Новиот болид со ознака VJM06
На патеката Силверстоун денес беше промовиран новиот болид на Сахара Форс Индија за претстојната 2013 сезона. Пол ди Реста, засега единствениот возач на овој тим, ја тргна покривката од VJM06. Од тимот истакнуваат дека болидот е повеќе еволуција отколку револуција, а отстранувањето на степенастиот нос е најочигледната визуелнa промена.Како и досега претставените 2013 болиди и VJM06 не изгледа поразлично од својот претходник, но секако под каросеријата се посветило внимание на секој детал во обид да се пронајдат повеќе перформанси.
Ендрју Грин, под чие раководство се одвива дизајнерскиот прогрес, рече:
"Тоа е сосема нов болид, сè е ново. Разговаравме за искористување на поголемите делови од минатогодишниот болид, вклучувајќи ја и шасија, но на крај се одлучи да не го правиме тоа. Најголемата промена која сите ќе ја забележите оваа година е сокривањето на степенастиот нос. Тоа е неутрална промена, но го регулира протокот на воздух над врвот на шасијата."
Пол ди Реста, задоволен од нов болид:
"Гледањето на секој нов болид за прв пат секогаш е посебно чувство. Го следев неговиот напредок во воздушниот тунел и тој изгледаше многу импресивно - агресивен и брз. Сега со нетрпение очекувам да седнам во него и да излезам на патеката и да видиме каде сме во споредба со нашите конкуренти. По зимата се чувствувам освежен и спремен да се вратам на работа."
Форс Индија VJM06 ќе биде придвижуван од Мерцедес мотори и менувачи обезбеден од страна на Мекларен веќе 5-та сезона, а ова ќе биде трета сезона со КЕРС-от на Мерцедес.