Батон супериорно до првата Победа оваа сезона !!!
Супер интересен старт на сезоната и ако судиме според оваа
трка битката за врвот оваа година би требало да биде многу интересна.
Само недела дена не делат од следната трка, каде што
распределбата на силите најверојатно ќе стане малку појасна.Првата рунда му припадна на Џенсон Батон кој со Мекларенот забележа импресивна Победа. Тој веќе на самиот старт го помина својот тимски колега Луис Хамилтон и не ја испушти лидерската позиција до крајот на трката. Ред Бул брзо ја заборавија лошата за нив квалификациона сесија, и Ветел се искачи на второто место на подиумот, а Марк Вебер заврши четврти. Третата позиција на подиумот остана за Хамилтон кој некако многу резервиран денеска. Мора да се напомене дека Ветел и Ред Бул го искористија излегувањето на безбедносниот автомобилот, кога Петров застана на патеката, добар момент за влез во бокс и да добијат позиција пред Хамилтон.
Мекларен требаше да се задоволат со првото и третото место, делумно и поради нивната нефлексибилна стратегија, т.е. правилото дека прв во бокс влегува возачот, кој е понапред, го оставија Хамилтон малку подолго на патеката и по првите промени на гумите тој остана затворен зад Перез. При втората промена на гумите, се решија возачите да влезат еден по друг во боксот, но сега тоа беше правилно решение. Со овој потег покажаа врвна спремност во боксовите и завршија одлична работа, но безбедносното возило излезе на патеката и ги зафркна нивните напори.
Фернандо Алонсо направи се што е можно на оваа трка, и го освои по се изгледа најдоброто место што можеше да го добијат денес, 5-тото место. Шпанецот уште еднаш ги покажа своите врвни способности на одличен Формула 1 возач. Но имавме впечаток дека Ферари сеуште се многу далеку од борбата за првите места. За разлика од него за Маса трката беше катастрофа. Не покажа ниту брзина, ниту успеа да ги зачува добро своите гумите. На крајот тој се судри со Сена и за двајцата трката беше завршена.
Мерцедес АМГ со сигурност најмногу изгуби на трката. Дефект на менувачот на болидот на Шумахер веќе во десетиот круг, а Розберг заврши на далечното12-то место. Возачите на Мерцедес АМГ се пожалија дека гумите на нивните болиди се трошат премногу брзо. Никој не веруваше дека по квалификациите денес ќе останат без нити еден поен.
Кога сме кај тие што треба да жалат за изгубеното, тука е Роман Грожан со Лотус, кој стартуваше од третата позиција, изгуби неколку места, и на крај беше удрен од Пастор Малдонадо, предната десна амортизација попушти и тоа беше крај за младиот Французин. За да не остане неказнет овој потег му се врати на Малдонадо, при крајот на трката му дишеше во врат на Алонсо за 5-то место, но како да сакаше преку леб погача, направи грешка и го уништи болидот во една од заштитните огради. По очајната минатогодишна сезона на Вилијамс, ова ќе беше одличен почеток за нив.
Од друга страна од тимовите што можат да бидат задоволни од оваа трка секако е Заубер, со 6-то и 8-мо место, т.е. со двата болиди во Најдобрите 10. Одличен завршеток на трката и за Кими Раиконен, заврши на 7-мо место и сите ги забавуваше преку тимското радио, по што се виде дека му треба време да се навикне на болидот и "новата" Формула 1. Денес бодови освоија уште и Рикардо со Торо Росо и ди Реста со Форс Индија .
2012 АВСТРАЛИЈА ГП, АЛБЕРТ ПАРК;
58 круга; 307.574 км; Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Џенсон Батон Мекларен 1ч34:09.565
2. Себастијан Ветел Ред Бул + 2.139
3. Луис Хамилтон Мекларен + 4.075
4. Марк Вебер Ред Бул + 4.547
5. Фернандо Алонсо Ферари + 21.565
6. Камуи Кобајаши Заубер + 36.766
7. Кими Раиконен Лотус + 38.014
8. Серџо Перез Заубер + 39.458
9. Даниел Рикардо Торо Росо + 39.556
10. Пол ди Реста Форс Индија + 39.737
11. Жан-Ерик Верн Торо Росо + 39.848
12. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 57.642
13. Пастор Малдонадо Вилијамс + 1 круг
14. Тимо Глок Марусија + 1 круг
15. Чарлс Пик Марусија + 2 круга
16. Бруно Сена Вилијамс + 4 круга
НАЈБРЗ КРУГ: Џенсон Батон - 1:29.187
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ ПРИ КРУГ
Ф.Маса Ферари 47
Х.Ковалаинен Катерам 42
В.Петров Катерам 37
М.Шумахер Мерцедес АМГ 11
Р.Грожан Лотус 2
Н.Хулкенберг Форс Индија 1
Н.Картикејан ХРТ не стартуваше
П.де ла Роса ХРТ не стартуваше
Пласман по првата трка:
ВОЗАЧИ: КОНСТРУКТОРИ:
1. Џ.Батон 25 1. Мекларен 40
2. С.Ветел 18 2. Ред Бул 30
3. Л.Хамилтон 15 3. Заубер 12
4. М.Вебер 12 4. Ферари 10
5. Ф.Алонсо 10 5. Лотус 6
6. К.Кобајаши 8 6. Торо Росо 2
7. к.Раиконен 6 7. Форс Индија 1
8. С.Перез 4
9. Д.Рикардо 2
10. П.ди Реста 1