Во пресрет на Австралиското ГП да погледнеме што вели статистичката страна на Формула 1. Само двајца возачи воделе од стартот до крајот на трката во Мелбурн, а тоа се Михаел Шумахер во 2004 година со Ферари и Џенсон Батон во 2009 година со Браун ГП.
Новите ветерани во Ф1 се Џенсон Батон, 228 трки, и Марк Вебер, 36 години. Со повлекувањето на Шумахер, нема возачи од тековната 2013 сезона кои победувале во 90-тите години. Најстариот шампион, врз основа на првата освоена Титула е Фернандо Алонсо, кој беше Шампион во 2005 година. Тој има само 31 година.
Најстариот Победник на трка е Кими Раиконен, кој ја освои својата прва Победа пред 10 години во Малезија. Само по втор пат во историјата ќе имаме двајца Мексиканци на патеката, Серџо Перез и Естебан Гутиерез. Првиот мексикански пар кој се тркаше заедно бил Педро Родригез и Мозес Солана во далечната 1968 година. За прв пат од 2001 сезоната, нема да има Јапонски возачи на патеката.
ВОЗАЧИ
• Себастијан Ветел обезбеди Пол позиција и Победата во 2011 година и беше втор минатата година во Мелбурн, а тоа се неговите единствени два пласмани на подиумот. Претходно три пати мораше да се откажува од трката. Тој стартуваше од Пол позицијата во 2010 и 2011 година и секогаш се квалификувал во Најбрзите 10 возачи на Австралиското Гран При.
• Марк Вебер никогаш не бил на подиумот на неговото домашно Гран При во 11 обиди. Неговиот најдобар резултат е четвртото место од минатата година. Тој не блеска ни во квалификациите, а трката ја стартувал од првиот ред само еднаш, во 2010 година, кога ја освои втората позиција. Тој освојува поени во последните три трки, додека во претходните осум поени освојувал само два пати.
• Фернандо Алонсо во Мелбурн има четири пласмани на подиумот и тоа Победа во 2006-та, второ место во 2007-та, и трети места во 2004 и 2005 година. Тој освојува поени во последните 10 трки. Нема забележано Пол Позиција на Австралиското ГП, а започнал од првиот ред двапати, во 2006 и 2007 година. Има скор од 9-2 против своите тимски колеги во квалификациите.
• Фелипе Маса нема добри настапи на Алберт Парк. Тој има шест незавршени трки од 10 стартувани и има само еден пласман на подиумот, со третото место во 2010 година. Тој, исто така, само пет пати се квалификувал во најбрзите 10 и никогаш не поминал нити еден круг во водство на ова Гран При.
• Џенсон Батон има 3 Победи во Мелбурн, победувајќи три пати во изминатите четири трки, кога почнува да вози болиди со моторите на Мерцедес. Тој не се пласираше на подиумот во 2011 година, поради казната од возење низ бокс, по непрописното претекнување на Фелипе Маса. Тој стартуваше од Пол позицијата 2-пати, во 2006 и 2009 година, а во изминатите четири години секогаш се квалификува во првите четворица најбрзи возачи.
• Серџо Перез беше осми минатата година, откако стартуваше од 22 стартна позиција. Со добар старт беше 12-ти на крајот од првиот круг. Тој заврши на седмото место во неговата дебитантска трка во претходната година, но беше дисквалификуван поради технички неисправниот болид на Заубер.
• Кими Раиконен забележа хет-трик, Победа, Пол позиција и Најбрз круг во 2007 година, но не беше во можност да се искачи на подиумот во следните три трки. Тој има 4 пласмани на подиумот во Мелбурн и тоа три со Мекларен плус гореспоменатата Победа со Ферари. Тој не освоил поени само двапати, во 2004 и 2009 година, кога неговиот болид откажуваше. Кими Раиконен има скор од само 3-7 во квалификациите против своите тимски колеги.
• Роман Грожан минатата година го имаше дебитантскиот настап во Австралија, беше добар во Квалификациите ја освои третата стартна позиција, а веќе во шестиот круг од трката го имаше првиот свој од серијата негови многу озборувани инциденти.
• Нико Розберг ја забележа својот прв пласман на Подиумот во 2008 година кога беше трет со болидот на Вилијамс. Тоа остана неговата најдобра трка на Алберт Парк. Во изминатите две години тој имаше инциденти на патеката и тоа минатата година со Перез, што го чинеше 12-то место, а пред две години со Рубенс Баричело, кога не ја заврши трката.
