Девојките се дел од гламурот во Монако !!!
Овој викенд следува Ф1 трка на улиците на Монако, шеста од оваа сезона 2012, трка на која сите тимови и возачи најмногу сакаат да победуваат. По победата на Пастор Малдонадо во Шпанија сите ние се прашуваме дали ќе имаме шест различни победници по шест извозени трки од сезоната?Малдонадо е доста силен на градски патеки, но не верувам дека ќе дојде уште до една Победа, плус за Победата во Монако аспирираат премногу возачи. Батон ја дефинира како негова недовршена работа, Алонсо ги подгрева навивачите со своите твитови, Ветел сака да го повтори успехот од минатата година. Вебер, Хамилтон и Кими кои ја бркаат својата прва победа оваа сезона. Ако сакаме да имаме 6 од 6 треба да победи некој од последните три спомнати возачи. Но, победник ќе биде само еден од 24-те возачи. Прашањето е кој?
На Шпанското Гран При видовме дека победникот го одлучи добрата стратегија на тимот на Вилијамс, темелни подготовки, заштеда на нов сет на тврдите гуми за трката и вистински одлуки донесени во вистинското време. Па, како и досега тимовите треба добро да размислат за нивната стратегијата за Монако.
Традиционално, Монако е една од најтешките патеки за престигнување, таа е тесна и оградена со многу блиски бариери, без брзи кривини, со два кратки правци и најниска просечна брзина на сезоната од само 160 км/ч. Постојат само малку можности за успешно престигнување, од кои најверојатното место за успешно престигнување е на излезот од тунелот при кочењето за влез во двојната кривина, но возачите мора да бидат внимателни затоа што излегувањето од тркачката линија може да значи и губење на контрола врз болидот.
Значи на оваа патека стратегијата на тимот ќе биде многу важна, а тука треба да се земе и големиот процент, 71% шанси за излегување на безбедносното возило, кое може да одигра главна улога во целата ситуација. На секоја трка каде престигнувањата се минимални, па така и во Монако, квалификациите се многу важни. Важноста ја потврдува и интересниот податок, дека иако досега имавме пет различни победници со пет различни тимови (прв пат од 1983 година), четири од петте победници стартуваа од првиот ред и на три од пет наврати водечкиот по првиот круг победува и на трката.
Болидите кои имаат добар настап во Монако имаат многу downforce и добар грип во бавните кривини. Вилијамс беше најбрз во бавниот трет сектор во Барселона, кој што обично е добар показател на темпото за Монако. Исто така, Лотус има добар грип во бавните кривини, но тоа е најголемата слабост на Ферари. Мекларен досега е најдобар болид во квалификациите со 3 Пол позиции од 5 (една одземена), но нивното тркачко темпо не е брзо како квалификационото.
Монако бара одредена техника на возење во близина на бариери и ова е место каде што возачот може да направи вистинска разлика. Прогноза за недела изгледа добро со температури околу 21 степен и слаби шанси за дожд. Кратки дождливи периоди се прогнозираат за сабота.
Изборот на Пирели за Монако се супермеките и меките гуми. Монако, генерално е нежен кон гумите, површината на патеката е мазна и нема високо енергетски кривини за гумите. На оваа трка деби ќе имаат супермеките гуми на Пирели за 2012 година, кои во голема мера останаа непроменети од минатата сезона. Минатата година тие работеа добро околу 15-16 кругови. Меките гуми се истите оние што се појавија на трките досега во 2012 година. Разликата во перформансите помеѓу двете гуми се очекува да биде околу 0,6 секунди по круг во квалификациите и нешто помалку во трката.
Боксовите во Монако се долги и бавни, па времето потребно да се направи стоп е прилично долго, околу 25-26 секунди. Ова ќе ги охрабрува тимовите да направат што помалку застанувања во боксовите. Најбрзите десет болиди во квалификациите ќе ја започнат трката на супермеките гуми и во зависност од тоа колку долго тие ќе траат ќе се утврди дали тимот ќе направи еден, два или многу неверојатно три застанувања во боксовите.
Спринтот од стартот до првиот свиок во Монако е многу краток и секогаш хаотичен. Минатата година имаше шест промени на позицијата во првите десет болиди. Фернандо Алонсо е најдобриот стартер од водечките во генералниот пласман на возачи со просечно добиени 2,6 позиции при стартот на трката. Секако добрата стратегија бара и добра работа на механичарите во Боксовите. Во оваат категорија неприкосновени се механичарите на Ферари. Следат механичарите на Ред Бул, Лотус, Форс Индија,Мекларен.
За крај да не заборавите викендот во Монако почнува во Четврток, а не како на сите останати трки во петок.