Веднаш по завршувањето на квалификациите, новинарите навалија на возачите, за жал меѓу нив немаше никој од Македонија!!!
Нико Розберг е моментално најсреќниот човек на Кинеското ГП. Времето што го забележа од 1:35.121 во денешните квалификации беше недостижно за ривалите, а најблискиот Луис Хамилтон беше речиси половина секунда зад него. По поминати 111 трки ова беше негова Прва Ф1 Пол позиција, но и за Мерцедес АМГ од далечната 1955 година, кога Хуан Мануел Фанџо беше најбрз за овој германски производител.
"Се мина добро и се чувствувам навистина посебно. Сега, се разбира, нестрпливо ја очекувам утрешната трка на која ќе стартувам од првата позиција. Патеката почнуваше да се лади и задните гуми почнаа да функционираат подобро. Ние направивме промена во подесувањето пред последниот обид, а потоа извозев совршен круг. Јасно е дека на трките не сме брзи како и во квалификациите, но ние напредуваме и ќе видиме што можеме да направиме вечерва во однос на подесувањето на болидот така што би се минимизирале нашите проблеми утре на трката. Супер чувство, совршен круг, тоа покажува јасен напредок на нашиот тим. Тешко е да се каже како ќе биде утре, па ќе треба да почекаме и да видиме."
Михаел Шумахер е задоволен што неговиот тимски колега ја освои својата Прва Пол позицијата и неговиот круг го опиша како феноменален: " Беше тоа феноменален круг и јас сум среќен за него, бидејќи тој ја забележа својата Прва Пол позиција. Исто така, ние го имаме првиот ред. Прашањето е дали можеме да ги задржиме овие позиции, поради проблемот со големата деградација на гумите при полн резервоар. Се надеваме дека ова ќе биде нормална трка за нас."
Луис Хамилтон немаше лоши квалификации, бидејќи го забележа второто најбрзо време, но поради промената на менувачот ќе стартува од 7-тата позиција. Од друга страна, Џенсон Батон квалификациите ги заврши на 5-тата позиција.
Батон: "Во Q2 чувствував многу подуправување, па мораа да се направат неколку промени за последниот дел од квалификациите. Во Q3 чувствував како температура паѓа, но пак излегов на патеката прилично доцна. Се разбира дека сум разочаран, бидејќи мислам дека имавме добро темпо. Ќе биде малку незгодно околу загревањето на гумите, но тоа не е ништо ново за мене. Ситуацијата е таква, и се надевам дека утре ќе забеежиме добар резултат. Се тркам за да победувам, но тоа утре нема да биде лесно."
Хамилтон: "Имаме добар болид и добро темпо, но утре ќе имаме полни раце работа за да се пробиеме до подобра позиција. Подесувањето на мојот болид е фокусирано за трката, така што тоа ќе ми ја олесни работата. Пред мене имам добра група на возачи, но мислам дека јас имам подобро темпо. Оваа патека нуди многу можности за претекнување."