• Луис Хамилтон по шест трки со Мекларен, на ова Гран При ќе дебитира за тимот на Мерцедес АМГ. Има 4 пласмани на подиумот, од кои само една Победа во 2008 година. Тој има две Пол позиции, во 2008 и минатата година, кога тој мораше да се задоволи со третото место по излегувањето на безбедносниот автомобил.
• Нико Хулкенберг има два настапи во Мелбурн и при двата трката ја завршува веќе во првиот круг, во 2010 година тој беше удрен од Камуи Кобајаши, а минатата година од страна на Вебер.
• Пол ди Реста има два настапи на Австралиското Гран При и во двата случаи заврши на 10-тото место. Во Квалификациите назадува, прво беше на 14-тата, а минатата година на 15-тата стартна позиција.
• Адриан Сутил има пет настапи во Мелбурн, во период од 2007-11 година. Има две незавршени трки, и два пласмани во Топ 10. Минатата година паузираше, откако го изгуби возачко место во Форс Индија. Оваа година повторно се враќа во истиот тим.
• Пастор Малдонадо нема освоено поени во двата негови настапи на оваа патека. Во своето деби во 2011 година неговиот менувач откажа, а минатата година излета во последниот круг обидувајќи се да држи чекор со Алонсо.
• Жан-Ерик Верн минатата година беше дебитант во Австралија. На квалификациите ја освои 11-тата стартна позиција, која ја претвори во 11-то место на трката.
• Даниел Рикардо минатата година ја имаше својата прва трка во Австралија, но тоа не беше негово деби на оваа патека. Тој дебитираше на тренизите во 2011 година. За разлика од својот тимски колега тој имаше подобар настап. Се квалификуваше на 10-тата стартна позиција, а трката ја заврши на 9-то место, освојувајќи два поени.
• Чарлс Пик во своето деби во Формула 1 со тимот на Марусија не успеа да ја заврши трката по проблемите со притисокот на маслото во неговиот болид. Оваа година ќе дебитира во тимот на Катерам, се надеваме со поголем успех.
• Естебан Гутиерез, Валтери Ботас, Гидо ван дер Гард, Жил Бјанки и Макс Чилтон се дебитанти на оваа трка.
ТИМОВИ
• Австралија не е среќна трка за Ред Бул. Само Себастијан Ветел успеа да се искачи на подиумот за нив, во два наврати, победа во 2011 година и второто место минатата година.
• Со три победи во последните пет години, Мекларен се изедначи со Ферари на тимови со најмногу победи во Мелбурн, по шест за секој од нив. За разлика од Италијанците, тимот од Вокинг покажува добра темпо во последните години на оваа патека. Статистиката е само за Австралиското Гран При одржано на Алберт Парк, т.е. без трките во Адеалаида. Ако се земат во обзир и тие трки Мекларен има 11 Победи, Ферари 7, Вилијамс 5.
• Ферари како што кажавме има ист број на победи како и Мекларен во Мелбурн, но тие немаат Победа од 2007 година со Раиконен. Од тогаш, имаат само еден пласман на подиумот со третото место на Маса во 2010 година. Последната Пол позиција исто така е во 2007 гдина со Раиконен, а минатата година двата болида не се пласираа во најбрзите десет болиди.
• Мерцедес АМГ покажуваат добро темпо во квалификациите во Мелбурн, но резултатите во трката им се друга приказна. Последен пат завршиле во поени во 2010 година, со Розберг на 5-тото место и Шумахер на 10-тото. Во изминатите две години нивните болиди не го поминаа финишот три пати од четири старта.
• Лотус има Победа тука како Рено во 2005 и 2006 година со Џанкарло Физикела и Фернандо Алонсо, а нивните последни пласмани на подиумот се во 2010 и 2011година со Роберт Кубица т.е. Виталиј Петров.
• Вилијамс има само една Победа во Мелбурн, и тоа инаугуративниот трка одржана тука во 1996 година со Дејмон Хил. Оттогаш, тие имаат шест пласмани на подиумот, последниот во 2008 година со Нико Розберг. Последните освоени поени се во 2010 година со осмото место на Баричело. На последните две трки не успеваат да стигнат до финишот на трката. Минатата година благодарение на инциденти, а пред две години по откажувањето на менувачот и на двата болиди. Аделаида за нив беше поуспешна патека.
• На Австралиското Гран при од останатите тимови поени освојувале само Заубер(21), Торо Росо(11) и Форс Индија(10).
Извор: Forix, најголемата база на Ф1 податоци и Аутоспорт.
2013 АВСТРАЛИЈА ГП: СТАТИСТИЧКИ СЕМАФОР
3/14/2013 08:22:00 PM
0
Share to other apps