Новиот адут на Ферари - Ф138
Денес во седиштето на Ферари, Маранело, беше претставен 59-от болид изграден од Ферари за учество во Формула 1 шампионатот. Како што веќе спомнавме, Ф138, своето име го добил од комбинација на тековната година, и бројот на цилиндри. Проектот, кој започна со кодното име 664, е прв дизајн по реорганизација на работните методи во Маранело, која започна пред неколку месеци, со создавањето на две различни групи на дизајнери: едните работат на овој болид, а другата група на сосема различниот болид за 2014 сезоната.Според инженерите на Ферари, Ф138 претставува нивно толкување на Техничките и Спортски прописи за оваа година, кои не се разликуваат многу од оние од минатата сезона. Затоа Ф138 може да се гледа како на еволуцијата на Ф2012, во смисла на неговите основни дизајнерски принципи. Секој дел е ревидиран со цел да се зголеми аеродинамиката на болидот, слабата точка на Ф2012.
Амортизацијата останува pull-rod на предните и задните тркала, потоа елементите на каросеријата се редизајнирани за да се овозможи промена на позиционирање на ауспусите. Задниот дел на болидот е многу потесен и поконусен во долниот дел. Конфигурацијата на предните и задните крила произлегува директно од последните верзии кои се користеа за Ф2012. Големо внимание при дизајнирањето на новиот болид било посветено на намалување на неговата тежина и зголемување на цврстината.
КЕРС-системот ја задржува својата локација во долниот централен дел на болидот, делумно со цел да се обезбеди максимална безбедност. Насоката на развој била во намалување на тежината и неговата големина, со истовремено подобрување на ефикасноста. Техничката соработка со Шел, доведе до понатамошен напредок на горивото и маслото, во насока на зголемување на ефикасноста и намалување на потрошувачката на моторот.
Според Ферари денес покажаниот болид до првата трка во Австралија ќе претрпи бројни промени, бидејќи сеуште активно се работи на неговиот развој. Трите тест сесии што следуваат, ќе им овозможат на тимот да го разберат однесувањето на Ф138 и неговото прилагодување на новите Пирели гуми.