Моторите на Мерцедес поевтини од Рено
ПРОМЕНИ НА ПАЗАРОТ ЗА МОТОРИ ОД 2014 П. ТИМ 2013-МОТОР 2014-МОТОР
1. Мерцедес АМГ Мерцедес Мерцедес
2. Ферари Ферари Ферари
3. Ред Бул Рено Рено
4. Лотус Рено Рено
5. Мекларен Мерцедес Мерцедес(Хонда од 2015)
6. Форс Индија Мерцедес Мерцедес
7. Заубер Ферари Ферари
8. Торо Росо Ферари Рено
9. Вилијамс Рено Мерцедес
10. Марусија Косворт Ферари
11. Катерам Рено Рено
Со трката во Монако, започнаа шпекулациите кој тим со чии мотори ќе влезе во V6 турбо ерата во Формула 1 мотоспортот. Најголем проблем е за тимовите кои ги користат Рено моторите, кои иако најслаби во КС се најскапите со вкупна вредност од околу 20 милиони евра и повеќе.
Конкурентите на Рено нудат пониски цени, а веќе објавивме дека прв тим кој ќе ги напушти е Вилијамс, кој треба да продолжи со моторите на Мерцедес за 2014 година.Сегашниот договор помеѓу Вилијамс и Рено истекува на крајот на сезоната, а шпекулациите говорат дека промената на снабдувачот со мотори се очекува да биде официјализирана на почетокот на летото. Тимот, како и сите останати тимови, настојуваат што побрзо да го затворат ова прашање, за инженерите да имаат прецизни информации во врска со новиот мотор, т.е. да бидат во можност да продолжат кон деталниот дизајн на болидите за 2014 година.(Update: Вилијамс со Мерцедес моторни единици)
Друг тим кој би можел да ги напушти моторите на Рено, се споменува дека е Катерам, но Тони Фернандез, ко-сопственик на овој тим експресно реагираше на овие шпекулации и изјави дека остануваат со Рено моторите и за следната сезона.
Но, не сите го напуштаат Рено. Торо Росо, кој е во сопственост на Ред Бул, се верува дека наскоро ќе излезе со официјално соопштение дека ја прекинува соработката со Ферари, и од 2014 година ќе ги користи моторите на Рено. Гласините кружат веќе неколку месеци, но изгледа дојде време тие да се официјализираат. Со оваа промена двата тимови на Ред Бул, ќе бидат придвижувани од Рено мотори во новата V6 Ф1 ера што следи од наредната сезона.
Алан Прост, бренд амбасадорот на Рено и член на Извршниот комитет, ги бранеше високите цени на овој француски производител на мотори:
"Буџетот на Рено Спорт Ф1 е 150 милиони евра годишно, поделете ја таа сума на четири тимови, и ќе видите дека Рено има голем придонес во Ф1 спортот."
Инфинити, одделот на Нисан за луксузни автомобили, кој е во тесна корелација со Рено, и е веќе главен спонзор на Ред Бул, следната година ќе ги плаќа моторите на Рено за овој тим, а за возврат бара своја поголема рекламна застапеност, па се размислува за ребрендирање на Рено моторите во Инфинити.
Ако се остварат овие прогнози, Рено, е во потрага по нов премиум партнер за рекламирање во Формула 1, а логично прв избор е поранешниот Рено тим, сега Лотус Ф1.