Тоа како да беше навестување за новите проблеми на Ред Бул, кои попладнето започнаа повторно. Компактниот дизајн на RB10 ги создава сите проблеми од првиот тест ден во Херез. Никако да го решат прегревањето на болидот, што не дозволува да имаат повеќе извозени кругови. Разликата е што на овој тест е отклучен максималниот капацитет на Рено ПЕ и загревањето се врати.
Лотус денес се пофалија дека смениле 120 нови делови на Е22, но сепак не функционираа многу подобро. Комплетираа само 31 круга, помалку и од Ред Бул. Нивниот нов издувен систем ги предвика проблемите, предизвикувајќи мала штета и на соседните системи на болидот. За утре, Лотус се враќа на претходниот издувен систем, со што очекуваат помирен ден.
Секако не е изненадување дека најбрзото време повторно беше забележано од болид со Мерцедес ПЕ. Овој пат тоа беше Форс Индија со Серџо Перез зад воланот на VJM07. Утрото главно било посветено на тестирање на Пирели гумите и собирање на податоци за сите различните смеши на располагање, проследено со неколку брзи стинтови за да се оптимизира подесувањето на болидот. Во попладневните часови се префрлија на долги стинтови и симулација на трка.
Валтери Ботас беше најзафатениот возач денес, комплетирајќи 128 круга, и го забележа второто најбрзо време. Тест програмата се состоеше од симулација на цела трка, со неколку брзи стинтови. Нивниот ден помина во најдобар ред.
Кими Раиконен и Ферари се секогаш меѓу побрзите, но никако да забележат најбрзо време. Утрината имаа мали проблеми, кои подоцна беа елиминирани, но како што напоменавме претходно, поправките одземаат многу време, па така Финецот имаше 54 круга зад себе, од планираните 100-на. Раиконен го предизвика последното црвено знаме на денот, со неколку минути до крај на сесијата, кога неговиот Ф14 Т запре на патеката. Со тоа беше завршен и денешниот тест ден.
Мерцедес АМГ и Мекларен го поминаа поголемиот дел од денот на симулации и подесување на болидот за трка, па затоа ги немаше меѓу најбрзите денес болиди.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА КРУГОВИ
1. Серџо Перез Форс Индија 1:35.290 105
2. Валтери Ботас Вилијамс 1:36.184 + 0.894 128
3. Кими Раиконен Ферари 1:36.432 + 1.142 54
4. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:36.624 + 1.334 89
5. Адријан Сутил Заубер 1:37.700 + 2.410 89
6. Кевин Магнусен Мекларен 1:37.825 + 2.535 109
7. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:37.908 + 2.618 39
8. Макс Чилтон Марисија 1:38.610 + 3.320 44
9. Дањил Квјат Торо Росо 1:39.242 + 3.952 55
10. Пастор Малдонадо Лотус 1:40.599 + 5.309 31
11. Камуи Кобајаши Катерам 1:42.285 + 6.995 19
Пирели од денес воведе нов начин на мониторинг на употребата на нивните гуми, со залепени термометар-налепници на нагазната површина од секоја поединечна гума. Тие ќе ја паметат максималната температура на гумите загреани со покривките. Пирели сака да се почитува максимална температура од 110°C, кој не треба да биде надмината пред гумите да дојдат во контакт со патеката. ФИА ќе треба да го контролира почитувањето на оваа препорака, како и притисоците и аголот на закосенот на гумата.