип за еден круг. Запрашани дали од добиените податоци можат да прогнозираат каков е поредокот на тимовите, тие одговорија дека и по поминати 14.949 километри во Херез, 17.207 км. во Барселона, заедно нешто повеќе од 32.000 километри, тие и натаму не можат да утврдат како изгледа поредокот оваа сезона. Ниту еден тим немаше постојано добри резултати за да се издвои како фаворит. Еден ден Ветел го бркаше Хамилтон, потоа друг ден Хамилтон го бркаше Ветел... Се е во игра...
За на крај повеќето аналитичари се оптимисти дека оваа година може да биде блиска борбата за Титулите, дека Ред Бул и Мекларен изгледаат изедначено. Потешко е да знаеме што да очекуваме од Ферари, но се чини дека се на вистинскиот пат, тука се Мерцедес ГП и Лотус(мала резерва околу овој тим, добри резултати во Херез, но малку извозени кругови во Барселона), па би требало да гледаме интересни дуели помеѓу овие пет тимови. Средниот ред изгледа уште поблиску, Форс Индија, Торо Росо, Заубер и Вилијамс, сите имаат причини да биде задоволни. Повеќето од нив профитираа од правилото за забрана на мапирањето на моторите. Тука би можел да се приклучи и тимот на Катерам, кој сега дефинитивно е многу подобар од тимовите на ХРТ и Марусија. Овие два тима ќе се борат кој да го избегне последното место, и ќе бидат само одличен декор на сите трки.