Валтери Ботас пресреќен со пласманот на Саботниот Подиум!!!
Себастијан Ветел со нова Пол позиција за Канадското ГП, продолжувајќи ја низата на три последователни први позиции за Ред Бул на патеката во Монтреал. По него следуваат Луис Хамилтон, кој ако ја имаше сигурноста во болидот на Мерцедес, лесно ќе беше најбрз и Валтери Ботас, кои најдобро ги искористија променливите услови, со постојаното варирање на дождот во текот на секоја од трите сесии.Најдоброто време за поставување на брз круг беше во почетните моменти на третата сесија по што дождот повторно се засили. Ветел и Ред Бул како по обичај го погодија вистинскиот момент и го постави најбрзото време од 1:25.425.
Q1
Тимовите ги започнаа денешните квалификации со скратени подготовки за подесување на болидите со само 30 минутен трет слободен тренинг. Со започнувањето на сесијата се врати и дождот на патеката, па возачите мораа да реагираат брзо и многу од нив излегоа на гуми за суво да постават брз круг, во случај дождот да засили. Гуми за суво и иако слаб дожд ја направија патеката лизгава, а тоа им даде шанса на малите тимови со добро "читање" на временските услови да имаат подобри пласмани од вообичаените. Температурата на патеката беше ниска, што значеше дека болидите нема да имаат многу грип. Имаше многу излетувања надвор од патеката, а најмногу при кривината 9. Како што одминуваше времето тркачката линија почна да се суши, а на возачите остана да одлучат дали финалните брзи кругови ќе ги возат на гумите за суво или ќе променат на интермедиа гуми. Тие што се одлучија за втората варијанта излегоа губитници, а тука беа Роман Грожан(со казната од Монако ќе стартува последен) и Пол ди Реста, кој веќе втора трка по ред не успева да ја помине првата квалификациона сесија. Според тимот на Форс Индија, тоа се должело на проблеми со менувачот на неговиот болид. Радост за Ботас кој конечно помина во наредната Q2 сесија.
Q2
Ситниот дожд продолжи да паѓа, а состојба на патеката остана многу тешка за носење на вистинските одлуки. Условите на патеката се влошуваа, па сите возачи мораа да се префлат на интермедиа гумите, а некои од нив помислија дури и на сините гуми за дожд. Возачите на Ферари никако не можеа да ги смират своите болиди, кои не беа послушни во нивните раце. Маса во обид да постави побрзо време и го избегне отпаѓањето во оваа сесија, при кочењето го изгуби задниот дел на својот болид приближувајќи се кон кривината 3, и заврши во заштитниот ѕид покрај патеката уништувајќи го болидот. Ова излетување на Бразилецот го предивика единственото црвено знаме на само 1:59 мин. до крајот на Q2. По продолжувањето на сесијата сите болиди имаа време за само по еден брз круг, а во коцкањето што следуваше своите настапи мораше да ги завршат двата болиди на Мекларен, Заубер, Малдонадо со Вилијамс и секако Фелипе Маса. Ботас повторно со добар круг и за прв пат со пласман во Q3.
Q3
Најбрзите 10 возачи повторно на интермедиа гумите, а временската прогноза најавуваше нов дожд. Меѓу првите возачи кои го завршија својот брз круг беше Себастијан Ветел, кој изби на првата позиција со речиси секунда предност пред Алонсо и Раиконен. За двајцата нив, важи истата приказна - возат болиди кои не ги трошат своите гуми на сува патека, што значеше дека при дожд не успеваат да ги загреат своите гуми и немаат грип на влажна патека. Следуваше Розберг со второ најбрзо време во тој миг, за потоа да биде симнат од таа позиција од Луис Хамилтон, а Валтери Ботас со уште еден одличен круг го постигна третото најбрзо време. Ботас, чиј тим не успеа да освои нити еден поен оваа сезона, ја задржа оваа стартна позиција до самиот крај на квалификациите.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Себастијан Ветел Ред Бул 1:25.425
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:25.512 + 0.087
3. Валтери Ботас Вилијамс 1:25.897 + 0.472
4. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:26.008 + 0.583
5. Марк Вебер Ред Бул 1:26.208 + 0.783
6. Фернандо Алонсо Ферари 1:26.504 + 1.079
7. Жан-Ерик Верн Торо Росо 1:26.543 + 1.118
8. Адријан Сутил Форс Индија 1:27.348 + 1.923
9. Кими Раиконен Лотус 1:27.432 + 2.007
10. Даниел Рикардо Торо Росо 1:27.946 + 2.521
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:29.269 Разлика
11. Нико Хулкенберг Заубер 1:29.435 + 1.786
12. Серџо Перез Мекларен 1:29.761 + 2.112
13. Пастор Малдонадо Вилијамс 1:29.917 + 2.268
14. Џенсон Батон Мекларен 1:30.068 + 2.419
15. Естебан Гутиерес Заубер 1:30.315 + 2.666
16. Фелипе Маса Ферари 1:30.354 + 2.705
Q1 Најбрзо време: Себастијан Ветел 1:22.318 Разлика
17. Пол ди Реста Форс Индија 1:24.908 + 2.590
18. Чарлс Пик Катерам 1:25.626 + 3.308
19. Роман Грожан Лотус 1:25.716 + 3.398
20. Жил Бјанки Марусија 1:26.508 + 4.190
21. Макс Чилтон Марусија 1:27.062 + 4.744
22. Гидо ван дер Гард Катерам 1:27.110 + 4.792
107% Време: 1:28.080